Култура

Објавени проектите што ги финансира Агенцијата за филм: најмногу пари доби ИФФК „Браќа Манаки“, скратени средства на „Синедејс“

Агенцијата за филм ги објави резултатите од конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во филмската дејност за 2019 година. Агенцијата за филм финансира проекти за издавање на публикации од областа на филмската дејност и проекти со кои се организираат домашни фестивали и други филмски манифестации од меѓународен карактер. 
Оваа година Агенцијата за филм, располагаше со помалку средства што требаше да ги распореди на пристигнатите апликанти, поради намалениот буџет, којшто годинава изнесува 170 милиони денари. 

Оваа година, еден дел од апликантите добија помалку средства во споредба со изминатата година,  меѓу кои е  фестивалот „Синедејс“ којшто годинава доби три (3) милиони денари што е всушност за еден (1) милион помалку од лани. На овој фестивал и во 2018 година му беа скратени еден милион денари од Агенцијата за филм, така што, ако се собере сумата во две последователни години,  „Синедејс“,  добива 2 милиона денари помалку од државата. „Синедејс“ минатата година стана единставен фестивал од Б-категорија во земјава,  кој се издвојува од повеќето во Македонија според квалитетот и постојаниот раст, и годинава доби шлаканица, откако едвај закрепна од шокот кога 1 милион денари му беа скратени и во 2018 година, се жали раководството на фестивалот. 

Во однос на издаваштвото што Агенцијата го финансира најмногу средства доби Монографијата по повод 40 години постоење на ИФФК „Браќа Манаки“, потоа со поддршка од 350 илјади денари е поддржано месечното списание „Филм +“, 300 илјади денари доби „Нов кадар МК“, издавање на два броја на „Кинопис“ доби 150 илјади денари и 120 илјади денари доби проектот, „Замислување на мирот:дијалог за перцепцијата“ а ќе биде реализирано од страна на Здружението, Филозофско друштво на Македонија. 

Од поддржаните фестивали најмногу средства доби ИФФК „Браќа Манаки“ кој годинава го одбележува 40-годишното постоење, 9,5 милиони денари и „Македокс“- фестивал на документарен филм, поддржан со 2,6 милиони денари.

„Скопје филм фестивал“ доби 2,5 милиони денари, а по 1,5 милиони денари добија, „Џифони Македонија“- фестивал за млади и Денови на македонски филм „Златна рамка“. По 800 илјади денари добија Филозофскиот филмски фестивал и фестивалот „Астерфест“. „Џифони патува“ доби 400 илјади денари и по 300 илјади денари добија „ЕХО“ фестивал на планински филм, „Синедејс“-фестивал на европски филм, „ОДА“ тетовскиот интернационален филмски фестивал, Патувачкото  кино „Македокс“, „Златно тркало“, „Анимакс Скопје Фест“ – фестивал на анимиран филм и фестивалот на нов европски филм „Beach film festival“. Интернационалниот фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“ доби 200 илјади денари и 120 илјади денари доби Државен фестивал на непрофесионален филм кој годинава се одржува поо 48 пат. Со 75 илјади денари е поддржан Меѓународниот фестивал на етхографски филм ЕТНОФФ 

Од Агенцијата за филм објаснуваат дека, во споредба со ланската година, само кај „Браќа Манаки“ имаме зголемување на буџетот (за 1,5 милион денари, односно вкупно 9,5 мил. денари), затоа што годинава одбележува јубилеј од 40 години.  – Најголем проблем е што буџетот ни е многу намален, а имаме речиси 90 филма што не се доплатени од претходната власт – објаснува Горјан Тозија, директорот на Агенција за филм.  

Членови на Управниот одбор на Агенцијата за филм се, Александар Касапинов, претседател, Ацо Дуковски, Блерим Османи, Бојан Лазаровски, Георги Трајчев, членови. 

Слични статии