Култура

Филмската возбуда во топлите денови на 20. „Синедејс“

(Кон дваесеттото, јубилејно издание на филмскиот фестивал „Синедејс“ одржан во Скопје од 15 – 21 јули 2021 г.)

 Магијата на филмот е незаменлива. Како хибридна, оваа тн. седма уметност секогаш ја носи возбудата на прв поглед, со првото одгледување на секое уметничко дело создадено од мистиката на филмскиот кадар. Дваесеттото, јубилејно издание на годинешниот „Синедејс“ се одвиваше на отворен простор (со мали исклучоци заради временските неприлики) заради околностите со пандемијата, но тоа временско и просторно дислоцирање донесе една специфика по која и ќе се памети овој фестивал. Големата посетеност не изостана, а секако и доживувањето кое го пружија местата на проекциите во Градскиот парк, паркот пред МКЦ, Ибни Пајко, а посебно интересни беа проекциите на брегот од малото езерце токму во градскиот парк.

„Синедејс“ во ова свое јубилејно издание, се чини имаше повеќе програми од било кога, а најголемиот куриозитет на ова издание беа филмовите кои доаѓаа од годинешниот Кански фестивал, во исто време кога се прикажуваа и таму, што зборува за една исклучителна актуелност на овој прекрасен филмски фестивал. Така, ексклузивно, после неколку дена од својата гала премиера на Кан, на отворањето на „Синедејс“ беше прикажан мјузиклот на Леос Каракс „Анет“, а во Гала програмата се најде и избор филмови од годинешниот Кан: „Меморија“ на Апичатпонг Версетакул, „Бенедета“ на Пол Верховен“, Грипот на Петров“ на Кирил Серебреников,  и „Три ката“ на Нани Морети. Оваа програма беше најобемна и во нејзините рамки можевме да ги видиме и филмовите кои ја одбележаа 2020 година, како што се оскаровците „Земја на номади“ на Клое Жао и „Минари“ на Ли Ајсак Чанг, номинираниот за Оскар за интернационален филм „Кво вадис, Аида?“ на Јасмила Жбаниќ, како и извонредниот „Драги другари“ на големиот Андреј Кончаловски. Тука секако се најде и вториот филм на италијанската режисерка Ема Данте од минатогодишниот Венецијански фестивал „Сестрите Макалузо“, како и сјајниот режисерски обид на актерот Виго Мортенсен „Пад“.  Деветте програми на фестивалот донесоа сјајни филмски креации и голема синемтаична авантура за публиката. Официјалната програма на годинешниот „Синедејс“ во селекција на Бернд Будер ја сочинуваа пет филмови: „Ане ја нема“ на шпанскиот режисер Давид Перез Санудо, „Збогум СССР“ на Лори Рандла, „Спирала“ на Сесилија Фелмери“, „Корзиканско лето“ на Паскал Тањати и „Улиште“ на Блерта Башоли. Исто така во официјалната „СЕЕ програма“ се прикажаа филмовите: „Во сенките“ на турскиот режисер Ердем Тепегоз, бугарскиот филм „Збогум, Џони“ на Константин Буров, „Мир и хармонија“ на Несими Јетик и „Човекот со одговорите“ на Стелиос Камитсис.

Она што предизвика најголем интерес беше присуството на големиот унгарски режисер Бела Тар кој одржа и мастер класа на фестивалот, а беше прикажан и еден од најдобрите негови филмови, филмот „Хармониите на Веркмајстер“ по сценарио на познатиот унгарски писател Ласло Красанхоркаи. Бела Тар е еден од најинтересните европски режисери кој скоро сите свои филмови ги режирал по сценарија на Краснахоркаи од кои еден од најголемите е неговата филмска епопеја од цели седум часа „Сатантанго“ работена по неговиот истоимен роман. Неговите последни филмови „Човекот од Лондон“ работен по истоимениот роман на Жорж Сименон и „Турински коњ“ повторно по сценарио на Краснахоркаи се филмови кои беа едни од најзабележителните на Берлинскиот и Канскиот фестивал во 2007 и 2010 година. Бела Тар е особено важен заради правецот на т.н. „социјален филм“. Неговите рани филмски дела се посветени на малиот човек и на социјалните теми, додека подоцнежниот период во неговите филмови го карактеризира неговиот циничен и сатиричен, но и песимистички приод кон човековото битисување.

„Бенедета“ на Пол Верховен

„Синедејс“ и во другите свои програми донесе многу интересни филмски остварувања како што се: оскаровецот „Уште една тура“ на Томас Винтерберг во програмата „Lux audience award“, а во истата програма се најдоа и филмовите „Телото Христово“ на Јан Комаса, како и документарниот филм „Колектив“ на романскиот режисер Александар Нанау и двата номинирани за Оскар во 2019 и 2020 година. Секако, на прекрасниот амбиент на брегот на езерцето во градскиот парк на последниот филмски ден публиката имаше можност да проследи и тринаесет кратки филмови, единаесет во македонска придукција, еден од Хрватска и еден од Велика Британија. Интересна ревија на млади филмски ентузијасти чија инспирација и ангажман на филмското платно оцртаа прекрасни, чудни човечки стории која беше надополнета со избор од кратки филмови од британската филмска и телевизиска награда БАФТА.

Секако дека во најинтересните сегменти на еден фестивал се и оние, придружните настани, а оваа година тие беа посветени на филмската музика, два проекти од кои едниот под наслов Living music во раководство на македонската композиторка со светско реноме Дарија Андовска, а другиот како предавање за македонската филмска музика на професорот на Интернационалниот уметнички универзитет Еуропа Прима, Александар Трајковски.

Официјалната програма покрај филмската публика ја проследи и тричленото жири кое го сочинуваа: Славко Собин, хрватски актер, Зејнеп Атакан, турска продуцентка и Маризела Розети покрај главната одговорна и за наградата Luz award. Главната награда, „Златната ѕвезда“ за најдобар филм на годинешното, јубилејно издание на „Синедејс“ беше доделена на филмот „Улиште“ на режисерката Блерта Башоли за која жирито говори дека на воодушевувачки начин пренесла една вистинска приказна на филмското платно, додека наградата на „СЕЕ програмата“ „Златно сонце“ отиде кај филмот „Мир и хармонија“ на Несими Јетик, моќен женски филм со цврста и органична приказна.

Специјалната проекција на ова издание на „Синедејс“ беше најновата комедија на Вуди Ален, „Фестивалот на Рифкин“, лежерна комедија која за своја тема, покрај љубовниот триаголник го имаше филмот, па така за првпат овој голем филмски режисер изгради една комична приказна полна со цитати од големите филмски режисерски имиња како што се Годар, Бергман, Буњуел и други, а неа и се придружи и проекцијата на краткиот филм на Педро Алмодовар „Човечкиот глас“ со Тилда Свинтон во главната улога работен по истоимената монодрама на Жан Кокто.

„Синедејс“ е еден од најинтересните филмски фестивали во регионот, фестивал кој во текот на својата седмица живее со сите сегменти на филмската уметност, фестивал кој оваа година знаеше рестрикциите заради висрусот да ги претвори во квалитет и убаво доживување. И временскиот период на одвивање во оваа година е полн погодок со оглед на тоа што фестивалот имаше огромна посетеност, а и самиот избор донесе големо филмско доживување. Искрено се надеваме дека актуелноста на содржините на овој фестивал, како и сериозноста на селекциите во сите програми ќе го донесе во повисоките категории на меѓународни фестивали каде што во иднина ќе очекуваме многу звучни имиња од областа на седмата уметност. „Синедејс“ одамна ја помина својата полнолетност. Ова издание блескаше со зрелост, сериозност и цврстина. Годините што доаѓаат ќе донесат уште поголема возбуда и филмска страст.

Сашо Огненовски

Автор:

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *