Култура

„Страст за лутање“, 13.Биенале на млади уметници во МСУ

На 13. Меѓународното биенале на млади уметници со наслов „Страст за лутање“, во организација на Музејот на современа уметност – Скопје, кое почнува на 19ти мај ќе бидат изложени дела на повеќе од 30 локални, регионални и меѓународни уметници. Селектирани се дела на уметници од Македонија, Србија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина, Италија, Аргентина, Турција… меѓу нив, уметници, со стекнато образование на уметнички универзитети во Англија, ХоландијаГерманија, Словенија, Франција и Италија.

Биеналето ќе се отвора последователно на четири различни локации низ Скопје. Па така, на 19 мај, во 20 часот ќе се случи отворање на изложбената поставка во Музејот на современата уметност – Скопје. На 20 мај, во 20 часот, публиката е поканета да ги погледне делата на млади уметници, кои ќе бидат изложени во Природонаучниот музеј, додека на 21 мај, во 20 часот ќе се случи отворање во Музејот на Македонија. Изложбената поставка во зградата на Управата за хидрометеоролошки работи ќе биде отворена за посетители на 22 мај со почеток во 13 часот. Сите настани во различни институции ќе бидат придружени со музичка програма на која ќе настапат со свој диџеј сет Мартина Пенева, Aka Thesaur, Еми Ермилова и џез составот „Светлост“.

Целта на годинашното Биенале е да се прошири вон архитектурата на МСУ, вклучувајќи институционална соработка со Музејот на Македонија, Природонаучниот Музеј и зградата на Управата за хидрометеоролошки работи, степенувајќи ја важноста на овие простори, како примери за модернистичко архитектонско наследство на градот Скопје и на потенцијалот на тоа наследство, кој е насочен кон иднината и непознатото и кој повикува на талкање кон други простори и времиња.

Биеналето, како мултидисциплинарен настан е еден од значајните настани од областа на современата уметност, првенствено поради тоа што негова цел е да наоѓа начини и создава простори, преку кои ќе ги претстави најновите уметнички насоки на надоаѓачката генерација уметници и куратори. Биеналето го насочува вниманието на стручната и пошироката јавност кон делата на новите имиња на локалната и интернационална уметничка сцена, има за цел да ги поддржи и поттикне креативните иницијативи на уметниците и кураторите од новата генерација и, создава услови за нивно јавно изразување и развој на современата уметничка сцена“, вели кураторскиот тим на МСУ.

Биеналето на млади, освен изложбена, содржи едукативна и дискурзивна програма, со кои низ низа активности ќе ги препознае младите автори, ќе им овозможи да стекнат соодветно знаење, ќе ги инволвира во процес кој ќе ја профилира нивната работа и ќе им помогне во нивното натамошно ангажирање и претставување пред јавноста.

Во рамки на едукативно – дискурзивна програма ќе бидат организирани серија предавања и работилници посветени на млади куратори и уметници, како и предавања посветени за млади уметници, каде што ќе се претстават дела на уметници, кои излагале на биеналиња во последниве години и како тие можат да аплицираат и да се вклучат на некое биенале.

Автор:

Слични статии