Култура

Времето како „лингва франка“

(Кон книгата поезија „Жолтата куќа“ на Вилијам Вол, издание на ПНВ Публикации, Скопје, 2021 г.)

Низ прочитот на оваа по многу нешта специфична поезија ми се протна еден исклучително сигнификантен цитат на Сенека кој вели дека: „Суровоста извира од слабоста“. Грамадната поетска збирка на Вилијам Вол „Жолтата куќа“ прави иреверзибилен круг на црните консеквенци од политичките турбуленции во Ирска вмрежени во лирски пасажи кои навираат како слапови од сентименти, чуден ламентетн верс со зачудувачка лингвална прецизност. Кога зборувам за прецизноста имам во предвид дека лирската поезија во своето јадро е крајно флуидна, но во оваа (би ја нарекол) концептуалистичка поетска збирка лириката е врамена во една глобална временска рамка и тлее како пламено „зрно“ низ епските стиховни пасажи скоро во секоја песна: „толку мало поместување во вселената/помеѓу битието и небитието“ (Како научив за љубовта). Книгата започнува од Жолтата куќа во Вајтгејт, куќата од детството на поетот која бил уништена од експлозија на плински боци во 2008 и завршува со бомбардираната Жолта куќа на Ван Гог во Арл, Франција од страна на сoјузниците на крајот на Втората светска војна во 1944 година. Останатите 47 песни меѓу нив се концептуализирани асоцијативно, стилски најмногу тежнеејќи кон метафората како споредбен механизам кој политичките констелации многу суптилно ги соочува со социјалниот момент стихувано, (како што кажав погоре) низ еден чуден лирски израз.

Вилијам Вол

Девет песни од оваа поетска збирка имаат исклучително ангажирани стихови и, се чини дека низ тие столбови од мали поеми Вилијам Вол го провлекува тој негов политички и социјално ангажиран немир внесувајќи интимни честички. Во историска смисла овие подолги поетски наметнувања делуваат бескрајно слободумно, но неговиот политички ангажман поставува и круцијални прашања чија суровост и неприкосновеност му дава една многу ригидна боја на целиот овој ракопис:

„ноќта кога Педи Галвин почина

го положија во Коноли Хол

мажи синдикалци сите до еден

градот дојде да го закопа својот другар

и половина од луѓето таму беа луди

и половина од луѓето таму беа сиромашни

и една друга половина што никој не ја виде

сиот тој народ во секоја доба

од крстот на Танер до Курагипејн

градот преполн очи будни

над реката – оловно небо

и некој запеа песна од Џејмс Коноли“

(Пет елегии)

Низ стиховите кои се слеваат еден во друг, на одредени места и заедно со насловот, прашањата на длабокото политичко и социјално лудило се модифицираат низ различни стиховни студии со референци каде што горливите пораки и поставените прашања од цивилизациски карактер креираат подземен манифест. Вертикалата на овие стихови која се извишува од интимните трагедии кон световните воени и револуционерни искушенија тргнува од Ирските топоними, сленгови и активизми па се до тетратките на Антонио Грамши во чии текстуални „рапсодии“ повторно се вклештуваат филозофските ориентири на капитализмот и комунизмот:

„ова е нашиот нов почеток

помеѓу планините и морето

ох толку моќен покров од облак

од Џенова ла Суперба

до Конемара

цела Европа под неговата сенка

го гледам разбеснетото секање а потем

го слушам силниот тресок и татнеж од

пукотниците на морето

каде си сега Антонио Грамши

кога имаме потреба од некој како тебе

и некој што ќе ја пее Bandiera Rossa

Soto vocce”

(Via Антонио Грамши)

Вилијам Вол низ ова вертикала ја надградува поетската соблазнителност нудејќи суптилна провокативност низ една друга, би рекол, субверзивна компарација во која влегуваат современите социјални катастрофи како што се страотните последици од масовните емигрантски бранови, но и постмоденото „преоблекување“ на еден поствоен период на Европа во Италија и неговата родна Ирска. Враќајќи се на асоцијативноста, овие стиховни лупинзи на Вилијам Вол иницираат кај читтелот еден процес на историско-мемориска преформулација. Тоа тектонско прередување на историјата овој суптилно загадочен поет повторно го прекројува во една лирска стиховна ткаенина за она што треба да постане облека за ревизионираното минато и неизвесната иднина да биде некаков плашт за покривање на новооткриениот срам на новото лице на автократијата заради беспричинската суровост:

„темнината се пробива како стилето нож

љубезното смеење ја лекува

раната

белите кошули

совршената фаланга од

чаши фалангина или бјанколела

мирис на секс во воздухот

влажноста сто проценти

пан до нимфеумот

и момчињата поминуваат покрај нас

во преполни панди

бучна passeggiata

во најбомбрадираниот

град во Италија

градот што прв се издигнал

и прв пропаднал“

(Слики од Италија)

Поетската збирка „Жолтата куќа“ низ горепсоменатата феноменолошка вертикала на еден стил кој на моменти наликува на Чарлс Буковски, всушност ја анализира историската збунетост и со промешувањето на локалната и глобалната фактографија низ сентиментот на стихот за кој имате првичен впечаток дека не запира (и дека цалата збирка е една песна) доловува еден свет на констернирана фактографија, а низ урбаната митологија и Ирскиот сленг го репромовира авантуризмот како политички луксуз кој води право во дистопија. Вилијам Вол не пишува депресивни стихувани памфлети, неговата поетска определба на политички ангажирана епика со тешки капки од исцедена лирика е визионерска. „Жолтата куќа“ е метаанахронизам кој продуцира застрашувачка цивилизација со длабоки феноменолошки и епистемолошки сонди во фактографијата. Оваа поезија е стилска „лингва франка“ на едно минато кое не е секаде исто иако припаѓа на исто тло. Споменувањата на „жолта куќа“ наведуваат на застрашувачки асоцијации и токму во фикционалната стихувана елипса на оваа слевита поетска збирка таа фактографија говори со јазикот на надежта и можноста. Вилијам Вол укажува на „можен“ свет, покажува со прст на една семантичка суровост која е далеку потоксична од онаа договорената и прагматичната, низ фактографската шема во неговите стихови предупредува на тоа дека иднината која колку и да е неизвесна, многу лесно може да биде предвидлива, но:

„кога тоа ќе се случи

се случува ненадејно

како одрон од карпа

брзо распрснување“

(Пет елегии)

И повторно навраќајќи се на асоцијативниот момент на поезијата на Вилијам Вол и реконципирањето на тој „можен“ свет, мораме да ја имаме во предвид и верата, не како религија, туку како спиритуален темел внатре, во духот. Поетската збирка завршува со жолтата куќа на Винсент ван Гог во Арл кој во една прилика ќе рече: „Да се верува во Бог за мене значи да се почувствува дека постои Бог, не мртов или полнет, туку жив … Тоа тогаш кога имам страшна потреба – дали да го изговорам зборот – религија. Потоа излегувам и ги сликам вездите.“ Погледот нагоре е потреба да се погледне дали она во што ние базично веруваме е отелотворено, еден спиртуален копнеж за кој Вилијам Вол проговорува секогаш после секој факт, после секоја референца во кој го распрчува и повторно го соединува човечкиот „фактотум“, неговата и духовна и прагматична дисперзираност, како и катастрофичноста од цивилизацискиот неуспех.

„Жолтата куќа“ не е политички ангажирана лирика, таа е епски стихувана „дисертација“ во која конфигурацијата на лириката е длабоко закопана во семиотички варијанти кои авторот ги нуди како отворени проблеми, а пораката не е една. Овој комплексен поет низ стиховите ја регенерира надежта испраќајќи мноштво од егзистенцијални пораки со емотивен предзнак. Затоа и на моменти наликува на Чарлс Буковски. „Жолтата куќа“ импонира со тивката и ненеаметлива стиховна растрепереност во чии атоми цврсто се вгнездиле политичката непостојаност и социјалната алармантност.

Секако, оваа стиховна авантура не се чита само еднаш. Таа провоцира најмногу со отворените прашања кои допираат до секој читател, а Вилијам Вол за можните одговри во една од најубавите песни во оваа збирка „Големиот хор на индивидуализмот“ сосема контрадикторно ќе рече:

„не заболе

ох ние едноставно не ни мислиме на тоа

знаеш едноставно не“

Стиховите на Вилијам Вол во „Жолтата куќа“ немаат големи букви (освен на имињата), немаат интерпункција и протекуваат како чиста вода меѓу своите природни брегови и се надоврзуваат еден на друг до последната буква, но го имаат иновативниот оган чија светлина и топлина ја разгорува читателската фантазија.

Рецензија на Сашо Огненовски

Автор:

Слични статии