Култура

Театарско преиспитување на човековата иднина

(Кон 54/55 издание на меѓународниот театарски фестивал БИТЕФ одржан од 13 до 25 септемри во Белград, Србија)

 Театарските сладокусци се навикнати на големиот театарски фестивал БИТЕФ се да биде возможно, па така и тоа двете изданија на еден театарски фестивал да бидат прикажани заедно. Застрашувачкиот Ковид 19 минатата година го остави овој голем фестивал во уводно одбележување и во најава за голем фестивалски театарски настан оваа година. Но, вирусот, за жал се уште не мирува, но не мирува и театарот, па сепак, оваа големо фестивалско здание сепак оваа година го имаше со целиот свој сјај и грандиозност. И покрај двете откажувања на претстави од Словенија и Германија во последен момент, сепак ова двојно издание на БИТЕФ може да се пофали со громогласен театарски моментум кој значеше тринаесет многу оригинални и комплексни театарски концепти, претстави од сите меридијани на светот: Чиле, Белгија, Мексико, Хрватска, Франција и Србија. Под мотото „На работ од иднината“ овие две фестивалски изданија понудија претстави кои на различни начини се занимаваа со една можна хуманистичка дистопија, со еден многу црн мирис на чад кој доаѓа оддалеку, со преиспитувањето на последиците од лошата комуникација со природата, со протресувањето на остатоците од светот кои се повеќе ги има зад нас, со едно сериозно предупредување за цивилизациското обезличување и со подземното реконципирање на еден свет кој ни оддалеку не е наш. Оваа исклучително интересна и впечатлива театарска полифонија ја донесуваат режисерските имиња на Себастијан Хорват чија претстава „Цемент“ во изведба на Белградскиот драмски театар е и лауреат на овој фестивал, Вим Вандекејбус кој со секоја своја претстава се наметнува со се пооригална и позачудна кореографија во грандиозната постановка „Траги“ во изведба на Ултима вез од Белгија, кореографката Аманда Пиња од Чиле со нејзините „Климатски танци“, Филип Кен од Франција со „Femme fatale“, Милош Лолиќ со клаустрофобичниот „Каспар“ на Петер Хандке, Драгана Булут со “Future fortune”, Ехсан Хемат со „Те опчинив“, и двете во кореографски израз, Бобо Јелчиќ со онлајн претставата „Вишновата градина во вишновата градина“ по текст на Антон Павлович Чехов, Никола Завишиќ со претставата без актери по текст на Маја Пелевиќ „Како крајот и да не е сосема блиску“, Фран Вигру од Франција со кратката претстава „Флеш“ и секако легендарните Римини протокол со претставата „Конференција на отсутните“ во режија на Хелгард Хауг, Штефан Кеги и Даниел Вецел.

Генералните аспекти на скоро сите режисерски концепти се движат на опасниот раб на исчезнувањето на човечкиот род. Токму затоа и главната сентенца на овој голем театарски фестивал која во себе го содржи и терминот „иднина“. Виртуелната реалност, застрашувачкиот Ковид 19, тотатилатиризмот кој се повеќе е присутен после оваа пандемија се горливите теми кои лебдат во воздухот и низ актерските изведбни, но и во пораките кои ги еманираат овие театараски претстави. Тука се и еколошките констелации со кои генерално се занимаваат и секогаш интересните Римини протокол на многу ригиден начин, но тука се и недоразбирањата на човекот со природата со која се занимава една од најблескавите претстави на  овој фестивал „Траги“ на белгискиот режисер Вим Вандекејбус.

БИТЕФ секогаш се занимава со копањето по нови тематски предизвици. Човекот наспроти природата и се поцрната иднина отвораат и други теми, како што се автократијата и тоталитаристичкиот општествен предизвик, дехуманизацијата и техницизмот од кој се раѓаат антрополошки инвалидитети кои ткајат нова, непостоечка историја, а човекиот примерок останува без легитимитет. Имено, различните онтолошки и генеалошки преинсталирања на поимите и согледбите на цивилизацијата се екстрат од истражувањата на Аманда Пиња, чилеанска кореографка чија претстава „Климатски танци“ е конципирана од нејзиното истражување на губитокот на човековата културна и биолошка разноликост. Со човековото обезличување се занимава и Милош Лолиќ во своето херметично толкување на Хендкеовиот „Каспар“, со реконципирањето на битието низ негово дехуманизирање и духовно токсицирање. Овие се теми кои ги екстрахираат генералните аспекти на овој фестивал што говори за достојноста на неговата комплексност, на неговата интенција секогаш да се занимава со горливите прашања на човекот.

Кога говориме за овогодинешниот БИТЕФ, не можеме а да не проговориме и за истражувањата од аспект на изразот. Имено, целиот негов репертоар се движеше од конвенционалниот театарски израз кој подразбира извесна количина на реализам, преку циркуските елементи и кореографските изразни форми, па се до куклениот театар и оној, за нас се почесто присутен со оглед на пандемијата, онлајн израз. Она што импресионираше во ова издание на фестивалот беше промешувањето на сите овие изразни средства, нивното вмрежување кое, на пример, најмногу се чувствуваше во претставата на Вандекејбус, една многу инересна театарска конвергенција чија суптилност ја разјаснува содржината на изнесените пораки. Природата не може без човекот, но и човекот не може без неа. „Траги“ како една од главните координати на овој фестивал заедно со „Конференцијата на отсутните“ на Римини протокол зачинувајќи ја кореографијата со актерска енергија се подава на актерска и режисерка дебата која во прв план го исфрла токму прашањето на човековата егзистанција во прегратките на гневната природа. Се чини дека таа иновативност е иницијација да се говори за едно метаболизирање на кореографијата со актерската партитура. „Траги“ беше претстава со ногу актерска страст, но и со силна кореографска географија. Актерските изразни средства ја надополнуваа кореографската акцентираност повремено служејќи и на нејзината сигнификантност, а повремено водејќи ја кон наративот на дејствието со силни вокални врвови. Плодовите на новите театарски изразни средства се оние во кои публиката уживаше за време на целиот фестивал.

Говорејќи за она што останува како ново, после ова двојно издание на БИТЕФ, ќе проговориме и за мноштвото на пораки кои пролетаа кон нас како публика, за огромното предупредување и еден силен театарски крик за спас на човековиот примерок кој оваа бездна на цивилизациско недоразбирање ја отвори самиот. Оваа селекција на Иван Меденица говори за различните аспекти на обезличувањето и наметната субмисивност на човечката природа. Овој БИТЕФ спротивставува две природи: човековата и онаа на флората и фауната. Кога ќе го одгледате целиот овој репертоар си поставувате едно круцијално прашање: дали на човекот му се потребни некои нови митови, некои нови сказни и бајки за да си ја врати довербата во неговиот единствен духовен екстрат – хуманоста. Во продукциска смисла, со ова двојно издание, БИТЕФ и покрај се, и покрај смртта која демне некако невидливо меѓу нас го продолжува својот пат на иновативност и консеквентност. Силно, храбро и одлучно.

Автор: Сашо Огненовски

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *