Култура

12. МакеДокс со 70 наслови на документарниот филм, стави акцент на најновите европски остварувања

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во своето 12-то издание ќе се одржи од 19 до 26 август во Скопје. Фестивалската програма ќе се прикажува на четири локации, и тоа во Куршумли-ан, Младинскиот културен центар, Музејот на современата уметност и Музејот на РСМ. Фокус на 12. „МакеДокс“ е дистрибуцијата на документарниот филм со посебен акцент на промоцијата на филмовите на фестивалите низ Европа.

– Мото на фестивалот е „Каде одиме сега?“, бидејќи во изминативе две пандемиски години сите имавме желба за патување или барем да се помрднеме од место, но сите бевме вкоренети на едно исто место. Таквата состојба не поттикна да размислуваме околу тоа што сега да направиме и да се преиспитаме како ќе продолжиме да живееме понатаму – истакна Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот „МакеДокс“.

Филмската програма на 12. „МакеДокс“ содржи над 70 документарни остварувања во пет натпреварувачки категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентска програма, како и програмата Етички идеи. На фестивалот ќе се доделат пет награди, а во комисиите за награди членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет. Надвор од компетиција, но значајни фестивалски програми се Земја во фокус – годинава тоа е Украина и Програмата за деца и младинци.

Планирано е годинава да има околу 30 гости од странство. Сите филмови ќе бидат прикажани на филмско платно и нема да има онлајн проекции. Исклучок ќе бидат активностите поврзани со работилниците, мастеркласовите и МакеКоПроДокс форумот, кои сепак, ќе се одржат онлајн.

Фестивалот ќе биде отворен на 19 август во Куршумли-ан со документарниот филм „Луѓето од гаражите“ на режисерката Наталија Јефимкина од програмата Нови автори. Во рамките на истата програма ќе бидат прикажани 10 филмови, а меѓу нив се и два документарни филмови што беа развивани на МакеКоПроДокс форумот во текот на изминатите две години. Главната програма содржи 8 филмови, во селекцијата на Кратки документарци влегоа 17 остварувања, а во Студентската програма ќе бидат прикажани 7 филмови. Во програмата за деца и младинци ќе бидат прикажани 20 филмови, од кои 9 ќе бидат кратки анимирани филмови од Норвешка, како и три кратки филмови од документарната школа „Докуникулци“ на „МакеДокс“.

Земја во фокус е Украина и ќе бидат прикажани 10 нови документарни филмови, а на фестивалот ќе гостуваат и автори на филмовите.

– Последните неколку години Украинците како вистински војници напредуваат на светската документаристичка мапа правејќи силен пробив на фронтот на најважните светски фестивали за документарен филм, освојувајќи бројни награди и големи симпатии од филмската критика и публика со својата најнова документаристичка продукција, секако, поддржана со засилена промоција од најзначајниот украински фестивал за документарен филм Docudays UA International Human Rights Documentary Film Festival и Украинскиот Институт – посочи Петрула Велјановска, дел од програмскиот тим на „МакеДокс“.

Во индустрискиот сегмент на фестивалот, кој ќе се одвива онлајн, предвидени се мастерклас со Хајно Декерт, еден од најуспешните европски дистрибутери на документарни филмови, како и работилница за пичинг на документарни филмови, која ќе се одржи на 17 август, пред почетокот на фестивалот.

Централно место во индустрискиот сегмент зазема третото издание на МакеКоПроДокс форумот, што ќе се одржи од 23 до 25 август. Форумот ќе се одржи онлајн, а присутни во Скопје ќе бидат модераторите Хеле Хансен, Бриџит О’Шеа и Зејнеп Ѓузел.

– Главна цел на форумот е развој на стратешки план за зголемување на копродукциите на документарните филмови меѓу балканските земји. Форумот вклучува претставници од 12 регионални филмски агенции, документарни здруженија, документарни професионалци и 10 проекти во различни фази на продукција избрани преку отворен повик – објасни Сара Ферро, координаторка на МакеКоПроДокс форумот.

Меѓу значајните сегменти на фестивалот се „Разговорите под смоквата“, кои ќе се одржуваат секој ден од 18 часот во Куршумли-ан.

Дванаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Град Скопје, Гете институт Скопје, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Украина во Република Северна Македонија, Здружение на Украинци во Република Северна Македонија во име на Лесја Украинка, Норвешка амбасада Белград, Норвешки филмски институт, Француски институт Скопје, Амбасада на Кралството Шпанија, УНИЦЕФ, СПОНА, Амбасада на Република Чешка и Чешки културен центар Софија.

Медиумски покровители на 12. МакеДокс се Слободен печат, Нова Македонија, МТВ – Прв програмски сервис, МКД.мк, УМНО, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Плагиј.ат, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Его, Поп-ап, Види Вака и Гледај.мк.

Сите програмски активности на фестивалот ќе се одвиваат според протоколите што ќе важат од 16 август 2021 година.

Согласно протоколите, нема да можеме да одобриме акредитација, ниту да одобриме влез во фестивалскиот простор, доколку не биде ставен на увид доказ за вакцинираност.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *