Култура

Фаличниот преден кортекс на Македоња

Сите луѓе грешат, но само паметните учат од нивните грешки; затоа искуство е всушност името што им го даваме на грешките од кои нешто се научило. Но, способноста да се учи од грешките очигледно не е рамномерно распоредена меѓу луѓето. На таа тема научниците во неколку напредни невролошки лаборатории во светот открија дека кај луѓето што учат од сопствените грешки одредена регија од предниот кортекс на мозокот е особено електроактивна секогаш кога се соочуваат со сериозни мисловни задачи. Таа емитира силен електросигнал само 200 милисекунди откога ќе згрешат, односно откога ќе ја воочат грешката. Овој жесток електричен сигнал, една високоенергетска реакција на мозокот на грешка, има всушност клучна улога во забележувањето и давањето важност на грешките, што пак го овозможува процесот на нивно корегирање во идни слични ситуации.

Најважниот ресурс

Од друга страна, огромен број тестови покажале дека мозокот на луѓето што не учат од своите грешки, не ја остварува оваа невронска активност на предниот кортекс по направената грешка, а нивните енцефелограми се буквално „рамни“, како ништо да не се случило. Ова укажува на запрепастувачкиот факт дека нивната невронска машина сместена во черепот, воопшто не е способна да ги детектира грешките, и е буквално „слепа“ на нив и кога се тие јасно обзнаени! Во тестирањето што опфатило повеќе илјади доброволци, откриено е дека процентот на луѓе неспособни да учат од своите грешки варира од средина во средина, од најмалку 8 насто кај некои популации, до фантастични – но не и изненадувачки – 100 насто во Македоња Вечна!

Фала ѝ на науката што со објективни невролошки факти конечно успеа да го објасни реткиот цивилизациски феномен на невозможност ниту да се забележат, а камоли да се исправат и корегираат грешките сторени од стана на народите што ја населуваат библиската земја. Ако човек почне да пребира по примерите за оваа цивилизациска – а испаѓа дека се работи за биолошка – фалинка, ќе забележи уште една законитост, природен куриозитет, што нè одвојува од другите. Имено, колку е грешката поголема, толку нацијата помалку грешката ја забележува! Или, чекор понатаму, колку се повидливи и посериозни последиците од грешката, народите на библиската земја здружно и посветено се трудат да ја нормализираат грешката, а тоа го прават или со нејзиното повторување или со правење друга уште повидлива и поглупава грешка.

Последнава теорема на фаличниот македонски преден кортекс, можам лесно да ја докажам со една одамна заборавена законодавна глупоштија. Се работи за градежното земјиште – најважниот и најнеобновливиот ресурс на единиците на локалната самоуправа. Елем, од тој ресурс во законот за градежно земјиште со децении порано беа уредени двете јавни давачки што требаа да ја финансираат работата на локалната самоуправа. Едниот – надоместокот за употреба на градежно земјиште, го плаќаа сите сопственици и корисници на градежното земјиште во населеното место, и од него се финансираше функционирањето на општините, како и одржувањето на инфраструктурните системи што го овозможуваат животот во градот. Другиот – надоместокот за уредување на градежното земјиште, или, популарните „комуналии“, го плаќаа само оние што допрва ќе градат, и овој надоместок се користеше само за обезбедувањето сообраќајни и други инфраструктури за новите градби.

Грешки во низа

Туку наеднаш, летото господово 2001, надоместокот за употреба на градежното земјиште или градската рента, што ја плаќаа сите граѓани, се укина, буквално се избриша од законот, без никој да забележи или да пушти солза, и од тогаш почнува бескрајната серија малоумни грешки и грди последици од тој примален грев.

Првин почна несразмерно да расте основицата на надоместокот за уредување на градежното земјиште, достигнувајќи неверојатни 140 евра по новоизграден квадрат, зашто од овој надоместок почна да се финансира сето функционирање на локалната самоуправа. На тој начин товарот на финансирањето на локалната самоуправа падна само на оние што намериле да градат, а не на сите што го употребуваат населеното место. Потоа локалните самоуправи прекинаа да го уредуваат градежното земјиште за кое уредно го наплаќаа надоместокот.

Потоа е воведен данокот на имот, кој во финансирањето на општините требаше да го надомести непостоењето градска рента, но тој данок се воведе како „рамен“, што значи длабоко неправеден, зашто најмногу ги оптеретува сиромашните, односно мнозинството на „обичните“ граѓани, додека ги ослободува од плаќање фирмите и капиталистите што најмногу го експлоатираат и го „трошат“ градежното земјиште за општа употреба.

На ова се надоврза слепиот егзистенцијален интерес на општините по секоја цена да изнајдат површина за градење, зашто само тие што градат плаќаат „живи“ пари во општинската каса. Од оваа последна грешка страдаа зелените простори, школските дворови, јавните простори и секој јавен квадрат градежно земјиште. И, на крајот, каква беше цивилизациската реакција на оваа низа на самоубиствени грешки што го „сојадоа“ квалитетот на животот и основниот просторен ресурс на градовите? Никаков. Сите грешки во низата – од укинувањето на градската рента, до коруптивното уништување на јавните простори, не доведоа ниту до препознавање на грешките, а ниту до нивна корекција. А за градската рента веќе никој во Македонија не ни знае дека постои, ниту како се пресметува и за што воопшто се користи. Удобен заборав и тапа среќа на секојдневната минливост, додека времето ни шуми во ушите!

Автор:Мирослав Грчев

Извор: Слободен печат

Автор: