Култура

Враќање без навраќање

(Кон претставата „Враќање“ во режија на Дејвид Глас во продукција на Српско Народно Позориште. Гл. улоги: Алиса Лацко, Александа Пејчиќ, Григорие Јакишиќ, Ена Ентина Гуцунски, Исидора Влчек и др.)

 Физичкиот театар е секогаш провокативен и инспиративен. Камерната претстава „Враќање“ на Дејвид Глас не навраќа токму на тој помалку подзаборавен театарски јазик, а тоа е јазикот на телото. Секако, физичкиот театар е на свој начин симбиотски најмногу затоа што низ движењето и мимот во себе ги синтетизира и останатите две круцијални дејствија – внатрешното и говорното. Оваа претстава говори за ововременските трауми и несигурноста и на социјален и на општествен план најмногу кај помладата популација. Се рааботи за двегодишен проект на Српско Народно Позориште од Нови Сад и ансамблот на Дејвид Глас кој после оваа инсценација треба да продолжи и понатаму. Земајќи го за инспирација ужасниот настан во Утоја и масакрот на Андерс Брејвик овој по многу нешта иновантивен режисер проговорува за апсурдните патишта низ кои се движи темниот продукт на компримираната негативна енергија кај малдите. Со завидна театрографија и со исклучително големо естетско чувство, овој режисер конципира претстава полна со симболи, но фокусирана на мал простор од чија тензија се раѓа една колективна актерска енергија која силно потсетува на енергијата на актерите на големиот Гротовски. Враќањето во Утоја значи и враќање на внатрешните стравови и напнатости, на нашите неисполнети желби и тенденции да се достигнат врвовите, на нашите изминати години кои никогаш нема да се вратат и на лошите соништа кои, во принцип ги отвориаат токму тие темни долапи на нашата потсвест и избиваат во ужасни настани кои пак, од друга страна цртаат една непријатна историја која исто така не може да се избрише.

Дејвид Глас во оваа режија ги потенцира физичките дејствија што значат иницијација и поткленување, храброст и гнев и целата таа партитура ја инпрегнира во една драматургија која во тој еден час претстава има и свој развој, своја катастрифа, но и свое многу поучно финале. „Враќање“ низ физичките делници говори за „враќањето“ кон „невраќањето“, т.е. за едно една тенденција да се собере храброст да се вратиме на она на што не сакаме да помислиме, да се пребира по сеќавањата кои сакаме да ги затрупаме, и конечно, да се отвори таа социјална и општествена дијагноза на навикнување на слепило во време во кое демократијата многу тешко се практицира, а со тоа и се дава простор на безидејноста на младите. Дејствието во оваа претстава се случува во имагинативен простор кој делува во ликовна смисла многу Пикасоовски, а во некоја рака потсетува на раниот Жан Кокто. Апсурдистичките ситуациии спреплетени на мигови низ телата на младите театарски уметници говорат за едно модерно сфаќање на театарската инспирација и инцијација. Секако, ова дело можело да се режира и со голема маса текст, но Дејвид Глас се одлучил за еден комплексен израз кој го вклучува и текстуалниот сегмент, израз кој низ компактноста на физичките дејствија генерира една силна семантичка структура која возбудува и остава мошне силен впечаток. Бројните сижеа кои се кријат под таа комплексна изразна шема не се однесуваат само на ужасниот настан на островот Утоја. Тие се однесуваат на застрашувачките закани од кои една моментално беснее меѓу нас и не признава далечина и недопирливост. „Враќање“ на моменти се навраќа на нашата биолошка база, на она од што секој од нас започнал и следејќи си ги пороците заборавил да се потсети на неа. Младите актери и актерки говорат со еден јазик кој балансира меѓу движењето и емоцијата, кој вешто комуницира со стилските изрази и се наметнува на публиката со еден несрушлив став што ја носи и онаа најважна порака, а тоа е дека човештвото е фрагилно и она што му е најпотребно е заздравување на духот.

Актерската екипа воодушевува со својата компактност, со енергијата и јасноста на својот израз и со длабоката емотивна исполнетост. Алиса Лацко, Александра Пејиќ, Григорие Јакишиќ, Ена Ентина Гуцунски, Исидора Влчек, Татијана Матеша, Урош Младеновиќ и Олга Перовиќ говорат со комплексниот јазик на очајните млади луѓе кои се длабоко опфатени од несфатеноста на сегашноста и енормно загрижени за својата иднина. Во нивната игра се препознава и тенката нитка на машкиот и женскиот принцип, како и искрите на љубов и недоразбирање. Се на се, еден актерски свет кој ветува големи имиња на српската и европската театарска сцена.

Говорејќи за визуелниот сегмент на оваа претстава би рекол дека тој делува совршено органично сообразувајќи ја својата мрачност со нејзиниот содржински контекст. Погоре спомнав дека претставата делува по малку Коктоовски, но нејзините апсурдистички елементи зборуваат дека во овој проект се пошло чекор напред воведувајќи ги тие Бекетовски депресивни орнаментики и тоа говори за една совршено присутна нишка на иновативност.

„Враќање“ на Дејвид Глас е извонреден процес на навраќањето кон вредностите на физичкиот театар. Убава е помислата дека овој проект ќе доживее уште поголем развој и дека ќе биде плод на уште посилно истражување во таа насока во театарската уметност. Изразните средства во театарската уметност се хибридизираат и се комбинираат. Физичкиот театар носи една неизбежна присутност која пружа палета од начини на обмислување на секоја тема. Тоа големиот театарски уметник Дејвид Глас, инаку ученик на школата наславниот Лекок и соработник на големи имиња од областа на театарот како што се Кетрин Хантер и Ен Мари Даф, совршено добро го знае и неговата аналитика е проминентна и препознатлива до крај, а транспарентноста на актерската умешност на младите актери и актерки донесоа на свет едно многу интерено дело достојно за секоја почит. Секако со нетрпение очекуваме да го видиме и следниот проект  кој со желба да не израдува со други возбуди на полето на физичкиот театар, еден стил за кој се надеваме дека после оваа претстава ќе иницира и други такви проекти.

Рецензија на Сашо Огненовски

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *