Култура

Автоимуно самоуништување: Скопје стана град на пропуштена шанса!

Недостигот од визија за развој на Скопје е супституиран со незнаење и урбанистичко-архитектонски мобинг врз супстратот на македонската престолнина, оценува професорот Горан Марковски. 

Илјада и седумдесет граѓани починаа, а огромен број останаа без покрив над главата. Разорниот земјотрес утрото на 26-ти јули 1963 година предизвика многу семејни трауми, огромни човечки загуби и материјални штети, но во сета таа трагедија создаде и нова шанса: да се игради нов, модерен и функционален град, по мерка на неговите жители.

Педесет и осум години подоцна, дали Скопје навистина стана таков град? Ако се остават настрана емоциите на сите што живеат во него (најчесто поврзани со спомени за детството и младоста), оценката на стручњаците воопшто не е поволна. Градот Скопје денес едвај би добил преодна оценка. Шансата од пред 58 години не е искористена на правилен начин.

„За постземјотресно Скопје, пропуштената шанса подразбира неповратно изгубена можност, од потполно невпечатливо европско предградие да прерасне во град со свој и тоа светски препознатлив, идентитет“, вели д-р Горан Марковски, професор на катедрата за бетонски конструкции и мостови на Градежниот факултет на УКИМ.

„Пропуштената шанса  понекогаш може да значи неосвоен медал, неостварена љубов, за многумина нереализирана цел, за сонувачите мотив за бескрајно мечтаење. Исчезнаа визионерите, а со нив и визијата за дооформување на осмисленото градското јадро и на сето она што градот требаше да го направи вистински велеград. Испразненото место го зазедоа некои други, кои дезориентирани во маглата на сопствените заблуди, незнаење и деструктивна моќ, извршија урбанистичко-архитектонски мобинг врз супстратот на  македонската престолнина“, оценува професорот.  

Урбанистички егзибиции

Според Марковски, еден од проблемите е што транзицијата од еден во друг систем, во кој доминира приватниот интерес и капитал, ја дочекавме неподготвени. Како пример за тоа го посочува фактот дека првиот Закон за градење е донесен во 2005 година – дури 14 години по осамостојувањето на земјата. Марковски потенцира дека систем во кој личниот интерес прерасна во врвен и сѐ уште единствен приоритет, и кој нема оформени антитела на општествениот одбранбен механизам, од алчност почна автоимуно да се самоуништува.

„Се покажа дека приватниот капитал, особено во областа на градежништвото, поседува страотна моќ, дека по половина век од разорниот земјотрес почна да делува како негова своевидна антитеза – наместо со уривање, градот го разгради со опсесивно градење. Секаде и сешто. На секоја слободна пора од градското ткиво. На секоја сончева траекторија. Притоа, не водејќи сметка за заедничкиот интерес, за вистинските потреби, за одржливоста, климатските промени, сеизмичноста, за наследството што ни е оставено, за она што ќе го оставиме зад нас. Потклекна Скопје пред вирусот од шпекулативни и лукративни ГУП-ови, ЛУПД-ови, нарачани ДУП-ови и други урбанистички егзибиции, кои успешно се (зло)употребуваат како стекнато право и алиби за ѕидање нови урбани грдотии и за едновремено доѕидување на нечии финансиски кули, кои како трајни лузни на неговото тажно и изнемоштено лице ќе останат долго да сведочат за нашето постоење, цивилизациското ниво, за пропуштената шанса, за нас”, укажува професорот.

Не само што не постои концепт и стратегиска визија дали и во која насока треба да се развива градот или да се каже „стоп“ за градењето, туку заради т.н. нарачан урбанизам денес се загушени и последните „икони“ на градот. Пример за тоа е старата железничка станица, која наместо да се реконструира и да биде претворена во културен центар, денес е опколена од нови масивни објекти, стуткана и маргинализирана меѓу нив.

Целосниот текст може да се прочита на следниов линк: DW

Автор:

Слични статии