Култура

Маѓијата на руралната митологија

(Кон збирката раскази на „Заорани“ на Лилјана Пандева, издание на ОНВ Публикации, Скопје, 2021)

 Селото секогаш е во дослух со традицијата, а традицијата низ народниот гениј ја раѓа таа зачудна митологија која својата специфика ја инспирира и од земскиот живот, но и од она што значи народна фантастика. „Заорани“ е збирка раскази која ја отвора мапата на Мокрино, село со недоброј ликови и настани, со еден колективен животопис кој плени со карактеристиките типични само за тие луѓе, само за тие страдања, само за тие биографии напишани како палимпсести, врз претходно забришаните, но со многу траги некои друго генерациски позиционирани ликови и дејанија. Лилјана Пандева оваа збирка раскази ја пишува со полно писателско срце, со еден широко раскрилен талент, со колоритна реченица, со стил, кој ги отсликува настаните во ова село и од дамнина, но и во денешно време на најдобар можен начин, со приод кон оваа специфика со длабока емоција и со длабока аналитика и порака која ја прави ова книга антологиска.

Оваа збирка раскази ја читате двапати. Еднаш да го доживеете целиот тој Мокрински микрокосмос, а еднаш да ја метаболизирате во себе, во своето животно искуство, да ја впиете таа семантика и да и ја подарите на се она што во вас значело копнеж, тага и радост. Книгата започнува со таа страшна чума од која селаните на Мокрино морале да се заораат за да се спасат себеси од таа опака болест. Но, „Заорани“ е и една метафизичка симболика низ која низ понатамошните раскази Пандева ја раширува таа дамнешна тешка рурална животна приказна. Таа, спуштајќи ги тие вертикали длабоко во историјата и компарирајќи ги со ововременското систематско губење на селото и како топоним и како начин на живот отсликува цивилизација полна со страдања и радости, со страсти и љубови, но и со зла крв без која не може ниедно живеалиште. Она што плени во онтолошка смисла е литерарната тактичност на Пандева која, иако не ги распоредува своите раскази по некој редослед, многу неосетно го вовлекува читателот во таа комуна, во таа регија со досега невидени историски случки, за на крајот од самата книга да го одведе во современиот контекст на тоа парче земја како тој навистина би го воочил згаснувањето на животната радост на руралните предели. Тоа, на некој начин не наведува на помислата дека ова би можело да биде и роман, и повремено се чувствува тој навев на една поголема компактна проза, но тоа се тие феноменолошки врски на ликовите (кои повремено се повторуваат од расказ во расказ) кои потсетуваат на духовитите и тажните настани во прозата на Петре М. Андреевски, тоа е  една литерарна еклектика од чии честички избиваат конекции на ликовите кои не потсетуваат, туку се конструираат како модели. Пандева во оваа збирка раскази е од друга страна поразлична од другите автори, чии дела се инспирирани од селото, по тоа што таа уникатноста на фолклорното богатство ја вмрежува во настаните кои ги опишува во своите раскази. Така, „колбите“, тие стаклени белегзии типични за тој крај, се вградуваат во една тажна приказна за двете сестри Ана и Макрина во расказот „Колби“, така и кутрата Дана се вивнала во митовите како расказот „Белата Дана“, така и бабицата Муга го разгалила и самиот бег со својата умешност во расказот „Бабин ден“ , така и многу настани во оваа прекрасна збирка раскази осцилираат во времето и во митот баш „ткаејќи“ сага за Мокринската цивилизација, за еден народ кој сигурно не наликува на ниеден друг, но кој ја носи митологијата и руралниот искон и совремие најмногу низ ликовите и настаните. Секој од овие 23 раскази е свет за себе, но сите заедно прават констелација која Пандева многу умешно ја врамила во литерарен свет чија органика е нераскинлива.

Читајќи ги овие раскази имате впечаток дека било кој од нив доколку би го немало во книгата, би недостигал иако, како што споменавме тие не се a priori поврзани. Лилјана Пандева расказите во оваа книга ги поврзува со тенките интимни и историски врски меѓу ликовите кои ги претставува многу живописно, колоритно. И бабицата Муга, и ткајачката Софа, и Белата Дана, и кутрата Стамена која станала Камена, како и несреќната Каранфила се комплексни ликови опишани во само неколку реченици, но со сите свои катактеристики. Лилјана Пандева кореспондира со животворноста на руралната средина. Многу од овие ликови и случки се вистинити. Таа документатистичкиот контекст многу умешно го претворила во огромен книжевен квалитет. Многу се истакнува потресната приказна во расказот „Голиот војник“ за грчкиот војмик го запаѓа во селото и за неговата чудна, но многу чувствителна сплотеност со семејството на Илија, една историја која има филмска динамика, но и историја која говори за една генетска кореспондираност на Лилјана Пандева со овој исклучително уникатен крај.

„Заорани“ зборува со јазикот на смртта. Но, тоа не се црни хроники. Лилјана Пандева, иако многу контрадикторно го користи тој метафоричен јазик на смртта, говори за овој конгломерат на ликови кои имаат голем копнеж за живот, ликови чија стаменост и одлучност се огромни. Тоа се ликови, кои испишувајќи ја својата интимна приказна, зборуваат за тоа дека животот е предизвик и дека нивната судбинска поврзаност е всушност таа која ја гради колективната генеалогија, а со тоа и руралната митологија. Авторката на крајот од својот прв расказ, своевиден вовед во оваа сјајна рустикална историја, ќе ја формулира таа филозофија на Мокринци, како специфичен народ со специфична култура. Таа вели дека тие: „си го чуваат Мокрино во своите меланхолии, носталгии и таги, но секогаш заорано во нивните срца. Остануваат таму каде што се. Моркинци. Заорани.“

Заорувањето е првиот процес, после кој следи посадувањето, а тоа значи зачеток на некој нив живот. Мокринци во збирката раскази на Лилјана Пандева постојано започнуваат нови животи, но не ги фрлаат во заборав оние кои физички згаснуваат. Низ настаните и приказните, низ преданијата, овие ликови повторно се раѓаат, излегуваат од прозаичноста на секојдневието за да се вивнат во пределите на народната мудрост, за да му објават војна на сиромаштијата и несреќата од демографското опустошување, за со својата носталгија да го повикаат оној кој прочитал, малку и да поживее и да ја почувствува убавината на нивната мистика. Лилјана Пандева оваа рустикалност ја раскажува со незаборавни мигови, со една духовна колоратура чии реминисцентни акценти се колективни фотографии со неизбришлива вредност.

Лилјана Пандева на македонската литература и подари антологиско дело. „Заорани“ е збирка раскази кои ќе останат во таа ризница како што останале „Неверни години“ на Петре М. Андреевски, како што останала бесмртната „Пасквелија“ на Живко Чинго. „Заорани“ е дијаметрално различна по својот начин на промислување на селската феноменологија, но е слична со овие наслови по стилското вообличување на настаните и ликовите, со суптилната антрополошка симбиоза на галеријата на ликови кои ги сретнуваме само тука и никаде на друго место. Оваа збирка раскази е плодно тло за повторно враќање на анализата на спецификата на македонската рурална цивилизација, за нејзините неоткриени карактеристики, но и за неоткриениот начин на живот кој Лилјана Пандева го опишува со огромен број на детали, со колорит кој нема да ви дозволи да се разделите со книгата, со емотивност која протекува од секоја реченица со мудрост чија бесмртност избива во слапови.

Секако, „Заорани“ е збирка раскази која допрва ќе ги искачува високите скалила на пантеонот на македонската книжевност. Лилјана Пандева создала книжевно дело кое возбудува, плени, но и замислува.

Рецензија на Сашо Огненовски

Автор:

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *