Култура

Седмиот филм „Кајмак“ Милчо Манчевски ќе почне да го снима на шести јули

„Кајмак“ е насловот на новиот, односно седми игран долгометражен филм во режија на Милчо Манчевски кој ќе почне да се снима од 6 јули во Скопје и во околината.  Станува збор за современа црна комедија или среќна комедија за две семејства кои се пристојни на почетокот, среќни на крајот на филмот. Претставува безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштина. „Кајмак“ по сценарио на Манчевски е европска копродукција, поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, како и од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватка и Бугарија и од паневропскиот фонд Еуримаж. Македонски продуцент е „Банана филм“, продуцира Јане Ќортошев, а копродуцент е и Македонската радиотелевизија (МРТВ).

„Кајмак“ е една безобразна комедија,  или среќна трагедија за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот на филмот, вели режисерот Милчо Манчевски. 

Говорејќи за симболиката на насловот, Манчевски на денешната прес-конференција рече дека сам се наметнал, но во една рака е буквален, оти често во филмот гледаме кајмак зашто ликот Виолетка (Ана Стојановска) продава кајмак на пазар, а Карамба (Александар Микиќ) секој ден купува од неа и затоа жена му (Симона Спировска) го кара.

„Се разбира, тука се сите симболики кои произлегуваат од зборот кајмак, како кремот, како најубавото, и како прашање што е всушност најубаво и за што вреди да се живее“, кажа Манчевски.

Говорејќи за жанрот, Манчевски рече дека смета оти секоја уметност создава измешани или комплексни чувства. Кичот создава едноставни чувства, вели тој.

„Пишувањето ми е местото каде најпрво се задоволува креативниот импулс и местото кое најмногу сакам да го посетувам. Најубаво покрај пишувањето ми е работата со глумци и монтажата. Ние скоро 2 години се здрвивме од работа да се напише филмот, да го исфинансираме, подготвиме о допрва не чека многу работа да се сними и да се пласира филмот, ама тоа е една многу слатка работа. Не само затоа што правиме една убава уметност туку затоа што ја имам таа чест и таа радост да работам со група на луѓе кои не се само талентирани професионалци, туку и добри луѓе. Животот е прекраток за да работиш со лоши луѓе“, рече режисерот. 

Во „Кајмак“ играат актерите Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски, Филип Трајковиќ, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов и Крсте Роџевски.

„Екипата е особено горда што во оваа најтешка пандемиска година, токму овој филм доби поддршка и од европскиот филмски фонд Еуримаж, што е несомнено огромна потврда за вредноста на проектот“, рече продуцентот Ќортошев.

Продукциски дизајнер е долгогодишниот соработник на Манчевски, Дејвид Манс од Велика Британија, кој рече дека иако одлично ја познава Македонија, секојпат има да се открие „нова планина, ново село, нова улица“. Директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, кој кажа дека „Кајмак“ има универзална и актуелна  тема за тоа дека различностите треба да се почитуваат и дека тоа не зближува и како луѓе и како современи култури. Кастинг директорка е Милка Анчевска, а костимографка Жаклина Крстевска. Македонија учествува со 48 проценти, додека 52 проценти од средставата доаѓаат од странство. Филмот ќе се снима на локации низ Скопје и во две села во околината.

Дански копродуцент на „Кајмак“ е Мета Луис Фолдагер-Соренсен, продуцентка на филмовите „Антихрист“ и „Меланхолија“ на Ларс фон Трир, како и на данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера“ и на „Сопругата“ со Глен Клоуз. Холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст која важи за една од најискусните холандски продуценти, со култни филмови како „Мандерлеј“, „Догвил“ и „Танчар во мракот“ на Фон Трир и „Се за љубов“ на Томас Винтерберг. Хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ, а бугарски Иван Дојков. Извршен продуцент е Ијан Прајор од британската „Скала продакшнс“. 

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *