Култура

Косовскиот кандидат за „Оскар“ на „Синедејс“: Се плашевме од закани за филмот, а добивме пофалби


Анита и Беким се подготвуваат за својата венчавка во Косово. Таа чека информации за нејзините родители, кои се исчезнати во војната во 1999 година, а родителите на Беким сакаат да држат сè под контрола. Иако, идниот брачен пар успева да се организира околу подготовките за големиот ден, ненадејно се појавува Нол. Тој е поранешен геј-љубовник на Беким и ја усложнува целата ситуација. Свадбената веселба станува тензична кога почнува да се разоткрива необичниот љубовен триаголник.

Ова е синопсисот на филмот „Брак“ во режија на Блерта Зекири, кој беше прикажан на „Синедејс“ во рамките на програмата „Сине Балкан“. Овој филм е и официјалниот претставник на Косово за „Оскар“ во категоријата на филмови од неанглиско говорно подрачје.

Филмот предизвика големо внимание како во регионот така и низ Европа, особено што третира една тема која сè уште е табу на овие простори. Секојдневието и опкружувањето во кое се наоѓа и режисерката ѝ дава идеја да ја напише оваа приказна.

„Моја пријателка беше во брак со момче за кое сфати дека е хомосексуалец откако му роди второ дете. Друг близок пријател, кој беше либерален геј, имаше тежок притисок дека мора да се ожени, па така беше приморан да ја напушти земјата и да се отсели. Гледајќи ја одблиску болката на моите пријатели, ми се разјасни дека морам да направам филм со оваа тема. Љубовта, која е најубавото и најбожественото чувство што можеме да го имаме, не им беше дозволена на сите поради општествените „морални норми“. Не можев да прифатам колку е нормална оваа апсурдна ситуација. Па, сè започна од овие две ситуации. Во обид да изградиме хиперреалистична приказна, заедно со косценаристот Кека Крешник Бериша, кој е и мој животен партнер, почнавме да истражуваме. Се истражувавме себеси и сите љубови во нашите животи. На крајот, процесот на пишување се сведе како да ги уредуваме сопствените сеќавања“, раскажува Блерта за „Независен весник“.

                        Сцена од филмот „Брак“

Во 2012 година во Косово се појавува магазин „Косово 2.0“, а во еден од броевите ја третира сексуалноста како тема. Додека се вршела промоцијата на списанието, се појавиле екстремистички групи на настанот и ги нападнале учесниците. Напаѓачите не застанале тука, туку ги демолирале и просториите на ЛГБТ-организацијата, а дел од припадниците ги претепале. По сведочењето на овој излив на насилство врз луѓето што ги бранеа човековите права, Блерта вели дека биле подготвени за најлошото.

„Криевме од медиумите каква тема третира филмот. Се плашев дека ако почувствуваме притисок, тоа ќе влијае врз начинот на кој ќе го правиме филмот. Но, за време на постпродукцијата, почнавме да се подготвуваме за уште полоша ситуација. Сите имавме планирано да си заминеме неколку месеци по премиерата, можеби и да не ги испраќаме децата на училиште некое време, само за да бидеме сигурни. Но се случи најубавото нешто. Филмот во текот на првите две недели од прикажувањето во Косово беше најгледаниот филм во кината. Наместо заканите што ги очекувавме, добивме пофалби. Сè уште не ни се верува дека се случи тоа“, вели режисерката Зекири.

 

Се чини дека темите што се табу на Балканот, надвор во светот носат награди. До овој заклучок се доаѓа ако погледнете дека косовскиот претставник за „Оскар“ е филм кој третира геј-популација, а македонскиот претставник третира уште една тема што е табу на овие простори, а тоа е марихуаната како лек. Зекири се согласува дека со третирањето вакви теми во филмовите ќе ги скршиме предрасудите во општеството.

„Правата на квир-луѓето како тема е третирана во поразвиените земји од нашите. Исто е и со темата – марихуана. Овие теми не се повеќе ‘жешки’ во развиените држави бидејќи тие се справиле со ова. За жал, нашите општества се далеку зад цивилизираниот свет, па затоа темите со кои се соочуваме не се оригинални самите по себе. Но да, кога во нив ја внесуваме балканската култура, со самото тоа ги правиме оригинални“, вели Блерта.

Филмската индустрија во Косово доживува ренесанса. Посериозно вложува во овој сегмент по осамостојувањето на земјата во овие десет години. Новата генерација филмаџии ги презема работите во свои раце, се избори за поголеми можности и средства за филмски проекти. Од финансирање на само еден долгометражен филм годишно, сега се случува да се снимат и до три-четири долгометражни и неколку кратки филма. Се вложува и во анимираните филмови, а често се вложува и во развој на сценарија, постпродукција и слично.

„Пред пет години не можевме да снимиме филм со целосна екипа од Косово, мораше да земаме техничари надвор од земјата, но сега ситуацијата е променета, има луѓе што работата како филмски техничари и живеат од тоа. Иако е сè уште ново, се надевам дека се движиме во вистински правец. Сонувавме за наш филм што ќе се натпреварува на фестивал од А-категорија, сега имаме по неколку филма што се натпреваруваат и носат награди дома“, вели Блерта.

Косово и филмската индустрија даваат и една друга интересна перспектива, а тоа е рамноправноста на жените во филмот. Блерта вели дека ситуацијата што годинава им се случува на жените- режисерки во Косово е уникатна за светот.

„Мојот филм ‘Брак’ е првиот долгометражен филм снимен со пари од филмскиот центар, режиран од жена. Само за неколку години, точно 50 отсто од проектите кои се финансирани се проекти на жени. Годинава, освен што мојот филм е официјален претставник на Косово за најпрестижната филмска награда во светот – „Оскар“, Косово има право да аплицира со два кратки филма што ги освоија оскарските квалификациски фестивали. И тие два кратки филма се режирани од жени. Едниот со наслов ‘Ограда’ е на мојата сестра Линдита Зеќирај, а другиот е на Мора Рача, насловен како ‘Ајо’. Во време кога жените во светот (Холивуд, Европа итн.) се борат за родова еднаквост во филмската индустрија, Косово, кое се смета за архаична земја со големо величање на патријархатот, прави нешто што може да биде пример за сите други земји во светот. Косово е голем парадокс и го сакам токму поради тоа“, вели Зекири.

Извор:Независен весник

Автор:

Слични статии