Култура

Тектониката на женскиот принцип

(Кон претставата „Мојот маж“ по расказите на Румена Бужаровска во продукција на Југословенскиот драмски театар. Драматизација и адаптација: Димитрије Коканов. Режија: Јована Томиќ. Главни улоги: Јована Беловќ, Сања Марковиќ.)

 Збирката раскази „Мојот маж“ на Румена Бужаровска стана книжевна парадигма најмногу заради нејзиниот студиозен поглед врз духовниот хабитус на жената. Во овие раскази препознаваме многу аспекти на женскиот принцип, а најмногу на нејзиниот социјален контекст кој е многу вешто дисеминизиран во стории чија динамика и книжевен стил не ја оставија рамнодушна читателската публика насекаде во светот. „Мојот маж“ не е феминистичка збирка раскази иако Бужаровска се декларира себеси како феминистка. Овие раскази ја анализираат женската филозофија/феноменологија и од надвор и од внатре, т.е. нејзината социјална апорија во (се уште) априорно дизајнираниот „машки свет“, но и нејзините внатрешни конвулзии кои потекнуваат и од социјалниот статус, а и од интимните констелации кои понекогаш баш и не се зависни од машката доминација.

Румена Бужаровска напишала реалистични раскази со длабока сонда во искуствената ерудитивност. Токму затоа по оваа збирка раскази посегнуваат и театарските уметници. „Мојот маж“ во една година доживеа три различни инсценации (Драмски театар – Скопје, Словенски Народен театар – Љубљана и Југословенскиот драмски театар – Белград), три различни концепти, три различни начини на мислења што зборува за полизначноста на овие раскази, за една комплексност која нуди мноштво толкувања.

Кога станува збор за продукцијата на ЈДП, Димитрие Коканов, драматургот на оваа претстава и режисерката Јована Томиќ се одлучиле за дуодрама, за една драмска форма која има насушна потреба од динамика од едноставна причина што камерните театарски форми немаат други алатки со кои би го задржале вниманието на гледачите. Димитрие Коканов направил избор и од „Мојот маж“, но и од последната збирка раскази за Бужаровска „Не одам никаде“ (Осми март) креирајќи драматизација која опфаќа цела една женска духовна матрица ориентирана од мракот на урбаното секојдневие. Неговата драматизација диференцира два женски лика: интровертен и екстравертен тип на жена. Во оваа генерализирана поделба на ликовите во оваа адаптација, Коканов вметнал многу тага, задоволство, срам, радост и гнев. Неговата умешност како драматург креира органичен и компактен драмски текст каде главните протагонистки се две жени чии животни искуства карактерно ги диференцира, но и ги соединува во исто време. Различните типови на жени во расказите на Бужаровска во оваа адаптација се прелеваат во двете жени чија типизација е на ниво на еден Олби или можеби Пинтер. Коканов од расказите направил жив и динамичен дијалог чија сценска композиција воодушевува, но во исто време и ги потенцира сите оние дилеми и проблеми кои се конечно книжевното торзо на женскиот принцип.

Јована Томиќ гради многу јасна, концизна, и што е најважно, до крај чиста претстава. Овој квалификатив „чиста“ иако по малку наликува на општо место, сосема се однесува на нејзиниот цврст став и режиски конструкт кој е длабоко всаден во реалистичниот начин на согледување на адаптацијата на Коканов, но и на расказите на Бужаровска. Нејзиниот режиски концепт има солидно театарско ткиво однатре и целото нејзино режисерско кредо во оваа претстава е фундирано од едноставноста на тематските и актерски реалитети. Во оваа режија има нешто Бергмановско и Вудиаленовско во исто време. Јована Томиќ мошне мудро го извлекува суптилниот хумор кој Бужаровска го опишува, а Коканов совршено точно го подредува во своите дијалози. Во нејзината претстава публиката е гостин, а двете жени се домаќинки. Во секоја смисла. И како домаќинки какви се означени жените во некоја дехуманизирана првична асоцијација, но и домаќинки на настан кој има за цел да ги отвори нивните проблеми. Она што е сигнификантно во таа релација гостин – домаќин е токму почетокот и крајот на самата претстава во која актерките остануваат на сцената а публиката е таа која доаѓа и си заминува од претставата. Јована Томиќ повремено Пиранделовски ги наметнува тие рамки меѓу кои актерките оживуваат типови на „жени, мајки, кралици“ во најизлитениот облик на оваа исклучително деструктивна фраза, но во исто време ја гради таа кула од страсти, констернации и инсинуации во сложеното пулсирање на односот маж – жена. Сцените градираат до емотивен и филозофски врв, а драмската катастрофа низ растурените реквизити во куќниот ентериер и низ бучењето на правосмукалката е намерно задушена во една типично апсурдистичка ситуација низ која Јована Томиќ говори за една опасна и никогаш несолвирана цикличност на фрагилноста на женскиот принцип во „машкиот свет“.

Актерските остварувања на Јована Беловиќ и Сања Марковиќ се совршено остро и прецизно одиграни. Јована Беловиќ воглавно доловува ектравертни дами чии различни типови со својата актерска умешност успева да ги вовлече во лик на една жена. Нејзиниот артизам отсликува навидум „цврсти“ дами кои се насрчиле да го поразат секогаш неверниот маж/сопруг, дами чии персоналитети се рушат под напливот на ниските страсти, но и дами кои длабоко страдаат токму од машката ирационалност. Јована Беловиќ во сите свои сцени делува актерски моќно, со широк вокален дијапазон, но и со една придушена емотивност која ја одигрува мајсторски ставајќи и точка на „и“ на целата ролја. Јована Беловиќ во оваа улога одлично ја доловува онаа горчлива комика на жена која создавајќи лична дистанца кон својата лоша карма на некој начин тагува по недофатноста на нејзиното вистинско место во општеството.

Сања Марковиќ од друга страна креира емотивна и по малку субмисивна дама. Нејзината улога е натопена со солзи и тага и таа, исто така отсликувајќи повеќе жени во една, одигрува фантастични сцени од кои е антологиски, до крај емотивниот монолог од расказот „Лиле“. Сања Марковиќ обликува дама која повремено се предава на една наместена „надменост“, поточно една сосема поинаков актерски израз кој подоцна само го потенцира целиот тој субмисивен карактер на оваа ролја. Широкиот талент на Сања Марковиќ донесува точен до честичка модел на жена која е дијаметрално различен од оној на нејзината партнерка.

Актерските бравури се главното јадро на оваа претстава. Низ нивните струења и емотивни пасажи оваа претстава ја добива целата органика, т.е., го заокружува режискиот пат извонредно конципиран од младата режисерка.

Претставата „Мојот маж“ се одигрува на малата сцена на Југословенскиот драмски театар“ која како да е направена токму за оваа претстава. Огромниот кревет на средината на сцената, како и целиот базичен ентериер преполн со реквизити се окружјето каде се случува оваа комплексна театарска експлозија. Она што импонира во визеулноста на оваа претстава е костимографијата на Маја Мирковиќ чии костими фасцинираат со своето богатство на бои и деталји. На сето ова се придружува и динамичната и инспиративна музика на Лука Мејџор.

„Мојот маж“ во некои моменти совршено потсетува на едно од најмаркантните дела на Едвард Олби „Три високи жени“, дело каде една жена води дијалог со себеси во три различни доба од својот живот. Оваа адаптација е чекор подалеку: дуодрама на две дами кои во себе носат повеќе жени со различни дилеми и констернации. Румена Бужаровска напишала раскази со длабока драматика. Можеби и затоа нивната инсценација е театарски благородна и продуктивна. Дотолку повеќе атмосферата во оваа камерна претстава ви извлекува впечаток дека сте одгледале широко и богато театарско дело. И тоа е точно. Концизната режија, одличната адаптација и актерски длабоко доживеаните ликови носат фантастичен впечаток, но и испраќаат голема порака до сите нас, протагонистите на намерно или ненамерно лошо сфатени и одживеани родови релации, на сите наши лошо одиграни потези во никогаш до крај несфатената институција наречена брак.

Фотографии: Ѓорѓе Томиќ

Рецензија на Сашо Огненовски

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *