Култура

„Драги другари“ на Кончаловски, „Бенедета“, „Кво Вадис, Аида“, „Егзил“… вечерва на 20. Синедејс

Вечерва на програмата на 20. „Синедејс“, ќе се прикажат неколку извонредни филмови од светски познати автори.  Филмот на извонредниот Андреј Кончаловски,  „Драги другари“, „Dear comrades“ наместо во Градски парк, како што стои во програмата, ќе се прикаже во киното „Милениум“, со почеток во 22:30 часот. Овој руски филм премиерно беше прикажан на Венецискиот филмски фестивал, каде доби  специјална награда од стручното жири. Дејствието се случува во Новочеркаск, СССР. Јуни, 1962 година. Људмила, посветен член на локалниот одбор на Комунистичката партија, мрази сѐ што смета за антисоветско. Кога еден штрајк во локалната фабрика, во кој учествува и нејзината ќерка, ќе ги фати неспремни неа и нејзините колеги сопартијци, Москва решава да се вмеша. Како што ситуацијата излегува од контрола, Људмила тргнува во очајничка потрага по својата исчезната ќерка, соочена со полициски час, масовни апсења и безмилосните обиди на властите да го прикријат насилството. Нејзината некогаш апсолутна верба во партијата е разнишана од сѐ поголемата свесност за човечките жртви, комплетно разоктривајќи го светот што мислела дека го познава.

„Кво вадис, Аида“

Во Градскиот парк со почеток во 2030 часот, ќе биде прикажан филм „Кво Вадис, Аида“, Quo vadis, Aida? во режија на Јасмила Жбаниќ, филм кој ја претставуваше Босна во трката за Оскар. Босна, јули, 1995 година. Аида е преведувачка за ОН во малото гратче Сребреница. Кога српската војска го зазема гратчето, нејзиното семејство е меѓу илјадниците граѓани што бараат засолниште во кампот на ОН. Како инсајдер при преговорите, Аида има пристап до многу важни информации што треба да ги преведе. Што е на хоризонтот за нејзиното семејство и народ – спас или смрт? Кој чекор треба да го направи?

После два часа на истата локација во Градскиот парк, ќе биде прикажан филмот „Бенедета“ на францускиор режисер Пол Верховен, во продукција на Франција и Холандија. Филмот не носи во 17 век, а главниот лик е една калуѓерка во Италија , која страда од вознемирувачки религиозни и еротски визии. Таа има своја придружничка и односот помеѓу двете жени се развива во романтична љубовна афера.

Во паркот Ибни Пајко, филмот „Егзил“ на реѓисерот Висар Морина, кој потекнува од Приштина а работи во Германија е филм што досега има освоени повеќе награди на престижни филмски фестивали. Во филмот главен лик е Џафер, 45-годишен косовски фармацевтски инженер, кој живее во Германија, одеднаш се чувствува дискриминиран и понижен на работното место поради својата етничка припадност. Кога Џафер ќе најде мртов стаорец обесен на капијата пред неговата куќата, веднаш му е јасно дека тоа може да е дело на неговите колеги расисти. Секој настан, секој збор и секој гест ги толкува како доказ. Неспокојот на Џафер расте од ден за ден. Неговата сопруга, Германката Нора, е уморна од постојаното повикување на картата на расизам. Дали едноставно не им се допаѓа на колегите? Или постои друга причина зад нивното непријателство? Дали сето тоа се случува само во неговиот ум или е реално?

Во 23 часот на оваа иста локација ќе биде прикажан турскиот филм  „Мир и хармонија“ на режисерот Несим Јетик. Хикран, нејзината сестра Вилдан, и мајка им Дуду, водат сосема различни животи под ист покрив. Иако сите од нив се водени од единствени опсесии, имаат слични желби. Кога Дуду добива предлог за брак, сѐ тргнува наопаку.

Во кино МКЦ парк, со почеток во 21:30, ќе биде прикажан „Никаде посебно“ на италијанскиот режисер Уберто Пасолини, а во продукција на Велика Британија, Италија и Романија. Џон, 35-годишен чистач на прозорци, го посветува животот на воспитувањето на својот 4-годишен син Мајкл, бидејќи мајката на детето ги напуштила веднаш по неговото раѓање. Животот им е едноставен, составен од универзални секојдневни ритуали, живот на целосна посветеност и невина љубов, која ја открива силата на нивната врска. Но на Џон му преостануваат само уште неколку месеци живот. Бидејќи нема семејство на кое би можел да го остави, своите преостанати денови решава да ги помине во потрага по ново и совршено семејство што ќе го посвои Мајкл, обидувајќи се да го заштити своето дете од страшната реалност. Во киното „фросина“ со почеток  во 19 часот, ќе биде прикажан филмот од еко-програмата „Активист“ во режија на Петери Сарио. Активистка е приказна за модерната Јованка Орлеанка во која решителната тинејџерка, 15-годишната Риика Карпинен од финска Лапонија, започнува битка против една од најголемите рударски компании во светот. Таа се бори за иднината на своето родно село и за извонредното блато заштитено од Европската унија. Риика не сака да им дозволи на постарите да донесуваат одлуки за помладите и избира да влијае преку политиката.

Билетите за 20. CINEDAYS чинат 100 денари, за сите концерти и филмови, освен за филмовите од POP-UP кино, кои се бесплатни.

Со секој купен билет за филм, имате и пропусница за cinEmusic програмата предвидена за тој ден.

билети: www.bileti.mkc.mk

 

 

Tagged with:

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *