Култура

Париз ја прогласи 2017 за година на велосипедот

Градските власти на Париз планираат да ја надградат инфраструктурата за возење велосипед и да го забранат сообраќајот за автомобили покрај музејот Лувр, како дел од мерките за намалување на загаденоста на воздухот.

Градоначалничката Ан Идалго најави дека ќе отвори две велосипедски патеки од по 4 километри покрај улицата Риволи, една од главните сообраќајници, со што ќе ги поврзе плоштадите Бастија и Конкорд. Таа додала дека Париз планира да ја удвои вкупната површина на велосипедските патеки до 2020 година

-Климатските промени ни се главен приоритет. Помалку автомобили значат помало загадување. 2017 ќе биде година на велосипедот – рекла Идалго.

Според планот, улицата Риволи, која поврзува голем број знаменитости на Париз, вклучувајќи го и музејот Лувр, ќе се преуреди во зона за пешачење, возење велосипед и за шопинг, а просторот за движење на автомобилите ќе се преполови. Градот веќе забранил приватни возила да сообраќаат по улиците што водат низ комплексот Лувр. За оваа година се планира голем дел од овој историски дел на Париз да се претвори во пешачка зона.

Од следната година, пак, во Париз треба да почне да сообраќа т.н. трам-бус на десниот брег на Сена. Со тоа треба да се подобри квалитетот на јавниот превоз, како дел од обидите на Париз да ја добие организацијата на Олимписките игри во 2024 година.

Заменик-градоначалникот на Париз, Кристоф Најдовски, кој е одговорен за транспортот, вели дека градовите како Бордо и Лион постигнале многу повеќе од Париз бидејќи веќе ги затвориле своите кејови за моторни возила и ги забраниле дизел возилата во централните подрачја, слично како во Токио.

-Имаме уште многу работа да завршиме, што е очигледно ако се земат во предвид деновите со големо загадување на крајот од 2016 година – вели Најдовски.

Во септември Париз претвори еден дел од брегот на Сена во пешачка зона, и покрај противењето на многу возачи и на опозицијата во градот. Во последните 15 години, автомобилскиот сообраќај во Париз е намален за околу 30 проценти. 

Текстот е преземен од Екологист

Автор:

Слични статии