Култура

„Студена војна“ и „Рома“ фаворити за „Оскар“ од неанглиско говорно подрачје

Во трката за наградата „Оскар“ за филм од неанглиско говорно подрачје се девет филма, бројка која се постигна при селекција на 87 филма. Како фаворит се смета филмот на мексиканскиот режисер Алфонс Куарон, „Рома“, кој претходно го има добиено „Оскарот“ за режија на американскиот блокбастер „Гравитација“. Во овој филм режисерот се враќа на корените и се осврнува на сопственото растење во Мексико, особено на напатените жени од најблиското опкружување. Филмот претходно го освои „Златниот лав“ во Венеција.

Хиркоазу Кореда од Jапонија исто така е еден од посериозните кандидати за да влезе во првите пет, со семејната драма „Крадливци“. Приказната за двојка ситни криминалци што се на работ на бедата, кои незаконски посвојуваат деца и ги чуваат како свои, ја доби „Златната палма“ во Кан. Прикажан е на отворањето на Фестивалот на авторски филм.

Полскиот режисер Павел Павликовски, кој исто така веќе го има освоено „оскарот“ за странски филм за првенецот „Ида“, номиниран е и за своето второ остварување, црно-белата драма „Студена војна“. Инспириран од турбулентното минато на своите родители, Павликовски го сними филмот сместен во 1950-тите години и ја следи жената што се приклучува на патувачка група музичари. Таа почнува страсна и насилна романса со диригентот. Приказната се протега низ времето и неколку земји, додека тие двајцата сфаќаат дека никако не можат да се разделат. „Студена војна“ досега ја освои наградата за режија во Кан, како и пет европски „Оскари“ (филм, режија, сценарио, актерка, монтажа).

Претставникот на Јужна Кореја, Ли Ченг-Донг, со филмот „Горење“ ја донесе својата земја во првите девет остварувања првпат во историјата на доделувањето на „Оскарите“. Инспириран од приказната на Харуки Мураками, „Палење на амбарот“, Ли го надгради сижето, јунакот запознава непознато харизматично момче што му открива дека е пироман. Опсесија му е да пали напуштени штали во провинцијата.

Либанката Надин Лабаки е авторка на социјалната драма „Капернаум“ за 12-годишно момче, малтретирано и запоставувано, кое служи петгодишна казна за насилно злосторство. Во флешбековите, Лабаки ни ја открива ужасната судбина на момчето, кое го игра сирискиот бегалец Заин ал Рафиа. Филмот ја освои наградата на жирито во Кан.

Германскиот филм „Дело без автор“ го режира Флоријан Хенкел фон Донерсмарк, кој веќе го има „Оскарот“ за филмот „Животите на другите“. Во својот нов филм, сместен во 1960-тите години, Фон Донерсмарк се занимава со младиот уметник Курт Барнет, кој успева да побегне од Источна во Западна Германија, каде што го прогонуваат сеќавањата на трауматичните настани од детството и младоста за време на националсоцијализмот. Дена, студентка по уметност конечно ги наоѓа својата љубов и инспирација и почнува да прави слики со единствен стил. Во нив го обработува сопственото минато, рефлектирајќи ги истовремено и историските трауми на целиот народ. Филмот е инспириран од животот на Герхард Рихтер, еден од најскапите уметници на денешницата.

Колумбија вторпат стигнува во изборот од девет наслови со филмот „Летни птици“ на Кристина Гаљего и Сиро Гера. Првиот пат тоа се случи со филмот на Гера, „Прегратката на змијата“. Овој филм, пак, ја следи насилната деценија во оваа земја и семејството на староседелци што ќе станат жртви на војната за контрола над наркобизнисот.

Данскиот филм „Вина“ на Густав Молер се занимава со полицаец што одговара на итни телефонски повици, а кога ќе го повика киднапирана жена тој ги користи сите свои детективски вештини за да помогне во трката со времето. 

Изборот на казахстанскиот филм „Ајка“ на рускиот режисер Сергеј Дворцевој е изненадување, со оглед на тоа дека го нема на годишните листи на критичарите и досега доделените награди. Ајка е млада Киргистанка што илегално престојува во Москва. Таа решава да го остави тукушто родениот син во болница, но по некое време се буди нејзиниот мајчински инстинкт и таа оди со очајнички потези во потрага по детето.

Слични статии