Култура

Крстопатите на судбината и иновативноста

(Кон романот „Суво мастило“ од Влaдимир Илиевски во издание на Македоника литера, Скопје, 2020)

Почетокот на дваесеттиот век донесува голем цивилизациски пресврт, како во начинот на живот, така и во начинот на промислувањето на човекот како општествено битие. Секако, огромна била разликата меѓу западниот дел на Европа и балканските ридести простори кои во добар дел биле опфатени од традиционализмот и декадентноста на Отоманската империја, но сепак, овој нов век и на тие меридијани ги донесе новите, прогресивни идеи чии одблесоци се рефлектираа на младите умови кои доаѓаа од тие предели. Романот на Владимир Илиевски „Суво мастило“ говори токму за тие авантури на младиот човек од овие поднебја низ возбудливите, но тензични европски престолнини. Судбинските крстосници носат и тага и радост, но најважно од се е тоа дека носат големи промени во начинот на мислење, во животниот циклус, во професионалните и интимни определби. Алберт Ајнштајн рекол дека „светот што сме го создале е процес на нашето мислење. Тој никогаш нема да се промени без промената на нашето мислење.“ Главниот јунак на овој роман Андон Цветков кој доаѓа од битолско трговско семејство го прави токму тоа: заминува во Дрезден за да го измени својот светоглед и да создаде од себе нов човек кој ќе го промени светот.

Романот на Владимир Илиевски не се занимава само со развојот на синот на битолскиот трговец Стамен чии тешки денови и за него и за целото семејство го натерале да го испрати својот син далеку од своето огниште во потрага по подобра иднина, туку се занимава со еден многу интересен и загадочен дијалог на две цивилизации, со турбулентните денови на новите пронајдоци, со судбинската благонаклоност и деструкција, со едно ново световно будење, со едно длабоко разбирање на модерното, на прогресивното на револуционерното. Овој исклучително талентиран прозаист развива прекрасна приказна за еден од најинвентивните личности на раниот дваесетти век, Едуард Пенкала, човекот чие презиме постојано го споменуваме кога ќе изговориме „пенкало“, за човекот кој покрај „пенкалото“ и „сувото мастило“ со кое пишува тоа, во својата листа имал уште осумдесет други пронајдоци без чија функција дури и денешниот, се повеќе виртуелен, дваесет и први век не би можел да функционира. Имено, двете животни приказни на Андон Цветков и Едуард Пенкала се вкрстуваат токму во срцето на Балканските простори, Загреб. Илиевски оваа релација ја развива како книжевна дихотомија на две биографии чија допирна точка е вриежот на судбоносните одлуки, но и преку една фантастична анализа на големото пријателство чии траги се далекусежни и допираат дури и до нивните потомци. Питкиот, но слоевит стил на овој автор задира и во минатото, но и во иднината на овие двјца големи пријатели низ умешната анализа на историските контексти кои низ дијалози и настани ги врамува во условувањто на нивните животни патишта. И Андон и Едуард доаѓаат од две различни средини. Илиевски во ова комплексно четиво од нивното крстосување прави вистинска епопеја истовремено водејќи грижа и за детализирањето кое е едно од најубавите бисери на ова позамашна проза. Транспарентноста на ликовите, одлично структуираниот тек на целата приказна, како и стилската стаменост прави „Суво мастило“ да има еден филмски од и од себе да исфрли една визуелност која плени и возбудува. Опфаќаји голем временски период таа приказна се плете и расплетува на цврст реалистички принцип, но со голема внимателност на авторот кон фактите и темелноста на историската оправданост. Владимир Илиевски биографската консеквентност многу умешно ја претвора во книжевни крв и месо. Се чини дека во секој дијалог и во секој опис тој го вмрежува тоа време на несигурност и неизвесност, време кое кај двајцата главни ликови и на двете места на Европа тече сосема поинаку, време во кое полека, но сигурно во воздухот се насетува мирисот на барутот.

Меѓу овие двајца интелектуалци има и една жена. Поточно, таа е иницијалната врска меѓу нив двајца. Имано, младиот Андон Цветков при своето доаѓање во Дрезден се вљубува во младата Емилија не знаејќи дека таа е веќе вљубена во друг човек, во Едуард. Токму тука се забележува оригиналноста на овој прозаист. Неговата проникливост ги води главните ликови во една животна сторија која за свое јадро го има она најубавото – пријателството. Мораме да имаме во предвид дека на границата меѓу деветнаесеттиот и дваесетиот век пријателството е благороден простор за просперитет и, би рекле, една голема духовна тврдина од која стамените личности успешно се бранеле од измамите и недостојностите. Сагата за семејството Пенкала, како и тешката судбина на нивниот голем пријател Андон Цветков се своевидна слика на бурниот дваесетти век, но и за една нестивната бунтовност на интелектуалците во тоа време чиј светоглед резултира со големи достигнувања како што се пронајдоците на Едуард Пенкала.

Низ перото на Владимир во овој роман насетуваме еден дух на Томас Ман, една стилска доследност на која, би рекол му прилегаат големи дела кои допрва би требало да ги прочитаме. Повторно навраќајќи се на ликовите, би констатирал дека заеднички именител на Едуард и на Андон е потрагата по ерудицијта за која и двајцата се премолчено согласни дека токму таа е она што треба да го придвижи светот напред. Илиевски овој извонреден спој на зрелост и интелектуалност го надополнува со еден сосема чуден однос кон животот: и Едуард и Андон оставаат да ги води животот, а не тие него, знаејќи дека еден ден некој ќе ја осознае нивната внатрешна логика. Затоа и генерациите кои остануваат после нив својот животен пат го градат токму врз тие темели. Писателот ги разделува овие двајца пријатели токму во оној момент кога на читателот му се чини дека нивното пријателство треба да пушти подлабоки корени за во третиот дел да ги открие вистинските причини за тоа. Токму затоа овој роман го има тој шмек на епопеја, на животни стории чија синтеза го сочинува цивилизациското животно искуство на почетокот на дваесеттиот век.

„Суво мастило“ во принцип говори за бесценетата вредност на човековата посветеност и хуманост. Андон Цветков кон семејните вредности, а Едуард Пенкала кон страста за пронајдоците чиј благодет го чувствуваме до денешни ликови. Ова наведува на тоа дека во преносна смисла овие два лика се еден лик чија совршеност би била многу неинтересна за анализа. Токму затоа Владимир Илиевски направил два многу комплексни ликови кои се надополнуваат во своите светогледи, но чија животна филозофија отвора многу дилеми за тоа време, но и прашања чиј општествен и политички предзнак не познава временска одредница.

Романот кој говори за иновативноста и покрај тоа што дише со цврст реализам по структурата на својата приказна е и тоа како иновативен. Владимир Илиевски првите два дела ги посветува на Андон и Едурад, додека третиот дел се занимава со нивната животна coda, структура која не наликува на роман река, туку на две животни судбини кои се спојуваат во нивниот најосетлив миг. Она што се случува во нивната заднин е бесмртната приказна за смислата на животот во времиња чија неизвесност е скапа и неизлечива. Исчитувањето на последната страница од „Суво мастило“ не значи и простување со овој роман. Неговта порака заедно со нашата животна приказна ќе не натер во еден миг повторно да го отвориме и да ја прецедиме неговата мудрост во нашето животно искуство.

Рецензија на Сашо Огненовски

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *