Култура

Стартува Охрид Филм Фест

 Со големо задоволство ве известуваме дека првото издание на Интернационалниот фестивал на ангажиран филм ОХРИД ФИЛМ ФЕСТ ќе се одржи во периодот од 10-15 јуни 2016, Охрид, Македонија.

 

Фестивалот ќе стартува денес (10 јуни) со прес – конференција во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид кој ќе биде најава за фестивалот. Вечерта како почесен гостин на фестивалот ќе допатува Лазар Ристовски кој ќе присуствува на  региопналната премиера на филмот „Од другата страна“ каде тој ја има главната улога и е копродуцент на истиот филм, кој беше прикажан на Фестивалот во Берлин.  

Директор на Интернационалниот Охрид  филм фест е новинарката и филмски критичар, Сунчица Уневска, воедно и уредник и селектопр на Главната програма на фестивалот, селектор на програмата Видици е Марина Костова – новинарка и филмски критичар  и селектоор на Кратката програма е филмскиот критичар Влатко Галевски.

 Основан од граѓанската асоцијација за ангажиран однос кон филмската култура „Аквариус“, а во соработка со Филмската школа од Охрид, овој фестивал ќе биде своевидна платформа која ќе донесе и понуди новитети, не само во поглед на едукацијата на младите, туку и во развојот на новата македонска филмска продукција и воопшто на филмската култура.

 ОИФФ е замислен како прв македонски интерактивен фестивал на кој главен таргет ќе бидат студентите од македонските филмски школи, но и од регионот, а подоцна и од Европа. Целта е движење и промена, размена и можност да се разговара директно со филмските автори за нивните дела и со еминентни имиња од светот на филмот кои ќе го споделат своето искуство. А една од  главните цели ќе бидат и работилниците на кои ќе се развиваат проектите на младите филмаџии под менторство на стручњаци од одредени области.

ПРОГРАМА НА ПРВИОТ ФЕСТИВАЛ НА АНГАЖИРАН ФИЛМ

Фестивалот на ангажиран филм на првото свое издание планира четири програми, две работилници и една мастеркласа.

 Првата програма ќе биде ИНТЕРНАЦИОНАЛНА, во која ќе биде направен избор на најдобрите филмови во светот од таа година кои предизвикале внимание, пред се, со својот јазик, а потоа со својата ангажираност, филмови кои предизвикале реакции, дискусии, донеле теми  и отвориле хоризонти, филмови кои истражуваат, кои наметнуваат теми, кои носат поинаков пристап. Но, секако и филмови кои се издвоиле како извонредни и квалитетни дела, кои низ уметничкиот јазик успеале на таков начин да ја испреплетат реалноста и да отворат простори кои никого не можат да го остават рамнодушен. Оваа програма ќе биде компетитивна, каде што интернационалното жири ќе ги додели главните награди на фестивалот за најдобар и најефективен ангажиран филм.

Програмата ВИДИЦИ, како што кажува и самиот наслов, ќе се обиде да го пронајде, пред се, новиот уметнички јазик во третирање на ангажираните теми. Тоа може да донесе еден исклучителен спој, кој наедно ќе проговори за границите и нивното уривање во поглед на филмскиот јазик, но и за многубројните можности на раскажување приказни, приказни кои во себе носат дилеми, очекувања, приказни кои бараат, кои чекаат, приказни кои зборуваат за апсурдноста, за неправдите, приказни кои секогаш се од онаа друга страна на очекуваното.

Специјално за Охрид годинава ќе направиме програма посветена на градот и на филмовите кои се снимени во Охрид и за Охрид. Програмата е насловена „Охрид на филм“.

Фестивалот на ангажиран филм уште од првото свое издание планира да има ПРОГРАМА ПОСВЕТЕНА НА МЛАДИ односно СТУДЕНТСКА ПРОГРАМА, која ќе биде едукативна и која ќе понуди малку поинакви содржини. Годинава иако прва имавме навистина голем избор со оглед на тоа што на повикот на фестивалот се пријавија речиси 800 филма. Кратката програма годинав аопфаќа 44 наслови од цел свет, меѓу кои се вклучени и пет македонски филма.

Програмата ПОСВЕТЕНО годинава е предвидена за специјалната проекција на култниот македонски филм „Мирно лето“.

Првата година Фестивалот ќе има и програма насловена „Охрид на филм“. Во Охрид е востановена и Филмската школа ФАМУ што ќе го овозможи линкот со студентите. Филмскиот фестивал во Охрид ќе значи и збогатување на културната понуда, со оглед на тоа што во Охрид нема редовен кинирепертоар и со текот на годините уште поголема можност да се привлечат туристи. Охрид дава можност и за проекции на отворено и за едно посебно доживување, по примерот на многу други фестивали. А во иднина ќе воведеме и програма за млади, што во овој град ќе овозможи едукација и развој на филмската култура од најрана возраст.

 

Слични статии