Култура

Доделена наградата „Најуспешен автор и дело“ на 13. Меѓународно биенале на млади уметници

Тројца автори, Наташа Неделкова, Дарко Алексовски и Дритон Селмани, ја добија наградата „Најуспешен автор и дело“ на 13. Меѓународно биенале на млади уметници, што се одржа на тема, „Страст за лутање“. Наташа Неделкова е наградена за видеото „Ткива на идентитет“, за најдобра просторна и видео инсталација е награден Дарко Алексовски со делото „Never Not in Love/Никогаш незаљубен“, а Дритон Селмани од Косово се најде меѓу наградените за неговата скулптура, „No But No (or reverse) / Не но не (или обратно)“.

Dелото „Never Not in Love/Никогаш незаљубен“ на Дарко Алексовски

Оваа одлука едногласно ја донесе жири комисијата во состав Ива Димовски, историчарка на уметноста и ликовните уметници Велимир Жерновски и Јане Чаловски.

Како што соопштија организаторите, со оваа одлука се потенцира потребата од поголема изложбена застапеност на младите автори во музеите, поддршка во развојот на нивната уметничка пракса и потенцирање на потребата за уште посуштинско и критичко промислување на темите, кои овие автори во овој момент се подготвени да ги отворат и споделат со публиката.

Наташа Неделкова е наградена за видеото „Ткива на идентитет“

– Земајќи го ова предвид, жирито им честита на сите учесници на годинашната изложба и го потенцира високото ниво на продукција и концепциска релевантност кај изложените дела. Исто така, жирито сака да ја потенцира суштинската поврзаност на концептот „Страст за лутање“ (под кураторство на Артан Садику, Јованка Попова, Благоја Варошанец и Ива Димовски) со ефектниот модел на локациска дисперзија на биеналето со што се анимираат нови можности за презентација на делата и анимација на публиката, се посочува во соопштението.

Дритон Селмани од Косово и неговата скулптура, „No But No (or reverse)

Наградените автори ќе имаат можност да остварат самостојна изложба во Музејот на современата уметност во Скопје во 2022 година, со средства што ќе бидат обезбедени од годишната програма на Министерство за култура.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *