Култура

Апологија на конзервативизмот во „Уште една тура“

Веројатно читателот би требало прво да го изгледа филмот, Уште една тура (во данскиот оригинал Druk, на англиски Another Round) на режисерот Томас Винтеберг со извонредниот Мадс Микелсен во главната улога, па потоа да се врати на овој текст. Бидејќи, покрај исклучителниот режисер и генијалниот глумец, филмот уште се закити и со Оскарот за најдобар странски филм во 2020, што секако додатно ги подигнува очекувањата и нема причини гледачот со радост да не започне да го гледа. Тоа што, верувам, со текот на филмот таа радост ќе премине во досада а потоа и во разочарување, е нешто сосем друго.

Веднаш да се разбереме: да не е заслужената оскаровска слава на Винтеберг и на Микелсен, филмот би можел мирно да се одгледа и да се заборави. Во секоја смисла, режисерска и актерска, тоа е занаетски совршено изведена приказна. Единствено што самата приказна, ајде да го кажеме тоа нескриено, е бесмислена. Има многу такви филмови каде возрасни мажи се однесуваат како приглупи момчиња, а публиката задоволно им аплаудира. Напамет ми паѓа, да речеме, популарниот, исто така овенчан со Оскар, Настрана (Sideways) од 2004 на режисерот Александар Пејн. Двата филма не ги поврзува само привидно централната тема на алкохол и опивање (што би било буквален превод на данското druk) и (машката) криза на средни години.

Како и четворицата јунаци од филмот на Винтеберг, главниот лик во филмот од 2004 исто така предава на училиште. Но, таа работа во училиштето за Мајлс Рејмонд (игран од Пол Џијамати) учителот по мајчин јазик и книжевност, е само очајно лоша замена за она што тој всушност би сакал да биде – успешен писател. Својата учителска позиција Рејмонд ја сфаќа како потврда дека промашил во животот, како печат на „лузер“. Тоа е сѐ што има да се каже за училиштето во Настрана (оригиналниот наслов жаргонски: „во бессознание од алкохол“). Во Уште една тура, пак, нештата со оваа тема стојат поинаку, па понатаму ќе зборуваме за таа просветно/педагошка страна на филмот, а во светлина на големите, по сѐ незаслужени пофалби на негова сметка.

Колку што успеав да прочитам, само критичарот од Гардијан напиша дека Винтеберг всушност не знаел што да прави со својата приказна и филмот го оцени како просечен. Останатите, напротив, пишуваат за Винтеберг поврзано со Догма, засега последниот вистински филмски манифест (од 1995), за неговите претходни големи филмови (Прослава од 1998 и Лов од 2012) и за импресивниот Микелсен, сите фалејќи го Уште една тура. Секако, ако одлучите да му се восхитувате на овој филм, сѐ друго мора да биде во прв план – освен неговата содржина. Ако не го игнорирате, во фокус мора да дојде училиштето како централно место во филмот. А Винтеберг околу училиштето и животот во Уште една тура навистина нема што да каже. Тоа е штета, бидејќи нештата ги уредил така што можел да каже многу за тоа, ако не баш точно тогаш сигурно провокативно.

На почетокот на филмот, по прологот со разџагорената младешка пијана забава, ги гледаме четворицата средовечни мажи околу раскошна трпеза, како се соочуваат со промашувањата и разочарувањата во своите животи. Колку и да е богата понудата на храна и пиење на масата, нивната тага и бол се потешки. Капнува и понекоја солза, бидејќи животот се покажал поинаков од она на што се надевале и што во младоста им се ветувало со оглед на нивните (како што ни се сугерира) големи потенцијали. Сето тоа особено важи за Мартин (Микелсен), оженет наставник по историја со два сина. Но, еднакво се разочарани и неуспешни и колегите на Мартин – наставникот по физичко, наставникот по музичко и училишниот психолог.

Ниту им оди како наставници/педагози, ниту се покажуваат како добри во приватниот живот – како партнери или родители, сеедно. Критичарите се склони филмот жанровски да го одредат како трагикомедија, но не успеваат да наведат барем еден навистина комичен елемент во приказната. Освен ако како комична не ја гледаат самата појдовна точка на приказната: четворица возрасни луѓе сакаат да проверат дали под постојано влијание на алкохол би биле подобри на работа, ако не и во животот воопшто. Тоа е егзистенцијален експеримент на кој предано му се посветуваат. Можеби тоа некому му е смешно, но ништо што се случува во приказната понатаму не предизвикува смеа. Напротив, наместо да се смее, гледачот зачудено се прашува – кому нешто вакво воопшто можело да му падне напамет? Да се работеше за четворица будали на кои им текнала идиотска идеја, тоа можеби би било основа за (траги)комедија.

Меѓутоа, ниеден од јунаците во филмот не е ниту одблиску глупав. Во што се состои основниот проблем: како четворица разумни личности може да се впуштат во еден вонредно бесмислен експеримент. Да земеме дека, заради приказната и уживањето во филмот, гледачот ќе ја потисне првичната неудобност поради лошо поставените нешта. Поготвен е да се помири и со втората баналност во филмот, бидејќи сосем очигледно е што режисерот сака да покаже: од една страна имаме средовечни мажи (што би било наместо нив да се работеше за четири жени, се прашува една резигнирана гледачка – дали и тогаш филмот ќе се натпреваруваше за Оскар и ќе победеше?) сите по ред разочарани во животот; а од друга страна стојат млади личности од нивното училиште кои со широко отворени очи и преполни надеж копнеат што поскоро да зачекорат во таканаречениот вистински живот на возрасните.

Ниеден од наставниците нема смелост на младите луѓе отворено да им каже дека животот не е она што мислат дека ги чека. Тоа е вистинската причина, а не недостатокот на алкохол во крвта, што тие лошо си ја работат работата. Четворицата едноставно не се подготвени да ја понесат одговорноста за светот во кој ги воведуваат децата, а училиштето би требало да почива на таа одговорност. Вистина, тие децата не ги ни лажат: едноставно, им зборуваат неважни работи и тоа во очите на учениците ги прави неважни и многу досадни. Тие се одважуваат наставните програми да ги отворат за реалниот живот кога се впуштаат во експеримент со алкохолот. Но, тоа го прават непромислено и погрешно – како може поинаку ако алкохолот и пијанството се поттикнувачи на промена на педагошкиот пристап? Наводниот пример за гласањето и можните манипулации на изборите, каде Мартин како наставник по историја (да, „учителката на животот“) им илустрира на децата дека светот не е она што изгледа дека е – не покажува ништо. Тоа е само (уште едно) слабо место во приказната што разоткива дека Винтеберг и неговиот сценарист Тобиас Линдхолм не се ни потрудиле содржината на филмот да ја направат смислена и поуверлива.

Како и да е, и таквите промашени но барем искрени (бидејќи – под влијание на алкохол!) обиди да се направи врска помеѓу наставната програма и (разочарувачкиот) свет надвор од училиштето прават децата одново да се заинтересираат за материјата и наставниците да им станат блиски. Само наставникот по музичко Петер (извонредно игран од Ларс Ранте, кој за жал, како и останатите во филмот, останува во длабока сенка на доминантниот Микелсен), навистина со едно момче ќе го сподели своето искуство (редовно пиење алкохол во терапевтски цели за ослободување од трема) и со тоа ќе постигне очигледен педагошки успех – поднапиеното момче опуштено ќе излезе на испит и ќе одговара за Киркегардовото сфаќање на анксиозноста и слабоста на човечките суштества. На тој педагошки и потенцијално наративен врв на филмот, ни се открива и самата негова порака – луѓето се слаби, но истовремено и способни да се подигнат по падот. Во тоа подигање понекогаш од корист може да им биде и – точно, алколохот. Училиштето е, излегува, чист вишок. Тоа е приказна за Оскар.

Аналогна на испитот е импресивната завршна сцена во филмот, кога Мартин/Микелсен танцува помеѓу пијаните матуранти што го прскаат со шампањ. Така, спектакуларно се затвора кругот од почетокот на филмот. Танцот е, секако, метафора за живот, а Мартин е, го дознавме тоа некаде на средината, врвен танчар, што и го демонстрира на крајот. Но, филмот „нѐ учи“, колку добро и да танцуваат, животот е непредвидлив и секому може да му се случи да падне, како што паѓа и станува и самиот Мартин. Така, филмот всушност завршува со банална метафора – Мартин занесено танцува на плажата, за во еден миг да се вивне во воздух како да скока в море. Но падот во водата не го гледаме, погледот на гледачот останува на замрзнатиот кадар на Мартин во лет. Животот треба да се живее без страв, сакаат да ни кажат режисерот, сценаристот и главниот актер, па ако не оди поинаку, тогаш против стравот може да се користи и алкохол. Училиштето, пак, за тоа нема што да каже. Односно, има: причините за страв се оправдани, светот не е пријатно место, а би можело да биде подобро, кога би се посветиле на тоа (и во училиштето). Звучи наивно и банално, нели? Алкохолот како (педагошки) лек изгледа многу подобро, зарем не? Наместо да го менуваат светот, наставниците од филмот ги проверуват позитивните влијанија на алкохолот.

Дали тоа Винтеберг склопил апологија на опивањето? И, истовремено – остра осуда на училиштето? Секако дека не. Немал храброст за тоа. Тој како да сакал да каже: животот е без врска, и со тоа сознание можеме да излеземе на крај само пијани. А всушност нема смелост ниту за толку. За да не го сфатат погрешно Винтеберг од еден од своите четворица јунаци го прави пијаница и го убива пред крајот на филмот. Значи: може алкохол, но со мерка и под строга контрола. Исто така може и училиште, каде контролата подразбира никако да не се говори за (исполнет) живот со навистина важни нешта. Како шампион на самоконтролата, Мартин го отелотворува и едното и другото. Да нема забуна, режисерот својата, по сѐ конзервативна и лицемерна порака ќе ја потврди и така што ќе посегне по класичен инструмен на поетска правда – Мартин, затоа што знае да процени и со мерка да се опие, како што знае и дека училиштето не е место за разговор за светот надвор од училиштето, Винтеберг ќе го награди со среќен љубовен крај. Така филмот не е ниту комедија, ниту трагедија, а ниту драма (а всушност до пред крајот е главно сериозна драма), туку е поприлично банална романса, со отворени педагошки амбиции, кои ниту има смелост да ги експлицира ниту умее да ги елаборира.

Но, Винтеберг не би бил голем режисер кога не би знаел да се извлече од наративниот јазол во кој самиот себе се заплеткал. Кога и да заглави нарацијата, Винтеберг во крупен план го става експресивното лице на Микелсен. А тоа лице може бескрајно да се набљудува. На Микелсен, и само на него, цврсто ќе се потпре и заклучната танцова сцена: читателот, додека го гледа неговото флексибилно и подвижно тело, просто заборава да се запраша за содржината и смислата на таа сцена. Откако ќе заврши, макар и со замрзнат кадар, прашањето на смислата сепак се враќа со полна снага. А единствениот одговор е – филмот просто не нуди ништо повеќе – сцената да се премота назад и да се одгледа повторно. Тоа е сосем доволно за на гледачот да не му биде жал што го погледнал филмот, но – за наградите би требало да е потребно повеќе.

Автор: Дејан Илиќ

Извор:  Pescanik

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *