Култура

Тангенцијално за неизвесноста и несигурноста

(Кон романот „Шрапнел“ на Игор Анѓелков во издание на Или-Или, Скопје, 2020 година)

 Ретки се во нашава земја т.н. „романи со клуч“ кои по дефиниција би требало да ги кодифицираат ликовите или случките па така читателската публика самата би осознала за кого или за што се работи. „Шрапнел“ би рекол дека е „роман со клуч“, но не во таа насока. Говорејќи за субординарноста на нашиот реалитет, неговиот автор без резерва се предава на еден чуден процес на ресемантизација на социјалниот и општествен амалгам во сите нас. Лизгајќи се многу суптилно преку двете приказни и оние нус- појавните меѓу нив Игор Анѓелков подземно ја отвора онаа горчлива мапа на неизвесност која сите ние што побрзо би ја затвориле.

Игор Ангелков

Уште во почетокот, дури и со самиот наслов Анѓелков ни нуди едно хиперсемантизирано двојство на разорното оружје „шрапнел“ и Хенри Шрапнел, респектираниот британски офицер, неговиот изумител кој живеел на границата меѓу 18 и 19 век. Многузначноста на овој термин во овој слоевит роман започнува со шрапнелот кој го повредил дедото на авторот, а се раширува исто онака како што се раширува разорноста на ова оружје, низ психолошките трауми во понатамошните две приказни кои се посветени на релацијата татко и син и на сложената брачна костелација. Секако, она што е најинтересно и назагадочно низ овие страници е токму таа асоцијативна расфрланост каде имаме и уште една, мошне ерудитивно провлечена приказна за табуизирањето на хомосексуализмот кај нас во земјичкава, а имаме и мултисигнификантна цитатност скоро пред секоја глава, цитатност која е всушност еден вид на екстернална посвета од Ингмар Бергман, Јосиф Бродски, Вилијам Бероуз, Билјана Гарванлиева, Википедија, The Cure итн. Овие, на некој начин хиперболични допири ги доживуваме како книжевен метасинџир кој главните приказни ги влече во една сосема друга насока. Игор Анѓелков имал многу храбра намера да напише строго неконвенционален роман. Размислувајќи околу сето тоа ми се наметнува еден многу моќен цитат на големиот полски драматург и прозаист Станислав Виткиевич: „Во романот едно е фикцијата, а друго е реалноста. Не кревајте многу врева со фикцијата – можете да ја „победите“ и тоа не е никогаш доволно.“ Виткиевич целото свое творештво го посветил на т.н. „тотален театар“ градејќи драматски и стилски системи во кои се обидувал да опфати што повеќе од околностите и нивната значенска територија при градењето на драмскиот текст и неговиоте ликови. Помислата на сеопфатнста при романескната граѓа е голем предизвик. Во овие води се фрлил Игор Анѓелков покрај гореспоменатото намерение за неконвенционалност. Виткиевич напишал епохални пиеси воглавно имајќи ја симболистичката студиозност како заштита од евентуална недоследност. Овој автор создава еден вид на сложувалка во која двете нитки на ниво на приказна ги вмрежува во една сеопфатна наративна студија за модерните болести на светот и за нивната неизлечивост. Затоа во самиот наслов ја споменав таа тангенцијалност која пак, од друга страна е типична за уметници како што е Вим Вендерс или писатели каков што е Џорџ Сондерс. „Шрапнел“ проговорува со повеќе јазици и има една полифонична естетика која и пленува и иритира, вознемирува и наведува на размислување не толку за самата приказна колку за нејзините врски со Паркинсоновата болест, со Алцхајмеровата болест, со дехуманизацијата, со хипертензијата, со ослободувањето на умот, со вонбрачните врски, со минатото (1983 год.), со сеќавањата на старата Југославија, со дијабетес мелитус, со многу инцијации кои алудираат на минатото и сегашноста. И таа прилично сложена романескна конституција има за цел да не одведе во потрага по смислата на две важни работи во животот, а тоа се: љубовта и ангажманот. Имено, тие две наклоности создаваат две енергии кои се преплетуваат и го вообличуваат нашиот живот. Токму затоа се и тие две приказни имплицирани од релациите меѓу сопружниците и таткото и синот.

И да, секако таа лингвална полифонија побарува од нас цврсто јадро на концентрација затоа што семиотичката сложувалка може да не наведе на непотребната помисла дека овој роман е конфузен. Тука ќе се надоврзам за една многу индикативна и совршено продуктивна мисла на Џорџ Сондерс за кого се смета дека направил големо прогресивно поместување во формална и стилска смисла со неговиот роман „Линкон во Бардо“, т.е. еден цитат од неговиот есеј „Мегафон на мртвиот ум“: „Не плашете се од тоа да бидете конфузни. Обидете се да останете крајно конфузни. Се е можно. Останете отворени, засекогаш, толку отворени за да заболи, потоа отворете уште повеќе, се до денот кога ќе умрете, свет без крај, амин.“ „Шрапнел“ на Игор Анѓелков е на некој начин хаос со систем. Елементарната конфузија има корени во дисконтинуитетот на концентрираноста, додека конфузијата на Сондерс има силни семантички шеми. Токму затоа неговата проза е иновативна, а иновативна е и оваа проза на Игор Анѓелков. Таа чудна и напати ненаесетена тангенцијалност, тој суптилен допир врз глобалните предизвици и состојби, минималистичкиот наративен танц со блиското минато чии зачини многу тешко испаруваат од нашава, транзитивна сегашност и експерименталниот аспект на целата конструкција на романот не наведуваат на преиспитување на впечатоците и пораките што секоја глава од него ги еманира кон нашиот духовен хабитус.

„Шрапнел“ говори со многу јазици. Со јазикот на историјата, со јазикот на поезијата, со јазикот на фактографијата, но од се е најважно дека таа комплексна изразност се хибридизира на начин на кој ние самите во голем дел од нашиот живот се обидуваме да се анализираме себеси во лулката на микрокосмосот кој самите сме си го исконструирале или сме се подале околностите на не конципираат. „Шрапнел“ на накој начин зборува и за духовното рециклирање на нештата во нашиот живот што ги чуваме како реликвии, за остатоците од нивната тогашна вредност, за лебдечкото постоење во милјето на сегашните невидливи војни и што е најважно, за една несигурност од која, се чини дека најмногу се плашиме. Ние, како жители, како синови, браќа, сестри, сопрузи и можеби како интелектуалци.

И таа непоколеблива спонтаност која скоро во секоја глава овој многу интересен автор ни ја сервира како можна лечебност, како можно навраќање кон јадрото на нашето битие: „Дури откако нешто ќе загубиш, потоа му ја дознаваш вредноста. Плитка животна филозофија за длабоки душевни промени.“ Така ќе каже Игор Анѓелков во главата чиј цитат пред неа е од песна на Душица и Неделко Билкиќ „Не е злато се што сјае“.

Пораката на овој по многу нешта иновативен роман не е позитивистичка, не е поттикнувачка, но е прогресивна. А што е друго важно во книжевноста? Да се најде оригинален начин да се наведе читателот да помисли на она што го опкружува, но и на она што го поседува внатре во себе. Распрснувачкиот систем на „шрапнелот“ на Хенри Шрапнел има и една малку далечна конотација која е импликативна на формата на овој роман, а тоа е дека целата негова наративна комплексност е распрсната во молекули на грчевито анализирање на нас, нам, ним и на сите други. И тоа е, би рекол еден слој кој е најдалечен, но е присутен и не наведува нас читателите повремено да ѕирнеме низ страниците на „Шрапнел“ кога ќе се навлечеме на некакви промисли за многу аспекти од нашиот живот.

Рецензија на Сашо Огненовски

 

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *