Култура

Aнализа: Заштитата на македонското културното наследство по манастирите и црквите — состојби и предизвици

Културното наследство во македонските цркви и манастири претставува еден од најзначајните сегменти од македонската историја и идентитет. Посебно важно место во него имаат иконите како формa на културното наследство, како сведоштво на креативноста и на духовноста на колективната културна меморија. Македонските икони како културно наследство имаат исклучителна уметничка вредност и затоа отсекогаш биле предмет на интерес за противправно присвојување. 

Постојат објективни и субјективни фактори зошто ова културно наследство во Македонија е континуирано подложено на противправни и криминални активности. Самата вредност на иконите и останатото културно-црковно наследство се мотивација тие да станат мета на криминални групи. Меѓутоа, таа криминогена цел се остварува заради лесниот пристап до нив што овозможува нивно често противправно присвојување. Основната причина за пораст на криминалот со иконите и културното наследство е отсуството на превентивен механизам за нивна заштита. Сепак, присутноста на овој криминал и неговиот загрижувачки пораст значи дека во оваа сфера постојат и други големи слабости и пропусти еманирани од разни објективни и субјективни фактори.

Како објективни причини може да се набројат слабостите во корпусот закони кои ја обработуваат и регулираат оваа материја, третманот на државната казнена политика на овој општествен проблем, нефункциониот систем на превенција и обезбедување на манастирите, потребата од подигнување на општествената свест и едукацијата, недефинираната надлежност и преклопувањето на ингеренциите и приоритетите на институциите од оваа област што доведува до судир на интереси и отсуство на конкретни и стратешки иницијативи за заштита на културното наследство. Сето ова се засилува со субјективните фактори за појава на овој тип криминал кој наоѓа одлична можност и отворена шанса да ги оствари своите интереси токму поради слабостите што ги рефлектира објективниот фактор. Како субјективни фактори се сретнуваат: рапидната појава на организирани криминални групации, социјалниот статус и невработеноста на населението, финансискиот бенефит од уметничката вредност на културното наследство кое носи огромна материјална добивка, добро организираната мрежа за извршување на криминалните активности од самата кражба како криминална дејсност, преку шверцот до можноста за нивна брза продажба и нивно легализирање како сопственост. На тој план како субјективен фактор, најчеста е и заинтересираноста на трети држави за поседување на македонското културно наследство како дел од една деструктивна политичка агенда кон македонскиот културен идентитет и историја, а во таа насока енормен е бројот и на заинтересирани колекционери во државата и странство кои имаат интерес за поседување на домашните културни вредности.

Напоменавме дека една од објективните слабости кои создаваат можност за ескалација на овој тип криминал е отсуството на сеопфатна законска рамка кој доследно и прецизно ќе ја регулира оваа материја.  Законот за заштита на културното наследство од 2004 година не е законско решение  кое е доволно за создавање на правни претпоставки и услови за борба против злоупотребата и нелегалниот профит од култрурното наследство. Евидентна е потребата за донесување на посебен закон за колекционертво и антикварници, како и посебен закон за здруженија кои се занимаваат со истражувачки дејности од областа на археологијата, етнологијата, собирањето на старини и предмети артефакти изработени од вредни материјали.

Хронолошки, казнената политика кон криминалот со икони и културно наследство говори дека има тенденција за заострување на казните, што е логичен след со оглед дека се работи за можен важен општествен проблем кој сериозно се заканува да нанесе уште поголеми штети на македонското културно наследство. Имено, во 2009 година кон членот 266 од Кривичниот законик во кој е регулирано дека доколку некое лице изврши подарување или на друг начин изврши трајно отуѓување на културното наследство од особено значење за државата, му се определува санкција, односно казна затвор од 1 до 5 години, му се додаде нов член 266а со кој се заостри казната затвор во траење од 3 до 10 години. Меѓутоа, доколку се погледне применливоста на базичната интенција на заострување на казните ќе се добијат разочарувачки резултати бидејќи осудените лица за овој криминал добиваа благи, минимални или условни казни па се до ослобудавње од обвиненија. Тоа во однос на самото заострување на казните пројавува една парадоксална ситуација затоа што судовите не ја одразуваат таа нормативна интенција на казнената политика, за што не се исклучува и можноста за недоследно спроведување на истражната постапка и докази или одредени други фактори.

Најсуштински проблем: oтсуството на дефинирано разграничување на надлежностите помеѓу државните институции

Најсуштински проблем кој се појавува во заштитата на македонското културно наследство во манастирите е отсуството на дефинирано разграничување на надлежностите помеѓу државните институции (конкретно Управата за заштита на културното наследство) и Македонската Православна црква. Помеѓу Управата за заштита на културното наследство и МПЦ како најповикани за решавање на овој проблем не постои взаемна координација, соработка и помош. Напротив, нивните односи се проследени со постојани медиумски обвинувања помеѓу нив околу заштитата на манастирите и културното наследство и кој всушност бил одговорен за заштита на културното наследство по црквите и манастирите.

Таквата состојба создава прилика криминалот со културното наследство по манастирите да бележи пораст и веќе сериозно нанесе непоправливи големи штети, но со оглед на инфериорноста кон ова општествено зло од надлежните институции,се заканува дека ќе нанесе уште нови иреверзибилни последици од сите аспекти. Недоречената правна регулатива, контрадикторното и конфузното правно регулирање во оваа област зачудувачки ги пасивизира двете институции кои по сила на нивните надлежности мора да  реагираат по начело на итност и приоритет кога се работи за важни прашања кои ја надминуваат сферата и на некаков државно – црковен институционален спор околку толкување на правила и повици за туѓа одговорност. Од тие причини, многу загрижува ситуацијата што криминалот со културното наследство по манастирите е во аларманта фаза, а двете најповикани институции се уште не пронашле модалитети за решавање на овој проблем кој нанесува огромни штетни последици не само по манастирското културно наследство туку и на државата, националната историја и културен идентитет. Значи се работи за прашање од врвен државен интерес, а реакциите се нелогични. Дотолку повеќе е што за овој сериозен проблем не постои ни формирање на одредено координативно тело кое ќе ги балансира односите помеѓу државните и црковните органи, ќе работи на надминување на интеринституционалните конфликти мотивирани од банална природа и ќе превзема и мотивира дествија со облигаторна сила за итно справување со криминалот со културното наследство по манастирите и црквите. Се додека постои префрлање на топката околу надлежностите за заштита на културното наследство, толку повеќе и културното наследство по манастирите ќе биде подложено на криминални акции.

Разочарувачки е и податокот дека реакциите на  кражбите и отуѓувањето на иконите и културното наследство како дел од националната историја и културен идентитет од надлежните државно-безбедносни и црковни органи се сведени на такво ниво што се косат со рационалноста, посебно кога ќе се воочи со кои механизми се брани културното наследство по манастирите. Имено, во нив априорно не се поставени ни елементарни форми на заштита кои се симболични и не претставуваат особено буџетско оптоварување – ниту за државата, ниту за црквата! Од тука произлегува дека едноставно фокусот на посочениот проблем не е во неможноста за заштита на манастирското културното наследство – туку во немањето на волја за нејзино воспоставување! Најдобро за тоа говори и оставањето на манастирите да бидат буквално слободно приложени пред налетот на криминогените групи, односно ништо не го одразува подобро отсуството навојла за заштита на манастирите од тоа дека низ нив како единствена заштита може да се види само – стар катанец на дрвените врати како „врвен технолошки механизам на заштита“. Тоа е доволен предизвик за вршење на криминални дејствија во манастирите и вината за рапидниот пораст на овој криминал секако треба најпрво да се бара во најповиканите државни и црковни органи и институции бидејќи секоја инфериорност, пасивизирање и неделување – може да се интерпретира и како соучесништво! Во вакви фактички услови може да се очекува сѐ, освен сериозна намера за борба против организираните криминални групи. 

Иронично е да се говори за искрена намера за борба против криминал кога не се презема ништо конкретно, со експлицитна визија, стратегија и план за соочување со проблемот практично, а не само со употреба на теоретски флоскули, декларативни соопштенија и бегање од одговорност. Мора да се преземаат реални и разумни чекори за заштита. Не постои поинаков начин да се спречи тоа општествено зло и нецивилизациска постапка. Итно е потребно да се етаблираат системи на заштита кои може да бидат функционална превенција за манастирите.

Најпрвин, треба да се обезбедат базични методи за првенција, а такви се: најосновна механичка заштита засилена со видеомониторинг, физичко обезбедување, техничко обезбедување со алармен систем, централен видео мониториг, електронско-магнетен систем за контрола на влезовите низ објектот и безбедносно осветлување. Понатаму, мерките на превенција треба да се засилени со мерки на санкција. За адекватен одговор на криминалот со културното наследство р потребно успешно откривање, спречување и фаќање на сторителите на овие кривични дела преку превентивни и репресивни мерки, а тоа е во надлежност на полициските служби. Полициските служби ги вршат своите надлежности во согласност со закон, а за успешна борба потребно е да ги спроведуваат следните дејствија: спречување на вршење кривични дела од областа на културното наследство и икони, откривање и фаќање на сторителите на кривични дела од областа на култруното наследство, воспоставување на агентурна мрежа, тајно следење и набљудување, контрола на комуникации, контролирана испорака, симулиран откуп на икони, ограничување на движење во определн простор и објект и обезбедување на објекти од страна на МВР на Република Македонија. Неминовно е создавање постабилна организациска мрежа за превенција и санкција составена од Министерството за внатрешни работи, Царинската управа на Република Македонија и Националниот координативен центар за гранично управување (повеќе за ова во Заштита на иконите по македонските цркви и манастири од м-р Зоран Танасковски).

Неспорно е дека културното наследство во манастирите и црквите се иманентен дел од македонската историја и тие секогаш ќе бидат интерес на поединци со лукративни намери и трети држави со политичка агенда за присвојување на тоа наследство како сведоштво за националната и културна историја. Доколку оваа ситуација на свесно пасивизирање и немо набљудување на одземањето и уништувањето на културното наследство продолжи, за брзо време истото ќе биде засекогаш изгубено. Тоа ќе нанесе несогледливи последици за државата и идентитетот. Дојдено е времето кога мора итно да се реагира, а не проблемите да се прикриваат во лавиритнот на правната неизбалансираност и префрлањето на одговорноста од една на друга институција. Прашањето е од врвно и приоритетно државно значење и решението за него мора да биде заедничко и над секој конфликт, летаргичност и суета.

Автор: Милчо Велјаноски, дипломиран правник и магистранд на културолошки студии. Објавено во Академик на: 12.03.2013

Автор:

Слични статии