Култура

Волшепството на стихот

(Кон 33-то издание на Поетските ноќи во Велестово)

 Поезијата е мудрост на јазикот, крик на душата и порака на цивилизацијата. Стихот секогаш го повлекува оној судбински потег од чии последици се придвижува тектониката на човештвото. Заветот кој го создава поезијата е секогаш нескршлив и вечен. Поетските ноќи во Велестово се фестивал чија посветеност на стихот е митска и маѓиска. Во тие ноќи високо над езерскиот брег, во пазувите на Галичица, во прекрасното Велестово секој крај на август се изговоруваат маѓичните стихови чие ехо останува испреплетено во гранките на дрвјата, пронесено низ тивкиот ветер во тие летни ноќи кои полека ја најавуваат есента, истркалано низ тесните сокачиња кои на своите краеви откриваат колоритен рустикален пејзаж и донесено во меморијата на сите оние кои дошле на средсело “кај чешмана“ или на малата висорамнина „кај каменон“ или пак крајпатно, покрај фантастичната црква од 15 век Успение на Света Богородица. На овој фестивал беседеле најголемите македонски поетски имиња од формат на Матеја Матевски, Михаил Ренџов, Анте Поповски, Петре М. Андреевски итн., а своите стихови штедро ги распослале и големи светски поетеки величини.

Фестивалот, кој како што забележа неговиот идеен творец, поетот Славе Ѓорго Димоски на неговата Исусова возраст и оваа година, и покрај пандемијата која никако да стивне, на своите верни посетители (кои понекогаш знаат да бидат во огромен број така што да зафатет и добар дел од патот кон Охрид) им понуди одлични поетски читања, настап на сјајни поетски имиња од нашата замја, а и од светот.

Првата вечер на фестивалот е секогаш резервирана за чествување на еден голем македонски поет. Оваа година тоа беше чествувањето на Ристо Лазаров, големо македонско поетско име, поет со повеќе од триесет поетски збирки, од таа негова фамозна „Ноќна птица во паркот“ во далечната 1972 година, па се до оваа, триесет и четвртата, насловена како „Лилјаци“; поет добитник на високи награди за својата поезија, од „Млад борец“, „8 Неомври“ и „13 Ноември“, па се до престижните „Ацо Шопов“ и „Браќа Миладиновци“. Пред чествувањето, свој настап имаше талентираниот гитарист, младиот Мартин Милески кој исполни неколку нумери од својот албум „Colosseum full of emotions”.

Она што беше монументално во оваа поетска вечер беше извонредната беседа за делото на Ристо Лазаров на професорот Димитар Пандев кој иако ја преземтираше нејзината скратена верзија проговори мошне слоевито, комплексно, со длабока и исцрпна анализа на инспиративните, тематските и стилските патишта на поезијата на Ристо Лазаров. Тој осврнувајќи се на неговиот поетски јазик вели дека „во прв ред поетската мисла на Ристо Лазаров претставува превреднување на завременети поетски симболи низ осовременето стилско жариште, а понатаму, попрецизно, тоа е компромис од процес на сопоставување и подредување на одделни идиоматски фрази специфични за македонскиот јазик со други, современо инфилтрирани фрази, најчесто калкирани или целосно зајмени од други, првенстевно западноевропски јазици и функционално приспособени како жаргонизми во речникот на односната генерација, т.е. како одраз на сознавње на една нова култура, почнувајќи од нејзините префинетости, па искрајно, се до некои помодно восприемени културни девијации.“ На сјајната беседа на професорот Пандев се надоврзаа стиховите на Ристо Лазаров од неговата нова поетска збирка „Лилјаци“, стихови во чии пораки се крие се уште незгаснатата револуција на интелектуалецот, на уметникот на пишаниот збор, на вечниот книжевен бунтовник Ристо Лазаров, поет чиј дослух со колосалното дело на Цепенков е епохален, а неговиот книжевен ангажман есенцијален. Тоа беа стихови кои публиката имаше можност да ги чуе во интерпретација на актерот Илија Цонев, но и изворно, во интерпретација на самиот автор. Таа прекрасна, прва вечер на Велестовските поетски вечери беше надополнета со одличната изложба на слики и мозаици на Славко и Никола Упевче во просториите на црквата Успение на Света Богородица.

Втората и третата вечер на Велестовските ноќи беа посветени на интернационалните и домашни поети чии читања се одвиваа во кафе барот „Шила“ во Охрид и на прекрасниот предел во близината на Велестово т.н. „Кај Каменон“. Вечерта во „Шила“ импонираше со својата интимност и неформалност, вечер во која ја имавме ретката можност да ги проследиме поетски читања на две сјајни поетеси од Исланд: Сигурбјорг Трастардостир и Кристин Омарсдотир. Трасдардотир, една од водечките исландски поетеси говореше стихови од својата поетска збирка „Достава до дома“, додека Омарсдотир, авторка на околу четиресетина книги, поетеса и драматург од поетската збирка „Келнерка во есен“ која се очекува да се појави во издание на ПНВ Публикации во препев од англиски на Јулијана Величковска. Јулијана Величковска, една од столбовите на овој восхитувачки фестивал ја водеше оваа поетска средба на која настапија и гостинката од Србија, Надија Реброња која читаше песни од својата поетска збирка „Фламенко утопија“, поетеса чии песни и книги се преведени на повеќе европски јазици, како и младиот македонски поет Андреј Ал-Асади кој прочита неколку прекрасни песни од своите две поетски збирки „Небесна геометрија“ и „Под дервишкото сиќе“ и двете во потесен круг за престижната поетска награда „Браќа Миладиновци“ на Струшките велери на поезијата. Покрај овие двајца исклучително талентирани поети, на третото поетско читање кое беше облеано од црвенилото на сончевите зраци на залез на местото наречено „Кај каменон“ блиску до Велестово настапија и поетесите Д.а. Лори, Ивана Јовановска и Сашо Огненовски. Пет поетски сензибилитети говореа за човечковите искушенија, за лирските пранувања, за женските неверици, го искажаа целиот свој ангажман низ стиховте кои беа полни со страст, со дилеми и со љубов. Тоа раѓање на вечерта и заминување на сонцето зад езерскиот хоризонт донесе на свет уште едно маѓично поетско дружење, уште едно во многуте еха од стихови кои ќе лебдат под облаците и ќе не дочекаат следната година кога Ноќите во Велестово ќе понудат и други книжевни возбуди.

Поетските ноќи во Велестово не можеме да ги наречеме „манифестација“, но можеме да ги наречеме „волшебна средба со поезијата“, средба која ќе ни ја зароби мислата, која ќе ни ги одведе инспирациите на места на кои не сме помислиле дотогаш, средба која ќе не навлече на илјадници промислувања и облетувања над човековото битствување, средба во која со своите и со туѓите стихови помирисуваме од вечноста, од убавината и од емотивноста, средба на која ќе оставиме по едно касајче од нашиот дух и една маѓија за која сите сме сигурни дека не можеме никогаш да ја заборавиме. И покрај застрашувачкиот вирус кој со пандемијата се уште не запира со најразличните обиди да спречи се што значи „средба“ и „култура“, Поетските ноќи во Велестово останаа во својата уметничка и креативна форма, стамено и во целиот свој сјај, токму со оној блесок за кој се надеваме дека следната година ќе го гледаме уште посилен и поинспиративен.

 

Автор: Сашо Огненовски

Автор:

Слични статии