Култура

„Џанго“ го отвори 67. Берлинале

Најголемиот германски филмски фестивал започна со филм за уметник во време на диктатура. „Џанго“ е и филм за еден бегалец, тема актуелна некогаш како и денес. Успешен почеток на Берлиналето, велат критичарите.

Нема премногу историски филмови за Ромите и Синтите и нивниот прогон за време на нацистичка Германија. „Џанго“ – дебитантското дело  на францускиот режисер Етијен Комар е историско-политички филм кој има и поврзувачки точки со денешницата. Публиката на синоќешното гала отворање на 67. Берлинале беше задоволна од изборот на филмот за отворање на фестивалот. Тој е фокусиран на прочуениот џез музичар Џанго Рајнхарт и неговиот живот како ромски уметник во Париз за време на нацистичката окупација.

Политичка конотација провејуваше во текот на целата вечер на отворањето на фестивалот. Во изјавите на глумците не беше изоставен ни американскиот претседател Доналд Трамп. Американската актерка Меги Џиленхол, која е и членка на жирито на фестивалот, изјави дека во САД има многу граѓани кои се подготвени да му пружат отпор на новиот претседател. Мексиканскиот актер Диего Луна пак се изјасни против изградбата на ѕид на американско-мексиканската граница. Вкупно 18 филмови се натпреваруваат за главната награда на фестивалот „Златната мечка“ која ќе биде доделена на 18. февруари. Во мамутската програма во бројни секции на Берлиналето ќе бидат прикажани близу 400 филмови од 70 земји. Меѓу нив е и најновото остварување на македонската режисерка Теона Митевска „Кога денот немаше име“.  Филмот инспириран од злосторството кај Смилковско езеро крај Скопје, ќе биде премиерно прикажан во Берлин во рамките на програмата Панорама на 14. февруари.

Автор: