Култура

Замина легендата на филмската музика- Енио Мориконе

Енио Мориконе, еден од најпознатите композитори на филмска музика, почина денеска на 91 година во клиника во Рим, како последица  од паѓање, што му се случило минатата недела, пришто скршил бутна коска. 

Роден е во Рим,  во октомври 1928 година. Неговиот татко Марио Мориконе бил трубач и бргу забележал дека неговиот син го има наследено музичкиот талент. Со шест години Енио го компонирал неговото прво дело, а на 12 години родителите го испратиле во конзерваториум каде за првпат научил да свири труба. Совет од неговиот татко, кој со тоа добро го обезбедуваше своето семејство. Срцето на Енио Мориконе го влечеше кон компонирање. Сепак тој студиите од четири години ги совлада во рекорден рок од две години, што зборува за неговата музикалност.

По школувањето Мориконе заработувал за живот како џез свирач во ноќни клубови, пред да се вработи во театар и да се ангажира во музичката индустрија, и конечно да добие позиција како музички асистент на италијанската телевизија РАИ. Меѓу другото тој таму аранжираше песни за познатиот тенор Марио Ланза, кој благодарение на неговите холивудски филмови 1950те години беше најпознатиот оперски пејач во светот.

Дали оттаму Енио Мориконе ја доби идеата да пишува филмска музика? „Ми требаа пари и си реков, ова е добра идеа,” раскажа тој во една прилика. „Но не се понудив кај никого во филмската индустрија. Си реков: еден филмаџија треба да дојде да ме праша, бидејќи верува дека она што јас го пишувам е добро. И така и се случи. Прво ме исконтактира еден режисер, па друг, трет и така натаму.”

Во 1961 година, на 33 години, Енио Мориконе за првпат компонираше музика за цел кино-филм. „ Ил Федерале“ на Лучиано Салце. Меѓународниот пробив дојде три години подоцна: со светски познатиот саундтрак на филмот на Серџо Леоне „ За грст долари“ (1964) со тогаш се уште непознатиот Клинт Иствуд во главна улога. Енио со Серџо седеа во иста клупа на училиште, па пријателот му даде да ја напише и музиката за филмот „Две славни грешки„ (1966) и „Беше еднаш на дивиот Запад“ (1968). Вестерн филмовите направија филмска историја, особено благодарејќи на неспоредливата музика на Мориконе со енергичната усна хармонија, вклучувајќи звук на завивање на којоти и силниот шум на ветерот. „Со својата музика Енио е во состојба да изрази такви работи кои инаку би требало да бидат прикажани преку слика,” секогаш нагласуваше режисерот Леоне.

Секогаш го поврзувале со седумте филма на „шпагети-вестерн” режисерот Серџо Леоне за кои ја компонирал музиката, рече Мориконе во пресрет на неговиот 90ти роденден. А, во неговата кариера има компонирано музика за преку 500 филмови. “Ако се разгледаат филмовите за кои сум компонирал, се гледа дека сум експерт за вестерн, љубовни филмови, политички филмови, акциони, хорор и така натаму. Со други зборови: не сум експерт бидејќи имам правено сѐ. Јас сум експерт за музика.”

И навистина е така: Мориконе компонирал за режисери како Роман Полански, Џон Карпентер или Брајан де Палма. Филмови како „1900″ од Бернардо Бертолучи, драмата „Мисија” на Роланд Хофес или мафијашкиот епос на Хенри Вернел “Кланот на Сицилијанците” го носат неговиот музички потпис.

Неговото богатство од идеи придонело најдобрите од филмскиот свет да тропнат на неговата врата, како на пример Квентин Тарантино. Тој, некои од неговите композиции, користеше во филмовите „Убиј го Бил”, „Неславни копилиња” и „Џанго разузданиот”, но Мориконе долго не сакал да напише цел саундтрак за него, се до филмот “Омразените осуммина “. “Тарантино едноставно не ме оставаше на мир. Ме најде во Рим, и неговиот ентузијазам ме убеди”, вели Мориконе.

Но, и на овој познат режисер маестро набрзо му ги појаснил правилата: „Мора да ја видам конечната верзија на филмот пред да почнам и да размислувам за музиката, а камо ли пак да ја напишам.”

Соработката била плодна, бидејќи, во 2016 Мориконе со „Омразените осуммина” конечно го доби долго посакуваниот „Оскар“ за најдобра филмска музика. Пет пати претходно беше номиниран и секогаш завршуваше со празни раце. Во 2016 воопшто и не сакал да дојде на церемонијата во Холивуд бидејќи многу пати претходно бил разочаран. Тоа била неговата болна точка „иако признанието од публиката всушност му била многу побитно од она на Академијата. Во 60-тите години конзервативната Академија била за жал сосем глува за нови инивативни звуци”.

 

Автор:

Слични статии