Култура

Утре почнува МакеДокс – земја во фокусот е Германија

На еден ден пред почетокот на 10. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ви ги најавуваме програмите Земја во фокус – Германија, Чешка вечер и Детската програма. Десетгодишниот јубилеј на „МакеДокс“ судбински се преклопи со уште два бескрајно значајни јубилеи за слободата и културата, а тоа се: 30 години од рушењето на Берлинскиот ѕид и 100 години од создавањето на движењето „Баухаус“.

Затоа, со огромно задоволство, програмата „Земја во фокус“ ја посветивме на Германија, свесни дека оваа земја денес гради најмногу филмски копродукции во Европа, што е и главниот фокус на годинашниот „МакеДокс“ – создавање на копродукции како начин на рушење на ѕидовите и создавање на подобра работна мрежа меѓу филмските професионалци и фестивалските организатори. Во програмата ќе прикажеме 8 германски документарни филмови, ставајќи посебен акцент на источно-германската продукција. Програмата е поддржана од Гете-институтот во Скопје.

Чешката вечер на „МакеДокс“, поддржана од Амбасада на Република Чешка во Скопје и Чешкиот Културен Центар во Софија, ќе се одржи на 27 август. Во Куршумли-ан, во 21 часот, ќе биде прикажан биографскиот документарен филм со пикантерии за светски познатиот чешки режисер Милош Форман – „Форман наспроти Форман“ (Чешка, Франција/ 2019/ 78 мин.) во режија на иконата на чешката документаристика, Хелена Трештикова, и Јакуб Хејна. Истата вечер на платото пред Куршумли-ан, во 23 часот, ќе биде прикажана приказната за мистериозноста на „Главната автобуска станица“ во Тел Авив на младиот чешки режисер Томаш Елшик.

На 10-то јубилејно издание на „МакеДокс“, имаме исклучителна можност и ни претставува огромна чест Детската програма да биде создадена и курирана од страна на Меѓународниот фестивал за документарни и анимирани филмови ДОК Лајпциг, селектирајќи заедно 12 анимирани и доку-анимирани филмови за деца од школска и претшколска возраст, пред сѐ, од Германија.

Фестивалот ќе се одвива под мотото „Десет лета МакеДокс“. Детската програма ќе се одвива во Младинскиот културен центар 23-27.08.2019 од:18:00 часот  – Анимирани приказни за деца од 5 до 55 години.  19:30 часот  – Креативни документарни филмови за млади

 

Слични статии