Култура

Жарко Иванов, аниматор, режисер, продуцент: Ние сме веќе во светските текови

Секој филм има фестивалски живот кој трае две години, почнувајќи од премиерата на филмот, аплицирање и учество на фестивали, што следи потоа, вели Жарко Иванов, автор на анимираниот филм „Кружно патување на монахот“  третиот дел од  успешната филмска трилогија „Кружно патување“. 

А заедно со филмот патува и неговиот автор. Жарко Иванов го „фативме“ дента  во Скопје, помеѓу две патувања. Тукушто вратен од Љубљана, Словенија, од фестивал на краток филм, а веќе следниот ден  го чекаше патување во Романија, фестивал кој се одржува во два града каде ќе бидат прикажани за прв пат сите три филма од трилогијата.

Учеството на фестивалите му донесе и многу награди. „Кружно патување на Марето“ е вториот дел од трилогијата и досега е прикажан на 70 фестивали, заедно со првиот филм од оваа трилогија „Кружно патување на сенката“, биле прикажани на 100 фестивали и освоиле вкупно 15 награди.

  • Последниот дел од трилогијата „..Монахот“,  само што почна да оди на фестивали. До овој момент е прикажан на 15 фестивали и има освоено 3 награди::за најдобар анимиран филм на фестивалот во Поградец, Албанија, потоа на фестивалот „Анибар“- специјално признание за анимиран филм и награда на фестивалот во Охрид на новиот Beach Film Festival. Вчера беше прикажан на еден од најпрестините фестивали за анимиран филм во светот, во Хирошима, Јапонија. Фестивалот е формиран во 1985 и се одржува секоја втора година.

Жарко Иванов црпи инспирација од наши приказни кои се раскажани со универзален јазик.

  • Јас сум тврдоглав и не ги следам трендовите по светските фестивали: дали се тоа геј приказни, маргинализирани групи, бегалци, мигранти, со еден збор трендовски приказни допадливи за пребирливите селектори на фестивалите. Сметам дека ние треба на светот да им ја раскажеме нашата приказна.. А приказната во „…Монахот“ дојде како инспирација од една фреска во манастирот Заум, кој се наоѓа во Охрид, „Света Ана ја дои Богородица со гола града“. Тоа е единствена фреска од византискиот период каде се гледа голотија. Сценариото е мое и на Александар Прокопиев, кој е ко-автор и на другите два филма од трилогијата. „…Марето“ е исто така домашна приказна, комбинирана со цртеж и видеа од Браќата Манаки. Првиот дел „Кружно патување на сенката“ е инспирација од приказната на Димитар Солев, каде таткото цело време ги носи со себе коските на умрениот син и едно младо дрвце, коишто треба да ги смести на нови локации на гробиштата низ Скопје. Овие приказни не можете да ги направите во 3д анимација, тие бараат поуметнички, поестетски, авторски момент. И тоа го ценат луѓето и се чудат како ние успеваме со мал број на луѓе да завршиме толкава работа.

Успешниот аниматорски пат кој овој автор го  изодува и се искачува кон височините е резултат и на годините поминати во едукација, покрај, се разбира, упорноста што самиот ја потенцира.  Завршил неколку студии: италијански и руски јазик со книжевност на Филoлoшкиот факултет во Скопје, љубовта кон уметноста го води на филмски колеџ во Софија, Бугарија, следат две магистерски студии, културолошки студиии и магистратура за анимиран филм.

Жарко Иванов е еден од неколкуте автори што сериозно работат во последниве десетина години, а тоа  значи дека зборуваме за нов бран во македонскиот анимиран филм што се случува. Проблемот е што анимираниот филм не се третира исто како играниот филм во Македонија и покрај наградите што  пристигнаа од фестивали ширум светот, вели Иванов.

  • Македонскиот анимиран филм веќе го има на светската мапа на анимираниот филм. Ние сме веќе во светските текови кога зборуваме за анимиран филм и по фестивалите се збори за македонски анимиран филм, нешто што пред неколку години не постоеше. Многу работевме во последните години и имаме одлични резултати. Државата одвојуваше средства и до пред две години се финансираа на два пати по три анимирани филма годишно. Но, на последните конкурси средствата се намалени и сега се финансира само по еден филм на двата конкурси во годината. За да бидете конкурентни, да се одржите на фестивалите и да останете во игра, треба да имате и буџет сето тоа да го реализирате. Секоја европска држава има национален фонд од каде распоредува средства за филм, а анимираниот филм се третира подеднакво и се цени трудот и времетраењето на процесот.

За барање средства од други држави и правење копродукции, повторно улогата на државата ја има одлучувачката улога.

  • За да добиете средства од друга држава, мора да сте поддржани прво од Националниот фонд во својата земја. Значи прво треба вашиот филм да биде поддржан од својата земја за да можете понатаму да копродуцирате со странски држави. Ние ги правиме копродукциите, на пример мојата продукциска куќа работи со други куќи и веќе станува збор за заедничко работење.

Анимираниот филм бара време, тоа е тешка и напорна работа, а анимацијата може да биде магична, свежа и неповторлива.

  • Она што за литературата е лирската поезија, за филмот воопшто е анимацијата, којашто може да биде навистина магична, единствена, свежа и неповторлива. И додека во играниот филм гледаме наместени сцени снимени во реално време, во анимацијата секој кадар е измислен, ликовите и сцените се дизајнирани со рака, а аниматорот физички се соочува со секој кадар и му дава графичка содржина, рачно контролирајќи го односот помеѓу секоја следна слика за да добие целосно движење

Следното што го очекува овој автор е работа на нов краток и подготовка за работа на својот прв  долгометражен анимиран филм, како и работа со неговата продукциска куќа. 

  • Мојата продукциска куќа „Флип Бук“ работи со повеќе наши успешни автори. Во моментов работиме на филм на Владимир Лукаш, премиерата ќе биде кон крајот на годината. Имаме филм со Кристина Гацова, конечно женски режисер, на кој сум продуцент, ко-сценарист, аниматор и директор на фотографија. Морам да кажам дека филмскиот фонд се изјасни да финансира дебитанти и женски режисери, што за мене е одлична шанса да се вклучат и жените во македонскиот анимиран филм.

Премиерата на „…Монахот“  беше на „Анимаком“ фестивалот во Билбао и „Инсомнија“ во Русија, следуваат фестивалите во Италија, Романија…

  • Фестивалот „Анимест“ во Букурешт е најголемиот фестивал за анимиран филм во Југоисточна Европа и е со квалификациски карактер за Оскар. Значи, ако ја добиеме главната награда во категоријата во која е прикажан филмот, влегуваме во потесниот круг за избор за „Оскар“ за краток анимиран филм, а тоа секако би било одлично, вели Жарко Иванов.

Слични статии