Култура

Анализа: Рашче незаштитен од поплави, градби од „Скопје 2014“ опасни за коритото на Вардар

Регулацијата на реката Вардар e правена во 60-те и 70-те години. Максималниот проток на вода за димензионирање на регулираното корито бил 1.150 метри кубни во секунда. После изградбата на Козјак, нивото на заштита за Скопје се зголемува за пет пати. Интервенциите на коритото во центарот со насипи, пешачки мостови и бродови (од „Скопје 2014“ н.з.) ја намалија пропуснатаспособност на коритото до 30%. Но, уште понови градби спроти Камениот мост, дополнително го намалуваат капацитетот, грубо проценето за отприлика 50 отсто, вели специјалистот за проектен развој и градежен инженер, Ангел Панов.

Панов е консултант со повеќегодишно искуство во областа на развој на инфраструктура за животната средина. Работи во компанијата „Поинт Про“. Исто така, дел е од тимот што правеше „Физибилити анализа на можностите за намалување на ризикот од поплави во Скопскиот регион“, која Град Скопје ја изработи во соработка со УНДП.

Оваа анализа Панов ја презентираше пред буден аудиториум од советници, разни експерти, претставници на институции и активисти во Советот на Град Скопје.

Анализата укажува на повеќе недостатоци кога во прашање се водните текови. Укажува и на застарени системи и скопски урбанистички експерименти. Нуди и мерки, низ призма на заштита од поплави и евентуални материјални штети, но и спас на човечки жртви, особено по горкиот вкус од ланската катастрофа под Скопска Црна Гора.

Преку документот се подвлекуваат барања за забрана за било какви активности во речните корита. Потоа, чистење на целиот шут и градежен материјал кој е внатре. Воведување карти за ризик во урбанистичко планирање, регулација на пороите, па се до нови правила за управување со акумулацијата поради конфликт на интереси. Го имаме ЕЛЕМ кој сака производство на струја, но од друга страна, вели Панов, е Градот Скопје кој сака систем против поплави.

Презентација на „Физибилити анализа на можностите за намалување на ризикот од поплави во Скопскиот регион“ во Советот на Град Скопје

„Скопје ја пропушти можноста да биде еден од најзаштитените градови во Европа. Прво, ги уредувавме пороите во 50-60 години, а сега се во лоша состојба. Атмосферската канализација ја димензионираме, меѓутоа ја урбанизираме и, на тој начин, таа е недоволна (репер во минатото била површина од 120 литри/секунда н.з.). Централниот дел во моментов бара дупла заштита од таа што е проектирана. Системот за високи подземни води е повторно во лоша состојба. Не работат пумпни станици, постојат неисчитени канали“, рече Панов.

Како едно од клучните места го спомена и Рашче. Скопје се водоснабдува од изворот веќе 50-60 години. Сепак, нагласи Панов, Рашче се уште е незаштитен од поплави.

„Ризикот е огромен. Екомските бенефити на изворот се бесценети. Како прв приоритет, ако сакаме да се заштитиме, прво треба да го обезбедиме. Во однос на евентуална загрозеност од јаловиштата од Јегуновце, направена е симулација за излевањето на реката Вардар и на Бистрица, но нема опасност од загадување на површинските води. Можеби има опасност од атмосферски врнежи, меѓутоа тоа не беше предмет на анализата. Не знам дали е тоа воопшто научно докажано“, забележува Панов.

Поплавниот бран во Скопје, пред се’, зависен е од просторната и временската дистрибуција на врнежите.

„Доколку настане делумно преклопување на брановите, тогаш градот може да очекува штета од безмалку 200 милиона евра, или 5-6% од БДП. Но, ако настане катастрофален бран, тогаш штетата достигнува до 300 милиони евра, односно 8-9% од БДП на Град Скопје“, нагласува тој.

Проблемот за евентуалната поплава се трансферира низводно од градот, во руралниот дел. Тој, вели консултатнот, е комплетно незаштитен. „Во минатото се сметало дека е рурален, меѓутоа сега е изменет, урбанизиран. Произлегува дека делот од Аеродром надоле до Таорската клисура (26 километри источно од градот) во моментов им треба заштита најмалку на 100-годишна вода. Односно истата заштита проценета во 60-те години за урбаниот дел“, нагласува консултантот од „Поинт Про“.

За Водно, долго време активисти и локални жители алармираат за еколошки злостор и градежни „апетити“ за шумскиот фонд, но ретко се споменува и за неговата заштитничка улога од порои и ерозии. Тој момент бил двигател за ударничките акции за пошумување после војните. А, дополнително е пошумувано и по поплавата во 1951 година, која одзеде една човечка жртва при пробив на облак над Водно. Речиси целосно бил уништен и паркот на болницата. Кај Мала станица биле донесени околу 20.000 метри кубни нанос. Радио МОФ пишуваше за поплавата кога истражувавме за уништени делови од парк-шумата.

Сега повторно се анализирани пороите на Водно. Не од топографски аспект, туку каков ризик од штети би имало Скопје.

„Левата страна од градот, Нерези, е уредувана во текот на времето и поплавите од таму немаат некој економски ефект, меѓутоа пороите Муртинец и Мартино брдо, Припор и Кисела вода, имаат исклучително висок ризик од економски штети“, вели Панов.

Анализирани се и поплавите од 2016 година кај Скопска Црна Гора. Според официјални податоци, нагласува тој, анализата докажува дека во тие два и пол часа наврнала иста количина колку што наврнува во август, меѓутоа за цела година, и тоа максималната количина на врнежи. Вкупната проценка е дека во сливот паднале 5-6 милиони метри кубни вода, од кои како површински биле 2. Плус, наведува Панов, треба да се додаде и количината на нанос, кал, камења и сл.

„Пробавме на направиме модел за симулација на движењето на поплавниот бран, а веродостојноста беше извршена со анализи на сателитски снимки од ‘Коперникус’. За приказ, прво доаѓа поплавен бран, се задржува на обиколницата, се прелева. Доаѓа втор покритичен бран, се прелева. Водата се задржува во долниот дел. Причините претпоставувам се и решенија за случајов. Сите зборуваваме за ‘намалување на шумскиот фонд’, па пробавме да направиме и симулација на вегетацијата. Ако се погленат снимки од 2015 и 2016 споредени со 1985-1986 година, вегетацискиот ‘покривач’ е драстично намален“, забележува Панов.

Како мерка го спомена уредувањето на водотеците во горните делови. Потоа, брзо спроведување на истите во населените места и канализирање во руралните делови, бидејќи, нагласува, немало речно корито да ја однесе водата до пропустите на самата обиколница.

„Една од можните брзи, интервентни мерки за заштита е изградба на еден ретензионен базен, или доколку обиколницата би била неколку метра повисока во однос на досегашната – во тој случај, поплавниот бран би дошол, би се задржал, би извршил ослободување на тој ретензионен базен. Водата би продолжила да тече, меѓутоа најголемиот дел на жртвите кои настанаа од обиколницата ќе беа избегнати“, рече Панов.


Пет големи поплави во Скопје од 1935 до 2006

Според документот „Отпорно Скопје“, од 1923 година кога се воведени хидролошките набљудувања на протоците на реката Вардар, забележани се пет големи поплави:

Декември 1935 поплавен мал дел од градот.

Декември 1937 биле поплавени низводните делови додека градот бил заштитен со насипи.

Ноември 1962 предизвика економски загуби од околу 7% од БДП. Нивото на Вардар било највисоко 1,310 m3/s; биле поплавени 6,752 ha.

Ноември 1979 предизвика економски загуби од околу 7% од БДП. Нивото на Вардар било 980 m³/s m3/s; биле поплавени 7,550 ha.

Август 2016 го поплави североисточниот дел од градот, предизвика 23 човечки жртви и уништи цели населби предизвикувајќи економски загуби од околу 30 милиони евра.

Автор:Бојан Шашевски

Преземено од МОФ

Автор:

Слични статии