Култура

Вечерва почнуваат 57. Струшки вечери на поезијата

Со палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата и со традиционално читање на Константиновата „Т’га за југ“, вечерва почнувааат  Струшките вечери на поезијата, што оваа година се одржуваат по 57 пат од 22 до 27 август, на одбрани локации во Струга и во неколку градови во државата.

Според традицијата, претпладне во Паркот на поезијата ќе биде засадено дрво во чест на добитникот на највисокото фестивалско признание „Златен венец“, годинава е полскиот поет Адам Загајевски. На оваа локација ќе се чита поезија, а веднаш потоа ќе се одржи прес-конференција со лауреатот.

По официјалното отворање на манифестацијата вечерта следува меѓународно поетско читање „Поетски меридијани“.

Утре на програмата е претставување на портрет на Михаил Ренџов, минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија и поетски читања на поети од потесниот избор за оваа награда за 2018 година.

Претставување на портрет ќе има и за Паули Тапио, добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која СВП и УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска книга, како и за други учесници на фестивалот.

Фестивалот ќе заврши в недела со манифестацијата „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“.

На годинашните 57. Струшки вечери на поезијата ќе учествуваат 30 поети од 29 земји меѓу кои Полска, Финска, Франција, Германија, Израел, Грција, Албанија, Монголија, Шведска, Ерменија…, како и 50-тина поети од Македонија.

Автор:

Слични статии