Култура

Не злоупотребувајте ја нашата историска носија

Ние членовите на Здружението за културна афирмација на Мијаците (КАМ), од името на сите Мијаци, сме огорчени од крајно неетичкото и злонамерно, а истовремено и неаргументирано тврдење на некои уредници на албански портали, кои се осмелија да се мешаат во нашиот етнички идентитет, потпирајќи се само на нашата традиционална Мијачка носија, која неосновано ја албанизираат. Притоа, тие ја злоупотребуваат сличноста и заедничките елементи на народните носии од балканското културно подрачје, кои трпеле разни културни влијанија. Меѓутоа, и покрај сите тие сличности, носиите на одредените етноси сепак се разликуваат едни од други, и затоа неправедно е тие да бидат тенденциозно присвојувани. За посебноста, пак, на Мијачката носија го замоливме посветениот етнолог Влатко Деловски да направи кратка анализа:

4

„Денес сме сведоци, поточно неми сведоци (што било случај и низ македонската историја) на неетичко присвојување на културното наследство на македонскиот народ од страна на други етноси.  Оваа посесивност веќе редовно се користи за дневно политички цели. Доколу е само така тогаш брзо поминува, како што кажав: дневно-политички. Но, овој чин на злоупотреба се повторува како рефрен во музиката, и на тој начин остава траен белег низ историјата, а истиот е „тумор“ за вистината и е во служба на квази-науката. Затоа овој текст е реакција, односно нужна интервенција околу манипулацијата со етничките начела и символи на мијачката етничка заедница, најжилавиот и најзаслужниот бит на Македонската преродба. Имено, станува збор за една фотографија од почетокот на 20-тиот век, која ја направил прилепчанецот Георги Трајчев, истакнат деец на Македонската револуционерна организација, просветен работник, етнограф и фотограф. На споменатата фотографија, која заедно со уште петнаесетина други се наоѓа во фотоалбумот на Трајчев од 1912 година (оригинален примерок од овој фотоалбум се чува и во Бигорскиот манастир, а во електронска верзија е достапен и на неговата официјална интернет с1траница), посветен на Бигорскиот манастир, се прикажани поклоници во манастирот, облечени во насекаде препознатливата мијачка народна носија. Но, за жал, оваа фотографија, крајно тенденциозно и ненаучно се злоупотребува од страна на повеќе албански интернет портали, кои личностите на фотографијата ги претставуваат како православни Албанци. За да престане заблудата, и во јавноста и кај авторите на текстовите од порталите, мораме да предочиме дека на предложената фотографија се прикажани поклоници во манастирот, мажи, жени и деца од мијачката етничка заедница во секојдневна, ќе нагласиме, мијачка народна носија. Иако истава фотографија, Георги Трајчев ја ставил и во своето дело „Книга за Мијаците“, објавено во Софија 1941, каде јасно е објаснето дека станува збор за поклоници – Мијаци од Река, сепак, ќе дадеме и ние една мала анализа на уникатната мијачка носија.

Народната носија на Мијаците има вековна традиција. Создадени како колективна придобивка на целиот македонски народ, носиите се пренесувале од поколение на поколение, а во долгата низа години во себе вклопиле многу елементи од  разните културни влијанија што се вкрстувале на овој дел на Балканот. Основата и најстариот културен слој е старословенскиот, на кој се надоврзало влијанието на византиската цивилизација и Православието. Така се создале народните носии во Македонија како израз на народните колективни, естетски и духовни диспозиции. Во долгиот развоен пат, носиите се оформиле како специфична етничка издиференцирана гранка на народното творештво, па така, преку облеката се покажувала територијалната, верската и етничката припадност, социјално-брачната положба и сл. Основна одлика на народните носии во Македонија е нивната донедамнешна зачуваност со многу архаични елементи, особено во затворените селски средини, како и во оние со посебна етничка и групна самосвест. Ваков пример се Мијаците, впрочем од нив започнала и Македонската преродба. До ден-денес носијата кај Мијаците претставува еден символ на етничка издржливост и непокорност и затоа редовно се носи на големите празници (Водици во Битуше, на пример).

6

За да биде појасно ќе направам компаративна етнографија меѓу елементи од класичната секојдневна облека на Мијаците и носијата која е прикажана на фотографијата. Машката мијачка носија со бројни облеки од дебела валана клашна, со карактеристични украси од црни гајтани, носи белези на планинско сточарска носија, типично за повеќе етникуми на Балканот. Клашнените секојдневни панталони „бечви“ редовно се украсени со црни гајтани (како што се гледа и на сликата), а зетовските со седум реда гајтани. Околу половината се носи темноцрвен ткаен волнен појас, прошаран со попречни бели пруги. (и ова може убаво да се забележи на фотографијата). На горниот дел од телото се носи „минтан“ и темнокафено „зобанче“, „кепе“, со голема јака од која може да се направи „ќулавка“, со која ја покриваат главата во лошо време. Најгоре ставале долама, долга до под колена, изработена од бел домашен шајак, а ракавите под мишката биле расцепени, за да може да се провне раката. Доламата се препашувала со црвен појас, со бели напречни линии по крајот. Мијачката капа „кече“ е плитка и рамна, слична на црногорската, но без украси и е само црна (идентично со капите што ги носат мажите на фотографијата од Г. Трајчев). Разлика има во капата на младоженецот која се замотувала со црвена коприна во три ката, а на неа се закачувало еден или повеќе алтани „за да се знае дека тоа е зетот“. Исто така, кога било празник или имало свадба, постарите носеле црвена капа, со долги пискули, што стигале до рамената. Порано сите мажи носеле вакви црвени капи со син пискул а во поново време тоа се задржало само кај побогатите луѓе и зетот и во посвечени прилики.

Покривањето на главата кај женската носија најчесто се практикувало со бела правоаголна крпа, марама или бела шамија, т.н. задолжителна „главинка“ (дел од „сокај“ или „убрус“) – со специфичен начин на забрадување, карактеристичен само за девојките, а таквите се познати како „белокапки“ (види во фотографијата од Г. Трајчев). Застапеноста на белата боја во повеќе други делови од облеката го определува, односно диференцира статусот на девојките. Црната боја, црната марама, шамија, или црн „каврк“, може да се каже, се главните обележја за стара жена. Секоја3 жена што почнала да носи шамија со питома-темна боја и да се забрадува со истата, се сметало дека е влезена во „старо доба“ (и такви ги има на фотографијата). Женската скутина како посебно важен меѓускутен елемент и истовремено заштитен дел на органите кои обезбедуваат „нов живот“, е скоро секогаш на црвена, алена основа, со бели хоризонтални пруги (спореди со фотографијата). Понекогаш била проширена со бели хоризонтални шарки и богато украсена со два реда „алов кис“ („кивчена бовча“).

Вакви или слични делови од народната носија на Мијаците носеле и Мијаците – преселници (с. Смилево – Битолско, Ореше и Папрадиште – Бабуна и Крушево), но и Мијаците во Дебар, како и во другите соседни делови: Охридско поле, Струшко поле, зафаќајќи ги Порече, Кичевија, Железник и Дебарца. Мијачката носија е уникатна, јасно препознатлива и прилично раскошна. Никаде на друго место не се среќава таква. Георги Трајчев смета дека таа води потекло од царска или благородничка носија.

Се надевам дека овој краток концепт, оваа апологија за мијачката носија ќе ги отстрани заблудите околу еден многу значаен македонски етнички супстрат, ќе ги напушти предрасудите и политичките злоупотреби, а во интерес на научната мисла ќе послужи и за вистината“.

 

Пишува: Влатко Деловски, етнолог

На крај, уште еднаш повикуваме да не се злоупотребува и неправедно присвојува културната историја на Мијаците врз основа на сличностите со другите балкански етнички култури, зашто заедничките нешта на овој мал географски простор треба да нè водат кон меѓусебно зближување и почитување на различностите, а не кон насилно присвојување, омраза и раздор.

Реакцијата е пренесена интегрално објавена вo Religija.mk

Автор:

Слични статии