Култура

Дали се птиците поважни од корупцијата

„Агенцијата за филм работи во согласност со законските прописи и според начелата на транспарентност и отвореност на постапките при објавување конкурс и доделување на средства“. Вака гласеше реакцијата на највисоката филмска институција во државава откако СДСМ обелодени дека на конкурсот за финансирање проекти од национален интерес, Агенцијата за филм му одобри 2 милиона денари на долгометражниот документарен филм „Боите на Преспа – Птици“, чие сценарио го потпишува првиот човек на Македонската телевизија, Диме Ратајковски.

Изјавите за работење според законските прописи стануваат многу интересни, особено со оглед на тоа што се претвораат сè повеќе во некаков трејд марк во работењето на владејачката партија. Многу често министрите во Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја користат токму оваа флоскула. Паметиме дека најмногу цитирана за работа според законските прописи беше поранешната министерка за внатрешни работи, која во секоја нејзина изјава по којзнае колку пати нагласуваше дека секогаш работат според законите. А што, всушност, значи работа според закон?

Дека е почитувана формата и прописите по кои (во случајов) конкурсот за финансирање на проекти треба да се води. Да, тоа никој и не го спори. Законите се почитуваат, па дури и јавноста и транспарентноста во поглед на тоа колку проекти се пријавени, а колку се прифатени и колку средства се одобрени. Но, дали ваквиот начин на работа е гаранција дека нема манипулација, дека средствата не ги добиваат многу често исти луѓе или кланови и дали тоа е гаранција дека „во филмската дејност никогаш не се поддржувале проекти по партиска основа“. Апсолутно не е, ниту, пак, ваквите изјави се некаков доказ за тоа.

Точно е дека постојат повеќе нивоа во одлучувањето (филмски рецензенти, филмски совет, управен одбор), како што објаснуваат од Агенцијата, кои ѝ носат најмногу правна и формална заштита на целата постапка, но тоа сигурно не значи дека нема да помине некој проект што треба да помине. Впрочем, доволно е да се погледнат само неколку конкурси и доделување средства последнава година за да се види колку проекти им се доделени на автори, кои и тоа како ѝ се верни на партијата. Како инаку би добил повторно филм, режисер чие претходно остварување буквално никој не го гледал, а за одење на фестивали и да не зборуваме, како би добиле проекти автори што досега биле на маргините, а често не ни работеле филм, како би можело во Филмскиот совет тогаш да имате членови што одлучуваат за свои проекти или за проекти на кои самите работат. И како би можеле да зборуваме за непристрасно и компетентно одлучување за проекти во филмската дејност кога во Управниот одбор, кој ги носи одлуките како последна инстанца, од пет члена, тројца се економисти и правници назначени од владиниот кабинет.

И не само тоа, многу често се одобруваат средства за ист проект само за различни варијации на тема…, потоа за проекти што откриваат топла вода, а да не зборуваме за доделување средства на исти автори, кои стануваат водечки филмски дејци, иако ако се погледне од дистанца нивните претходни филмски дела баш и немаат некакво значење. Но, затоа некои докажани автори, чии дела извршиле влијание, не можат ни да помислат на добивање средства затоа што не играат по правилата итн., итн.

Но, оправдание може да се најде за сè. Тоа го докажуваат и изјавите дека Диме Ратајковски немало да ги добие сите пари, туку само средства за хонорар за сценариото!? А врв на сè, секако, е изјавата како „се занемарува една толку значајна тема што се осврнува на нашето национално природно богатство и како треба да се осврнеме на исклучителното значење на овој специфичен филмски проект“. И сè би било в ред, нели, кога сето ова не би ја навредувало нашата интелигенција.

Во земјава цвета корупција, па (во истиот стил) би запрашале, зарем не би било поважно да ги дадеме парите за тоа и да се обидеме низ проекти и низ истражувачко новинарство (кое е особено специфично во новинарската дејност, а денес замрено) да стигнеме до фактите што се кријат зад законските прописи и „строго почитуваната форма“. Сепак, луѓето се поважни од птиците, па макар и оние ретките. Во тоа се согласуваме, нели?

Автор: Сунчица Уневска

Оригиналниот текст е објавен овде.

Автор: