Култура

Кога успесите на Македонците се игнорирани

Никому не му е важно што немавме филм на 73. издание на Венецискиот филмски фестивал, каде што освен Милчо Манчевски, не сме имале друго претставување во главната програма. По секоја логика тогаш учеството на тројца македонски актери во филм во главната програма на годинешната Мостра, и тоа филм на еден од најнаградуваните режисери на овие простори, би требало да дигне голема прашина. Но, не е така. Се чини дека за учеството на Ратка Радмановиќ, Петар Мирчевски и Бајрам Северџан во новиот филм на Емир Кустурица „На млечниот пат“, како никому да не му е гајле. 

igla-pod-prag

Никој не пишува за тоа дека во суштина македонската кинематографија речиси воопшто не е присутна на релевантните филмски настани, но затоа нашите медиуми беа и се преплавени со информации за некои големи достигнувања кои немаат многу врска со стварноста.  (Фотографија од филмот Г„Игла под прагот“ со Никола Ристановски)

Oваа година, како ни повеќе години наназад, немавме ни долгометражен игран филм во главната натпреварувачка програма во Сараево, каде што исто така имавме одлично претставување на македонските актери, Никола Ристановски и Митко Апостоловски, како и на познатиот музичар Тони Китановски. Тие го одбележаа црногорскиот филм „Игла под прагот“ на Иван Мариновиќ, вклучен во главната програма, во кој играа уште многу големи актерски имиња од овој регион, па сепак и тоа на никаков начин не беше проследено во нашите медиуми, ниту пак од страна на Агенцијата за филм. 

Годинава немавме претставување на македонската кинематографија ниту во Карлови Вари, ниту во Кан, ниту во Истанбул, ниту во Берлин, иако излегоа поинакви информации и иако за некои други копродукции (кои беа поддржани од Агенцијата за филм) дури и прес-конференции се правеа. Никој не пишува за тоа дека во суштина македонската кинематографија речиси воопшто не е присутна на релевантните филмски настани, но затоа нашите медиуми беа и се преплавени со информации за некои големи достигнувања кои немаат многу врска со стварноста.

А тој „тренд“, се разбира, не е случаен, бидејќи она што последните години доаѓа како информации за македонскиот филм главно е преземено и се базира на соопштенија на Агенцијата за филм. Така, на снимањето на играното деби на Марија Џиџева „Жртва“, бидејќи нели го посетија министерката за култура, Елизабета Канческа – Милевска и директорката на Агенцијата за филм, Мими Ѓорѓоска – Илиевска (што за медиумите значи дека тоа е главен настан), можевме да прочитаме наслови дека имаме уште еден кандидат за „Оскар“, а особено дека имаме остварување на големи резултати во филмската дејност и што уште не. Замислете оваа година ќе се завршат 24 филмови, од кои 9 долгометражни, а од 2008 до 2015 година сме поддржале 223 филмски проекти. Препознатливи информации кои редовно ги пласираше поранешниот директор на Агенцијата за филм, Дарко Башески. Ваквите негови неверојатни изјави со години беа повторувани во медиумите, како и во нашиот смешен годишен каталог на филмски дела кој го претставувавме на секој фестивал и по кој сме богами познати (се разбира, негативно). Чудно е што сега го нема Башески, а исто како да го има. Едноставно, ништо не се сменило. Толку беше убедлив со неговите небулози и смешни бројки и постигнувања, што сега сето тоа продолжува. Браво за Дарко, бидејќи создаде таква база и таква основа која служи за пример и која сега нели, ние само ја надоградуваме. Би запрашале, зошто тогаш го менувавме Дарко Башески, па види човекот колку „успеси“ направил, бидејќи да се потсетиме – речиси с` што излезе во овој период е направено во неговите мандати. Дури да ни стане жал што повеќе, барем официјално, не е во игра. 

Морам да кажам дека со години одам на филмските фестивали и следам главно с` што се случува, но ниту сум видела, ниту пак може да се зборувам за некакво поместување напред на македонската кинематографија ниту дома, а уште помалку надвор од нашата земја, освен понекој инцидентен успех и инцидентна проекција која би имала одглас во странските медиуми. Но, затоа ако отворите на страницата на Агенцијата за филм кај сите македонски филмови ќе прочитате некои огромни листи на филмски фестивали на кои биле и на кои, нели, нашата кинематографија била претставена. Не знае човек навистина како да ги претстави работите за да се види небулозноста на сите овие информации, кои с` трпаат во еден кош и прават вистински хаос. Не знаеме навистина како да го објасниме она што е абецеда секаде во светот, она што го пишуваат медиумите за кинематографиите на своите земји, реалното и објективно претставување, кое е толку нормално. Но, и потребно, ако навистина сакаме да се поместиме од таму каде што сме.

Но, не. Ако кај нас ја напишете реалноста, сите мислат дека тоа е намерно, бидејќи бројките се толку силни и убедливи што не може ниедна реалност да ги побие. А и зошто ни е реалноста? Што ни е гајле што прават другите, па ние имаме толку кандидати за „Оскар“ и толку проекти што можат да ни позавидат и Франција и Америка и Германија. Поддршката во нашата кинематографија е толку голема, 72 долгометражни играни филма во изминативе седум години, над 26 милиони евра влог во филмската дејност. И како сега да докажете дека тоа нема врска со реалноста, односно дека на некој навистина ништо не му е јасно. Како, па нели, пред (небулозните) фактите и боговите молчат, особено кога зад нив стојат институции и кога поддршката на македонската Влада на филмот е толку голема…

Знаете, уморни сме веќе од истите работи. Но, ако ние сме уморни, они не се, а плус што ја имаат поддршката на т.н. медиуми-соопштенија. Се прашувате има ли резон воопшто и понатаму да се пишуваат вакви текстови, кога поддршката на медиумите е с` поголема, кога повторуваните небулози се бескрајни, кога истите работи неуморно се пласираат и луѓето сe повеќе се приклонуваат, па на крајот сето ова што ние го пишуваме станува инцидент. Никому не му е гајле за вистината и реалноста. Чуму тогаш овие текстови?

Па, иако знаеме дека гласот на разумот нема да стигне никаде, сепак, мислиме дека треба да го има. Па макар и по цена на тоа да ја немате поддршката на институциите со нашите пари, па и по цена на тоа да изгубите нешто, бидејќи ништо не е вечно. Единствено вистината и реалноста. Единствено вистинските факти со кои кога тогаш ќе мора да се соочиме.
Затоа и таков почеток на текстот, затоа што сепак фактите, макар во овој момент многу индиректно, но јасно зборуваат за некои работи. Се разбира, ако тоа сакате да го видите. Имено, ако на нашите институции навистина им е битно претставувањето на македонските автори тогаш нема да биде важно кој го финансирал филмот. Но, како што веќе пишувавме, Агенцијата за филм праќа информации само за она што е поддржано од неа. Ако навистина ни е важен македонскиот филм и неговите протагонисти, тогаш секој нивни успех е и наш, ако не, ако е важно само она што го поддржала нашата Влада, тогаш не ни е на прво место филмот, туку Владата. Јасно како ден.

Затоа и не треба да не чуди што наместо да се зборува за македонските актери кои играат во филмот на Кустурица, наместо да се зборува за актерите и музиката во црногорскиот филм кој се бореше за „Срцето на Сараево“, кај нас се праќа огромен извештај за тоа што сме добиле на маркет (во индустрискиот дел, кој не е дел од програмата на фестивалот и каде што се доделуваат средства за развој). Уште и Агенцијата за филм, обидувајќи се да покаже како знае дека на прво место сепак се наградите и официјалниот дел на програмата, овој пат испрати извештај и за тоа кој ги добил наградите. Тоа сигурно не е нејзина работа, но со оглед на тоа што нашите медиуми пишуваат само соопштенија, си викате па подобро и вака, барем ќе има за наградите, отколку да нема ништо. И да не заборавиме, дури нашата Агенција за филм (се разбира, повторно изум на Дарко Башески) во име нели на нашата земја и нашата „развиена кинематографија“ дава и парична поддршка од 10.000 евра за развој на филм во рамките на програмата „Синелинк“ во Сараево. Но, за самопромоцијата зборувавме…

А за тоа што ни донела, допрва ќе зборуваме.
Допрва ќе зборуваме за многу работи, а особено ќе ги сумираме резултатите од нашите големи успеси, од нашите постигнувања во македонската кинематографија откако оваа власт, нели, толку вложува во неа. Откако ќе помине периодот на самопромоција ќе може појасно да се види, колку ни е важна македонската кинематографија навистина и каде реално е нејзиното место.

Тоа се гледа и сега, но поддршката на владините политики е толку голема, битката за своето место на поединци уште поголема, па ќе мора да почекаме, но сигурно не и да се откажеме. Бидејќи, колку вредностите и да се потиснати, никогаш нема да исчезнат, особено ако се бориме за нив. Па макар, и кога условите се невозможни и кога, барем во овој момент, тоа не стигнува никаде.

Автор: Сунчица Уневска

Текстот е преземен од Техт

Автор:

Слични статии