Култура

Мигот и илјадалетието

(Кон поетската збирка „Каква полза има човек од тоа едно утро да се разбуди на оваа страна од новиот милениум“ од Ким Симонсен во издание на ПНВ Публикации, Скопје, 2021)

 Читајќи ја оваа бескрајно инспиративна поетска книга во еден момент помислувам на тоа колку нашето присуство на оваа планета остава трага, колку нашите обриси кои ги оставаме во материјална и нематеријална форма ќе придонесат за иднината на некои други како нас кои никогаш нема да изгледаат како нас, но во своето јадро ќе имаат дел од нашите духовни и материјални атоми. Во таа насока си помислувам на тоа дека дишејќи низ моите ноздрви поминале честички од пепелта на кремираните големи личности, дека мали делови од тие честички се уште прошетуваат низ соковите од мојот организам и потајно сакам да бидат дел од него со надеж дека ќе делуваат на мојот духовен хабитус. Оваа тирада, како уводен исцедок на овој осврт кон исклучително специфичната поетска книга на Ким Симонсен и понатаму ме предизвикува да помислам на неговиот аналитички однос кон илјадалетието и континуираната полемика со нашиот најголем пријател и непријател – времето. Неговото философско стихување со емпирицистички налети создава песни чии пораки се лаконски, но многу точни и импактни. Имено, Ким Симонсен говори за етеричноста на егзистенцијата, за еден многу тајновит и не до крај спознат дијалог на човекот со природата, за една метафоричка конвулзија од чија стилска катарза читателот се буди полесен и пофлуиден, но не и со одговорени прашања. Од каде оваа контраверза? Во една прилика Артур Кларк ќе рече: „Понекогаш мислам дека сме сами во универзумот, а понекогаш мислам дека не сме. И во двата случаи идејата е прилично зачудувачка.“ Ким Симонсен низ своите стихови говори за два вида на присутност: сензорната и имагинативната. И за двата вида се послужува најпрво со материјалната присутност на човекот, а потоа со неговата духовна интерпретација за околината која е исто така материјалнa. Лудвиг Витгенштајн вели: „Границите на моите зборови се границите на мојот свет.“ Лингвалната имагинерија на ким Симонсен низ неговите стихови се чини дека повторно ја открива таа причинско-последична релација на триаголникот: време, простор и присутност, но низ состојбите зачинети со урбани митови, природни катастрофи и општествена хипокризија. Во тие собитија се кријат гореспоменатите контраверзи, така што сензорната присутност може лесно да биде измама за напнатото и вознемирено рацио, додека имагинативната создава некој нов свет од кој нема никаква „полза.“

Ким Симонсен

Ким Симонсен овој негов, би рекол, поетски манифест го дели на четири дела, додека неговите песни се без наслови, но го немаме чувството дека песните продолжуваат една во друга. Подобро би рекле дека се вмрежуваат на философско и стилско ниво. Во овие стихови овој мошне интересен поет говори за миговното присуство на човекот во просторот кој се заканува со својот бескрај да го разруши неговиот имагинативен тек:

„од стотици милијарди галаксии

со стотици милијарди ѕвезди во секоја од нив,

ние завршивме тука,

зјапајќи во оваа ѕвезда

што ја викаме сонце

носејќи ги овие очила,

што прават да изгледаш како Вуди Ален.“

Таа аналитичка патека Симонсен ја започнува со благо детектирање на внатрешната дистанца на човекот од она што значи лично негов миг во протокот на времето „стоејќи со голема брзина“. Секако, тој посегнува по ововременски, а понекогаш и по историски референци за да покаже дека нашето будење од сон кога станува збор за смислата на егзистенцијата е со тешка главоболка предизвикана од голем број на прашања. Тој се потпира на универзумот и се она што значи мистерија на бескрајните далечини од кои ние сведочиме само на нивните отсјаи (иако низ стихови кои во многу наврати имаат лирски призвук) многу прагматично говори за „ползата“ како метаболитички и дигестивен, но и духовен водич на „сите нас.“

Вториот дел од збирката веќе се потпира на некои историски факти и чинители, но најмногу се концентрира на светот кој е de facto „присутен“ до нас, над нас, а без исклучок и во нас. Во овој дел тој говори за една неизбежна биолошка и антрополошка интерференција на социјално и општествено детермираниот homo sapiens и низ миговни компаративни пасажи навлегува во едно луцидно толкување на природните текови кои се појавуваат и како несреќи и како откровенија:

„овој период од годината

кога лисјата

почнуваат да се распаѓаат

и дрвјата стануваат мрки

однатре

тогаш е сезоната на бубачките

времето кога се ќе заврши.

