Култура

Лебдечката естетика на љубовта

(Кон поетската збирка „Кога љубовта се троши како креда“ на Лулзим Хазири во издание на Готен, Скопје, 2017)

 Глемиот Чилеански поет Пабло Неруда во една прилика рекол  дека „љубовта може да биде сочувство и прифаќање. Љубота може да боли. Љубовта останува една од најголемите мистерии на човештвото.“ Поетската збирка на Лулзим Хазири „Кога љубовта се троши како креда“ се движи по острите рабови на мистиката на љубовта иако во тие стихови на многу наврати препознаваме рефлексија и филозофски промислувања. Поделена на девет поглавја, оваа поетска збирка влегува во низа од толкување на љубовта со бројни епски амалгами многу мудро навраќајќи се на современите интимистички енигми прилично далечни од тој флуид.

Лулзим Хазири

Што останува во мислата кога ќе ја затворите оваа многу специфична поетска збирка? Љубовта во овој поетски ракопис е тематска одредница, но поетот својата мисла ја вкоренува и во она што ја одредува другата страна на духовната вага: самотијата, тривијалноста, деструкцијата, хипокризијата. Поетот еден дел до своите песни ги озаглавува со наслови во заграда, еден дел од нив ги поставува како поеми. Интерпункциски назначени, тој песните озаглавени во зграда ги посветува на осаменоста и летаргијата говорејќи за интимниот мрак како флуктуален предзнак за пропаста на човечкиот дух. Осаменоста е попатна и секогаш присутна како социјална закана. Кај Хазири интерпункциски назначената (самотија) има онтолошко значење: се претвора во внатрешно прриспитување на времето и духот и на до крај неиспитано вмрежување на она што можеби значи и интроспективност:

„На работната маса изгризана од црви

Седнува да запише една болка едно сведоштво

Буквите му се реат како црни мравки

Листот му го јадат како парче торта

Им фрла одново и одново листови

Како доцни гости ги нагостува.“

(самотија е ова не е творба)

Лулзим Хазири е поет кој не ја анализира љубовта како пат кон срцето, како флуид кој опијанува и обзема. Тој во своите кратки поеми во неколку глави „Мирни дни во Приштина“ и „Зима и други годишни времиња“ зборува за љубовта како неодвоив дел од сеќавањата и достагата, за нејзината сенка која можеби ја има опасноста да се „истроши како креда.“ Неговата вивисекција во овие стихови се продлабочува навлегувајќи во јадрото на емотивната меморија, но и во рациото на еден одживеан животен тек кој можеби можел да биде и поинаков. И двете поглавја во оваа поетска збирка се стиховни столбови околу кои поетот населува и наталожува свои размисли за љубовните струења преслечени во тенки, но многу значајни епски мотиви. Тој се навраќа на чистата и недопрена љубов како кон место во кое не треба да се премостуваат препреки, каде што не треба да се зачука и да се чека нечии ѕвона да дозволат влез. Тие повремени, како бранови навраќања на основниот мотив на целата поетска збирка само ги потенцираат метафорчните скалила по кои се движи целата естетика на овој исклучително мудар поет:

„што можам да кажам за твојот Мирис од жена

Којшто мис е лепи на алиштата на нос

Не смеам да го отворам прозорецот да излезам на улица

Од прстите го молзам преостанатиот сок на љубовта

Од мирисот на гревовоте не смејам да го мијам

Зашто ми се топиш во вода ми се претовруваш во меур од сапуница

За да останам жив те пијам под градите.“

(III, Мирни дни во Приштина)

Поезијата на Лулзим Хазири не зборува за слепо верување во љубовта како флуид. Таа зборува за еден простор во човековата интима кој треба да развие флуид што со својот невидлив крвоток го поврзува телото со умот. Зборува за припадност, а не за посесивност, за посветеноста, а не за подаденост, за доследноста, а не за ирационалноста. Овде ќе се навратам на една извонредна сентенца на Чарлс Буковски кој љубовта секогаш ја перцепира како добро спакувана страст во која се влегува и се излегува, но каде емотивните обриси остануваат: „има едно место во срцето кое никогаш нема да биде исполнето, и ние ќе чекаме и ќе чекаме во тој простор.“ Стиховите на Хазири зборуваат токму за тој простор: напнат и тензичен, копнежлив и полн со надеж, простор околу кој материјалниот свет се заканува со задушување и релативизирање, конечно, простор под кој се наоѓа амбисот на лагата на виртуелната реалност. Сите песни на оваа прекрасна поетска збирка, како што реков погоре се движат по тој остар раб на непознатите честички на љубовта како посветеност, но и љубовта како животна страст:

„Седам со друга

И ја будам љубовта во себе кога и да сакам

Ја чувствувам крвта твоја во жилите и меката кожа

Ме забораваш како малата сипаница или ме чувствуваш како месо под нокти

Љубовта за тебе ја будам во себе кога и да сакам!“

(Си ја будам љубовта во себе кога и да сакам)

Љубовта авторот ја тематизира на повеќе нивоа и во повеќе квалитети не заборавајќи ја погоре споменатата суптилна епска ориентираност. Тој ја огледува таа љубов со многу предзнаци во бурата на секојдневието, на политиката и социјалата, конечно ја измива од судбинските предодредености за конечно да ја вгнезди во просторот во кој сме сите ние, но некои од нас се радуваат, а некои чмаат. Оваа поезија меѓу своите стихови има филозофски наслаги и повремените поместувања на дискурсот што само укажуваат на тоа дека таа има силен визуелен печат. Овие стихови со себе носат нешто што не е типично за поезија, но нивната визуелизација го заговара тоа, а тоа е автентичноста. Лулзим Хазири има специфична поетска естетика која тргнува од синтагматската антитеза во стихот, а завршува со силни метафорични конструкции. Тоа пеење е поврзано со рефлективните амалгами како аспект на мотивот и тематската одреденост, но и со една интимистичка конвулзија од која секако не може да се избега. Овие стихови осцилираат од минатото до иднината, од сеќавањето до претпоставката, од достагата до копнежот:

„Не е ни толку лесно да проследиш збор,

Додека си гол, како надеж исткаена наметка на жица.

Забележуваш дека зборовите не ти личат оттаму како порано,

Мрмори едно „ѓавол да те земе“, се вртиш, го чекаш нејзиното тело,

Да падне врз тебе, да земе форма на збор ,, кој не се изрече!“

(Зборови кои не се кажуваат)

Комплексноста на поетската збирка „Кога љубовта се троши како креда“ во која љубовта и бледнее и се возобновува во опкружување со силна филозофска резонантност, се состои од епски состојки потопени во рефлексија и интима, стихувана хибридност која опчинува и испраќа многу силни пораки што предупредуваат на тоа дека љубовните струења го немаат чистиот пат на небото, туку дека поетиката на секојдневието и сеќавањата се рационални обвивки кои се неизбежни, а фаталиноста е дел од оној бескрај кој веќе не го гледаме како пекол, туку како чистилиште. Лулзим Хазири е поет на таа длабоко сензибилизирана рефлексија и знае како да го обои и обремени стихот кој со својата мултизначност многу сигурно и остро му пркоси на времето. Стиховите од оваа поетска збирка имаат една темпорална далекусежност која воодушевува и радува.

Рецензија на Сашо Огненоовски

 

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *