Култура
umetnicko delo

Министерството за култура откупи 45 уметнички дела и 18 скулптури

Изборот, според утврдени критериуми, го направи стручна комисија во состав: Викторија Васева-Димеска, Маја Неделковска-Брзанова, Сафет Ахмети и Конча Пирковска, а резултатите денеска на прес-конференција ги соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Целта на проектот, кој Министерството го почна минатата година со првиот конкурс на кој беа откупени 64 ликовни дела од 60 македонски автори, е да се збогатат фондовите на националните установи – Музејот на современата уметност, Националната галерија на Македонија – и на другите институции од областа на културата.

Меѓу авторите чии дела се откупени на вториот конкурс се: Томо Шијак, Драгутин Аврамовски-Гуте, Љубомир Белогаски, Вангел Коџоман, Вангел Наумовски, Нове Франговски, Јован Шумковски, Благоја Маневски, Коле Манев, Ацо Станковски, Нехат Беќири, Сергеј Андреевски, Ирена Паскали, Јасминка Новковска, Данчо Ордев и други, а на конкурсот за откуп на скулптури се откупени делата на: Јордан Грабуловски, Стефан Маневски, Илија Аџиевски, Александар Ивановски-Карадаре, Васил Василев, Станко Павлески, Исмет Рамиќевиќ, Беди Ибраими, Жарко Башески и други.

Откупот на уметничките дела, несомнено, се покажа како вистински модел за поддршка на македонските автори и македонското творештво. Токму со оваа стимулативна мерка, на долг рок,  ќе се унапредат состојбите во ликовната дејност кај нас, ќе се овозможи дополнување на музејските збирки на нашите институции со вредни содржини, а воедно авторите ќе се стимулираат да создаваат поголема и поквалитетна продукција на дела. До крајот на годината ќе бидат објавени и новите конкурси за откуп на ликовни дела и скулптури од мал галериски формат за 2016 година. Авторите на делата што се откупени се уметници кои дале исклучителен, индивидуален придонес во развојот на ликовната уметност во Македонија, учесници на значајни групни изложби или манифестации во земјава и во странство, како и дела од млади уметници со истакнат ликовен израз, истакна министерската за култура Елизабета Камчевска-Милевска.

Таа нагласи дека ликовната сцена во Македонија се поддржува и со други проекти преку Годишната програма на Министерството за култура, со поддршка за претставување на македонските уметници на домашни и на меѓународни манифестации и за гостување во културните центри во Софија и во Њујорк, како и во ателјето во Париз. Секоја година се зголемува и буџетот за ликовната дејност.

Членовите на комисијата што ги избра делата за откуп го поздравија овој проект зашто со него значајно се збогатени колекциите на институциите од културата.

Викторија Васева-Димеска рече дека комисијата ги почитувала побарувањата на институциите и според нив избрала дела соодветни за музејските и галериските збирки.

– На предлог-листите на комисијата приоритет имаат значајните творечки остварувања од врвни македонски автори, дела кои со години чекаат на откуп, а се изложени во постојаните поставки или се дел од презентирањето на годишните проекти на институциите. Исто така, овој проект им дава стимул и на помладите автори и е можност да се приберат и делата од приватните збирки, кои најчесто ги менуваат сопствениците, а со тоа неретко им се губи трагата.

Конча Пирковска апелираше до младите автори во поголем број да се пријавуваат на конкурсите.