Култура

12. „МакеДокс“ е веќе докажана успешна приказна

Фестивалот на креативен документарен филм, „Македокс“ и оваа година се покажа како пионер во она што значи да се организира успешен филмски фестивал во време на пандемијата со Ковид 19.  Уште лани, кога речиси сите филмски фестивали се одржаа он лајн, или со скратена програма, колку да се одбележи, (а таков беше примерот со ИФФК „Браќа Манаки“) се одржа со публика и со сите планирани содржини. (овој пример го следеше потоа и „Синедејс“). Оваа година пак, „МакеДокс“ беше прв културен настан на кој посетителите мораа да покажат сертификат за примена вакцина. Но, и покрај сите овие нови моменти, фестивалот си течеше во најдобар ред, публиката ја имаше во доволен број како и изминатите изданија, тука беа и многубројните гости од повеќе земји во светот, се одржаа и сите планирани настани, а тука се, освен проекциите, се панел дискусиите, МакеКоПроДокс форумот за кој трите модераторки беа на фестивалот, разговори со режисерите,  дружења по проекциите, кратко кажано, МакеДокс вклучува се што треба да има еден фестивал. На четири локации, Куршумли Ан, Музеи на Македонија, МКЦ и МСУ, од 19 до 26 август, на 12. издание беа прикажани повеќе од 70 документарни остварувања во пет натпреварувачки категории. (главна програма, нови автори, кратки документарни филмови, студентска програма, етички идеи). Фестивалот се отвори со канадскиот краток филм „Џукели“ во кој главните јунаци беа 750 кучиња во прифатилиште за кучиња скитници во Мароко а потоа се прикажа  германскиот „Луѓето од гаражите“ каде е прикажан еден феномен во постсоветска Русија, а тоа се гаражните населби. Во овие лимени гаражи луѓето го исполнуваат нивното време со најразлична креативна работа, но највпечатлива беше онаа на Виктор, кој во својата гаража ископал дури 4 нивоа во длабочина.

Оваа година Земја во фокус беа филмовите од Украина, кои не уверија во подемот на документарниот филм во оваа земја, пробивајќи се високо на светската документаристичка мапа, за што сведочат многубројните награди по светските фестивали. „Дождов никогаш нема да запре“ беше првиот од вкупно десетте филмови кои се прикажаа на фестивалот. Овој филм зборува за бегалец од Сирија, кој во Украина повторно се соочува со воен конфликт.Филмот „Колку подалеку толку подобро“, го потенцира размислувањето за слободата, за она што значи таа и кој како ја сфаќа. Приказната во филмот е за еден 33 годишен богат Германец со семеен бизнис во Германија, кој одбира да живее на украинските Карпати, грижејќи се за  загрозената врста на биволи. „Портрет на заднината на планините“ е свет од фотографии снимени од Параска Плитка-Хорицвит во рок од 30 години од лицата и местата во едно село каде живеела, а биле пронајдени од стррана на уметници од Киев во 2015 година. 

Голем интерес предизвика филмот „Сава“ на британскиот режисер Метју Сомервил и монтажа на Македонецот Горјан Атанасов а сценариото и нарацијата во филмот е на легендарната Мира Фурлан, која почина во јануари оваа година, а живееше и работеше во САД. Фасцинацијата доаѓа од фактот што оваа река е долга 990 км и тече во поделените југословенски држави.

„Идејата на филмот е да ја претстави реката како нешто што повеќе ги поврзува луѓето отколку нивната национална припадност.  Во него зборуваме за Југославија, за Европската Унија и работи што се користат за луѓето да се идентификуваат преку нив.

На 12. „МакеДокс“ беа доделени пет награди и четири специјални признанија:  наградата „Кромид“ за најдобар филм од главната програма ја доби „Рентгенска снимка на едно семејство“ на Фирузе Хосрованис. Специјално признание од истава програма доби „Гунда“ филм за една свиња- мајка со нејзините бебиња, во кој како и во филмот „Џукели“ се слушаше само јазикот на животните. „Млад кромид“ за „Нови автори“ ја доби „Дида“ на Никола Илиќ и Корина Швингрубер Илиќ а специјалното признание од истава категорија го доби „Помирување“ на Марија Зидар. Најдобар краткометражен филм е „Играта на Роман Ходел“ во кој е прикажана нова перспектива на фудбалот, а специјалното признание му припадна на „Парченца Рај“ на Анджеј Сичоцки. Најдобар студентски филм е „Веќе никаде не се чувствувам како дома“ на Вив Ли, а жирито во состав Јулија Коваленко, Питер Зах и Ингибјорг Халдорсдотир потенцира дека „овој филм ни даде можност да искусиме длабока тага и носталгија кон домот, комбинирајќи го тоа со иронични моменти“. Специјално признание во студентската програма доби „Си беше еднаш една младост“ на Иван Рамљак. Наградата за филм со најдобри етички идеи ја доби „Луѓето од гаражите“ на Наталија Јефимкина.

Tagged with:

Слични статии