Култура

Пет романи во третиот круг на „Роман на годината“ за 2016 година

Пет романи, од вкупно 28 кои конкурираа за „Роман на годината“ за 2016 година на „Утрински весник “, селектираше завчеравечер годинешната жири-комисија со што тие го продолжија годинешниот натпревар за престижната награда за литература напишана на македонски јазик. Селектирани се: „Но-Уи “, на Лидија Димковска, во издание на „Или-или“; „Америка, Америка“, на Божин Павловски, во издание на „Матица македонска“; „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“, на Игор Станојоски, во издание на „Или-или“; „Јас и Лин, отпосле“, на Ана Стојаноска, во издание на Културната установа „Блесок“ и романот „Собирачи на пепел“, на Давор Стојановски, во издание на „Или-или“.

Жири-комисијата во состав: Петар Андоновски (претседател) и членовите: Маја Бојаџиевска, професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ , Нове Цветаноски, публицист, литературен критичар и издавач, писателката Гордана Михаилова- Бошнаковска и Катерина Богоева, уредничка на Културната редакција на „Утрински весник“ по извршената селекција на пристигнатите дела, од кои во деновите што следат најнапред ќе бидат избрани финалистите, а на 15 март јавно ќе биде соопштен и добитникот на наградата за 2016 година, посочи на одредени важни моменти кои говорат за самите романи што влегоа во третиот круг, но и за одредени кои отпаднаа во претходната фаза на селекција.

„Божин Павловски нуди веќе познати теми со својот роман ‘Америка Америка‘“, смета Петар Андоновски, Катерина Богоева пак потенцираше дека на овој роман на Павловски може да се гледа како на едно од неговите најдобри, во последно време напишани дела, мислење кое го подели и Нове Цветановски.

„Најважното во романот на Божин Павловски е што има некоја сокриена метафорика. Зошто Нова Европа во Америка? Тоа е елемент кој апсолутно те обзема за некои ситуации што се случуваат и денес“ посочи меѓу другото Гордана Михаилова-Бошнаковска.

Катерина Богоева укажа дека Ана Стојановска претставува вистинско изненадување на конкурсот со својот роман „Јас и Лин отпосле“, но и дека младиот автор Давор Стојановски со својот веќе втор роман се потврдува на писателската сцена по дебитантскиот роман „Ненасловена месечева соната“ со кој беше и во потесниот круг за наградата „Роман на годината“ за 2013 година. Како добар роман беше посочен и „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“, на Игор Станојоски, а по неговиот прв „Гаргара“ со кој овој автор исто така влезе во финале за „Роман на годината“, но за 2014 година.

„Игор Стојановски се подредува на приказната, а тоа е една шема кај комерцијалните романи, но добро ја изведува, вешт е“, забележа Нове Цветановски напоменувајќи дека пријатно го изненадиле и два романи кои и не влегоа во вториот круг, од автори чии имиња се вртат во книжевните кругови „Последниот монах“ на Добре Тодоровски и „Калина“ на Петре Наковски.

Романот „Рапави стихови“ на Милован Стефановски, кој не влезе во избраните пет романи, Гордана Михаилова-Бошнаковска го окарактеризира како добро напишан, но потенцираше и дека „кога се зборува за романите треба да се гледа и на тоа колку време тие ќе го преживеат и сопственото живеење“.

„Стефановски е доста крут во раскажувањето, во стилот, многу покрут од младите автори на пример. Давор Стојановски е многу рационален во раскажувањето, но сепак ќе те одржи да го читаш до крај“, забележа меѓу другото Нове Цветановски, кој за романот на Ана Стојаноска напомена дека има многу добар лирски стил.

„Како тренд победуваат млади автори, страсни, кои обработуваат современи теми што мислам дека е добро и за имиџот на наградата ‘Роман на годината’. Мене ми се чини дека таа ги поддржува оние што допрва доаѓаат и кои веруваме имаат книжевна иднина“, рече меѓу другото Маја Бојаџиевска.

„За мене и помалку традиционалните дела значат многу затоа што ќе дојде време на заситеност од новиот свет, од новите сознанија и од новите комуникации, сметам дека сепак авторите ќе се вратат на она што е нивно“, рече меѓу другото Гордана Михаилова-Бошнаковска.

Автор:

Слични статии