Култура

Легендарниот јазик во срцето на славните Ролинг Стоунс

Почна како мал амблем, нешто со што ќе се украси синглицата на 45 вртежи или заглавјето на писмата што ги праќаше бендот. Набрзо стана сеприсутно и најверојатно најпознато лого во историјата на рокенролот. Повеќе од половина век, „јазикот и усните“ на Ролинг Стоунс се печатат на маици и бини во разни варијанти. На многу начини, логото ги надмина Стоунси.

Но, кога за првпат беше нацртано, во април 1970 година, неговиот дизајнер Џон Паши не можеше ни да замисли колку ќе биде популарно – и исплатливо. Минатиот месец логото требаше да биде изложено во Париз на изложбата „Revolutions: Records and Rebels 1966-1970“ („Револуција: Плочи и бунтовници“), која сепак мораше да биде откажана. Наместо тоа, денес 74 годишниот Паши одлучи да ја раскаже својата приказна.

Сѐ се случило на почетокот на седумдесеттите на Кралскиот колеџ за уметност во Лондон кога му се обратиле Ролинг Стоунс. Бендот сакал некој уметник да им направи постер за претстојната турнеја низ Европа. Факултетот го предложил Паши, кој тогаш бил на постдипломски студии. Се сретнал со Мик Џегер за да разговараат за идеите и се вратил со дизајн следната недела. Џегер не бил задоволен.

„Ме одби“, се присетува Паши. „Помислив дека тоа е тоа.“ Но тогаш Џегер ми рече: ’Сигурен сум дека можеш подобро од ова, Џон’“. Втората и финална верзија навистина беше многу подобра. Набрзо потоа, асистентот на бендот му се јавил на Паши. Овојпат, од него бараат да „креира лого или симбол кој би можел да се користи за песнарка или можеби на корица од книга“. На еден подоцнежен состанок, Џегер му рекол дека сака „слика која може да постои сама по себе… како логото на Шел Петролеум“. Џегер му покажал на Паши илустрација на хиндуистичката божица Кали, која ја видел во некоја продавница.

Според Паши, Џегер рекол дека го интересира „индиската природа на сето тоа“. Во тоа време, индиската култура беше мошне популарна во Британија. Дизајнерот внимателно ги гледал отворената уста и исплазениот јазик на божицата Кали.

И покрај распространетото мислење, логото, оригинално направено во црно-бела техника, од кое подоцна се направени и други верзии, не требаше да ги претставува устата и јазикот на Џегер.

„Бев сигурна дека тоа е устата на Мик Џегер!“, се присетува Викторија Броукс, виш кустос во Музејот Викторија и Алберт во Лондон, кој во 2008 година го откупи оригиналниот дизајн за логото. Сепак, Паши го отфрли тоа: „Па, можеби на некое сублиминално ниво. Но инаку не.“

Паши и денес вели дека логото требаше да биде протестен симбол. „Тоа е нешто што го прават децата, кога ќе ви се исплазат.“ Излегувањето на албумот „Sticky Fingers“ во април 1971 година го означи и првото појавување на јазикот во јавност. Беше поставен на задната страна од омотот, на налепницата и буклетот. Па сепак, за американското издание се користеше сосема друга верзија од омотот. Паши рече дека тој дизајн беше модификуван зашто илустрацијата набрзина беше испратена во Америка преку факс. Факсот беше „мошне сив и точкест“, па на логото му требаше „доработка“.

Впрочем, таквата изменета верзија официјално се користи и денес. За неа беше задолжен Крег Браун, кој соработувал со Енди Ворхол. Логото им донесе многу пари на Стоунси. Британскиот Пи Ар ветеран Алан Едвардс, кој соработуваше со бендот во осумдесеттите години, рече дека Стоунси „сигурно заработија повеќе од милијарда фунти од концерти, продажба на плочи и ДВД изданија, мерчандајзинг и изложби.“

Во 1970 година Паши доби вкупно 70 фунти (околу 970 долари денешни пари) и бонус од околу 200 фунти. Шест години подоцна беше потпишан и формален договор со Мусидор Б. В., канцеларијата што ја отвори бендот во Холандија и потоа дизајнерот почнал да добива тантиеми. Паши заработи неколку илјади фунти до 1982 година, кога правата за логото му ги продаде на бендот за 26 000 фунти. „Ова ги сумира Стоунси – бунтот против авторитетите“, вели Викторија Брукс. И, секако, „сексапилот“.

Извор: New York Times/International Report

Автор: