Култура

Ин мемориам: Предраг Луциќ (1964-2018) беше познат хрватски писател, новинар, сатиричар, режисер…

По тешко боледување, на 10 јануари во Сплит почина Предраг Луциќ, реномиран хрватски новинар, писател, поет, хуморист и режисер, познат во целиот балкански регион. Предраг Луциќ е роден 1964 во Сплит. Тој е еден од основачите на легендарниот неделник „Ферал Трибјун“, а го започна и уредувањето на Фераловата библиотека. Од летото 2009 во риечкиот весник „Нови лист“ тој пишуваше дневна колумна под наслов „Трафика“.

Во март 1993 година, ја напушта„Слободна Далмација“ и со група колеги го формираат самостојниот сатиричен, политички весник Ферал Трибјун, каде на првите броеви се потпишува како главен уредник. 

Во декември 1993 година Feral Tribune станува неделник и од тогаш Луци работи како уредник, автор на  сатирични и тнр.сериозни текстови, уредува веб страни, креира фотомонтажи, ги пишува и уредува разни рубрики, (Greatest Shits, Šempjun, Tromblon, Informbiro, и тн.), ја окренува и уредува библиотеката на Feral Tribune. Од 2007 гоидна, заедно со Борис Дезуловиќ настапува во поетско кабаре. 

 

Луциќ во 1998 ја објави книгата „Greatest Shits – Antologijа suvremene hrvatske gluposti“ во коавторство со Борис Дежуловиќ, песнарката „Хаику хаику јебем ти маику“ во 2003, книгата „Љубовниците од Верона“ во 2007, читанките „Сун Цу на прозорчето“, 2009 , „Безгаќна историска реалност“ во 2010 и „Гусли во магла“ во 2013. Од 2007 заедно со Борис Дежуловиќ настапуваше во поетското кабаре „Мелодии на Блесокот и Бурата“.

Во продолжение, претставуваме осум песни кои Луциќ ги напиша по патувањето низ Македонија, кое го организираа Независни писатели на Македонија во 2005 година.

ÇOK SENI SEVERAM

Ако не го дочекам Петровден
А ти
Ти премажи се
И свадбата нека биде галичка
Па да те чујам убавино
На гробиштата кога ќе тргне тешкото

Сите момчиња покојни
Јас можеби мртов можеби пијан
Лежам тука под лажно име
Атанас Параходотов

И додека мртвите сватови ги викаш
Јас од гроб туѓ ќе станам
Ако ми кажеш знаеш ти што
Ако ми кажеш како Нина Спирова
Ако ми кажеш
Çok seni severam

ШИРОК СОКАК

Милтон Манаки
Во вкрстен оган
Од бронзени партизани
И Џедај витези

Трае војната на ѕвездите петокраки
И на Лукасовите ѕвездени воини
Одмаздата на Ситот
Или
Одмаздата на Тито
Па кој ќе се одмазди

Кога е најнапнато
Во кадарот влегува
Некаков штознамјас
Ни партизан ни витез
Некаков примерок на видот
Прилично дебелкав

Тука е словенечкиот конзулат
Вика
Не е дозволено снимање на објектот

Го спуштам апаратот и прашувам
Еј Манаки
Ја слушна ли будалава

Манаки не трепка
Молчи
И ја фаќа својата слика
Зашто можеби знае

Можеби знае
Дека тој ден ќе дојде
Кога вршителот на должноста некој
Со конфекциски ќе му каже глас
Камерата своја да ја тргне
И од сигурносни причини
Веднаш да го нема
Манаки

Сè е готово за последната слика
Будалата само што не влетала во кадарот
А јас сè нешто се плашам
Дека и Судниот ден ќе биде таков

Дека ќе дојде некој таков таму
Понизок чиновник од уредот на Свети Петар
И ќе нареди сите да се разотидат мирно
Зашто никој не најавил никаков собир
Ни во Кедронската долина
Ни над неа
Ни на Маслиновата гора
Ни пред Портата милосна

И дека ангелите убаво се молат
Да ја тргнат таа распната жица
Зашто ако им дојде комуналниот редар
Ќе си го видат и својот Бог
И Судниот ќе му го видат ден

 ЧОВЕКОТ НЕ Е ПТИЦА

Ја вртам приказната за Силјан Штркот
Кој е и тука и таму
Додека газам кон сртот во Коњско
Да сликнам трофејна фотка
Од единствените европски пеликани

Тие се разбира не чекаат
Да пријдам близу
И „Птичка!“ велам
Од далеку со крилјата ми мафтаат
Многу поздрави од Преспанското езеро

А јас ни Силјан ни Штрк
Нит сум тука нит сум таму
Баш никаде

Ни да полетам ни да запливам
Ништо
Ни несит ни пеликан

Па таков никаков мислам
Што прават Франс Лантинг
Тим Ламан
Квинтон и Ниџе
И целата таа екипа
Што ги снима птиците во лет
За National Geographic

Колку сол со себе носат
Да им ја стават на птиците на опаш

ЏАГОРОТ НА МАТЕРИЈАЛОТ

Во Гевгелија постои човек
Кој бил и останал само човек
Дури и тогаш кога морало да се биде
Срб ил Хрв
Мак или Алб

Па што тогаш
Ќе рече некој

Ништо полесно
Ќе додаде друг

И во тој џагор
Јас пак нема да слушнам
Дали во тоа се обидел
И некој од нив

 ПРЕДРАГ САМАРЏИСКИ

Во македонскиот Глобус
Што се вика Фокус
Читам интервју со кошаркар
Кој вели
Во Македонија сум изрод
А во Партизан сум ѕвезда

Ех да е Синан Гуџевиќ овде
Тој епиграмски би му рекол
Во Партизан дека може и да биде ѕвезда
Но во Ѕвезда не и партизан

А и во Партизан
Мајсторче
Ете
Дека дошле некои такви времиња
Дури и ѕвезда може да се биде
Но никако
Никако партизан

ФИЛТЕР ЈУГОСЛАВИЈА

На црвената кутија Филтер Југославија
На Тутунскиот комбинат Прилеп
Со исти букви ново име стои
Наместо Југославија
Ориентал

Како сега да им објасниш на браќата
Кои ги острат глоговите колци
И до Поткорен до Гевгелија
Ѝ ги забиваат во мртвата ѝ почва

Дека веќе не можеш да дојдеш пред трафика
Да побараш Југославија и кибрит
Дека веќе никаде
Ама баш никаде
Не пали тој прастар штос

Па да се манат од пепелот нејзин
Зашто Југославија веќе
Не може никаде да отиде
Не може никаде
Не може нигде
Не може дури ни во чад

ХАМЛЕТУВАЊЕ

Ова лето богато родија Хамлетите
Низ сите тие земји наши
Кои ниту се
Ниту не се
Ќе ги биде
На сите страни
Или не ќе ги

Каде и да ставиш стапица за глувци
При османскиот дворец
Или во титовалиште
На тоа наше бивање
Ниту на небивањето наше
Никако да му се стави крај

Зашто
Фортинбрас тука не наминува никогаш
Само по некој трговец со бибер и оцет
Со фишеклии и страв во прав
Или фабрикант на шишиња за дожд ќе намине
Фабрикант за шишиња-кишиња

Никаков Фортинбрас никогаш
Само тук-таму по некој форензичар

СИМОНИД, КРАЛОТ НА ПЕНТАПОЛИС

Како морнар во Перикле дојдов
Пред Света Софија
У предвечерието на сè
Осумдесет и шестата
Следејќи го Гауер
Кој од гробот стана тогаш

Го преживеавме на Антиохија ужасот
Прегрмевме луња на море
А потоа
Сред рицарскиот турнир
Во Пентаполис
При дворот на кралот Симонид
Сопре сè
Во миг
И претставата
И турнирот
И Шекспир
И светот

Симонид
Кралот на Пентаполис
Милош Трипковиќ
Одличен актер
Одеднаш се раздели од ликот
Го изгуби и дејствието и текстот

Попусто шептачката Беба
Попусто дворјаните и рицарите
Попусто Таида красната
На кралот Симонид ќерка

Кралот сопре
Па стои
И молчи
И јас еве
Деветнаесет години потоа
Пред црквата на Света Софија барам
Не знам што барам
Па конечно сфаќам
Дека го тражам истиот тој молк

И размислувам како ќе беше
Ако кралот Симонид не го враќаме
По секоја цена
Во дејствието
Во претставата
Во текстот
Да го оставевме да молчи
И деветнаесет години
Ако треба
Пред Света Софија
Сè да стои
И претставата
И актерите
И публиката
И сè

Симонид
Кралот на Пентаполис
Милош Трипковиќ
Жив ќе беше актер
Ни Шекспир
Ни Света Софија не би
Дозволиле
Да умре како пес

Извор: Блесок бр. 52, јануари-февруари, 2007
Препев од хрватски: Игор Исаковски

Автор:

Слични статии