седам сам на еден трупец

и чувствувам како се ми се разјаснува.

се собирам како фетус

и се распаѓам

меѓу лисјата

во шумата.“

Ким Симонсен оваа стихувана рапсодија ја гради постепено, со кратки и прецизни стихови чии толкувања би можеле да бидат многу помасивни и покомплексни. Првиот и вториот дел се делови кои говорат за човековата духовна конципираност обвиткана од материјалната неизбежност и предизвикана од неизбежниот процес на рационална консолидација.

Третиот дел со себе носи една артистична референцијалност и акцентира еден готов, веќе „осмислен“ свет на човечки примероци кои се фрлаат во морето од здодевната дигестија обидувајќи се да направат ред и поредок главно со духовен и уметнички инструментариум. Читајќи го овој дел ја согледувам оправданоста на поетот од потенцирањето на „другата страна“ на милениумот:

„Хајдегер пишувал за тоа секојдневие

а светот ти зборува

низ досада:

низ млекото од твојата овесна каша,

мастилото од буквите на масата

со црвените и зелените,

празните шишиња од вино стојат наредени во креденецот

истечените догорчиња од свеќи во свеќниците,

смешно ниското салдо во банката,

телопот за вести кружи ( повеќе смртни случаи во арапскиот свет)

така се одвива овој ден

а и другите.“

Испреплетувањето на нашиот сензорен механизам со рационалните толкувања на она што значи духовна храна има кревка процесуалност. Ким Симонсен говори за тој вид на интерферирање предупредвувајќи на претераната напластеност од информации и нивните нус  појави. Конечно, тој низ целата оваа збирка говори за нус појавноста на слепото промешување на артифициелизацијата со биолошкит епроцеси. Според него природата е развој низ чии текови мораме да влеземе чисто, без предрасуди и без стравови. Рационалниот аспект станува ригиден во оној момент кога ќе настапат егоцентричните механизми. Артизмот во оваа поетска збирка е утеха, но и сарказам.

Конечно, четвртиот дел од оваа поетска збирка говори за таа имагинативност спомената на почетокот од овој осврт. Во овој дел Ким Симонсен ги отпејува дистописките остатоци од една цивилизациска недоследност, нешто што значело слика на еден одамна изминат реалитет за кој човекот многу често се запрашува дали бил дел од илјадалетието, дали макар еден негов зрак станал дел од универзумот за кој сите имаме различна слика иако гледаме во исти ѕвезди:

„сакам да изградам ѕид

од мали, квадратни, железни кутии

во мојата фантазија

и да направам архива на се што

овде заборавив.

збир од срцебиења

помеѓу минатиот

милениум

и овој.“

Навикнати да ја интерпретираме дистопијата како негативистичка иднина, во оваа поетска збирка се сретнуваме со една друга философија која се обидува да сублимира причини за зачувана меморија на реалитет кој бил круцијален дел од едно илјадалетие. Затоа Ким Симонсен и го споменува Тарковски, режисер чии режии се занимаваат со проблематизирањето на временскиот тек и трагите кои ги остава човекот во времето. Да, Симонсен се занимава со „ползата“ која не ја нарекува „придобивка“ туку еден комплекс од чуда создадени од човекот што би користеле за градење на еден нов миелниум, нова планета, ново време, нов простор, ново паметење.

Токму така. Оваа специфична поетска збирка со многу долг наслов говори за одблесоците на паметењето во милениумските временски слапови, за смислата и бесмислата на човечката продуктивност, како и за интактноста на биолошкиот и природниот циклус. Дали контраверзите на промешувањето на човекот со природата ќе останат само како инспирација или тие ќе изродат нови возбуди, се чини дека сите ние нема да го забележиме тоа од едноставна причина што сме сите преокупирани со самите себеси. Ким Симонсен предупредува на сето тоа.

Рецензија на Сашо Огненовски 

Автор:

Слични статии