Култура
kameri

Контролирани медиуми се само пропагандна машина на власта

znm

Соопштение на ЗНМ:

“Денеска е 3 Мај, денот на слободата на медиумите, кој се прославува во целиот слободен свет. Уште еднаш по кој знае кој пат ќе и повториме на власта дека слободата на медиумите во Македонија е сериозно загрозена. Ги потсетуваме дека слободата на медиумите е камен темелник на едно демократско општество.

Место слободни имаме контролирани медиуми, кои место на јавноста, служат на интересите на владејачките парии и на сопствениците на медиумите, кои ги користат медиумите како средство за пропаганда за зачувување на власта и за правење пари. Медиумите се жртвувани од одредени уредници и новинари, кои заради ситни интереси газат врз новинарската етика и достоинство претварајќи се во пропагандисти.

Освен тоа, продолжуваат притисоците, заканите и заплашувањата од власта за да се замолчат новинарите. Еден новинар е осуден на казна затвор, друг се бара со потерница за шпиунажа, трети се казнуваат со високи казни за нарушена чест на политичари, а на останатите им се упатуваат смртни закани.

Состојбата со медиумите во Македонија може да се подобри ако постои политичка волја од власта. Потребна е радикална реформа на медиумскиот систем за што се потребни следните чекори:

Македонските институции треба да формираат мешовита независна комисијата, која ќе води нова истрага со цел да ги отфрли или потврди сомневањата во јавноста дека новинарот Никола Младенов не загинал во сообраќајна несреќа, туку дека врз него бил извршен атентат.

Врховниот суд да ја укине пресудата на Апелациониот суд за новинарот Томислав Кежаровски осуден со две и пол години завор за наводно откривање на заштитен сведок. Освен тоа, Врховниот суд треба да ја укине и пресудата на Апелација, со која новинарите на Фокус, Јадарнка Костова и Владо Апосотолов им е наложено да исплатат околу 9 илјади евра како наматеријална штета и судски и други трошоци, за ваводна клевета на директорот на УБК, Сашо Мијалков. Со укинувањето на овие апсурдни пресуди ќе се задоволи правдата и ќе се поврати изгубената доверба на граѓаните во македонското судство. Ако Врховниот суд не ги укине овие пресуди тие ќе паднат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбург.

Јавното обвинителство треба да го повлече обвинението против новинарот Зоран Божиновски за наводна шпиунажа, која за нас е неоснована.

Освен тоа, владата треба да престане со јавни пари да ги корумпира македонските медиуми. Сите владини кампањи да бидат стопирани на неодредено време се додека не се најде решешение за трошењето на јавни пари во медиуми. Исто така, владата не треба со јавни пари да ја финансира домашната продукција на национаните приватни телевизии.
Македонската радио телевизија да се ослободи од стегите на партиската контрола. Владата да обезбеди одржлив извор на финансирање на МРТ и да ги департизира и деполитизира управните органи. Уредниците и новинарите на МРТ да работата во интерес на јавноста и да не потклекнат на било какви притисоци.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, да се департизира и деполитизира. Треба да се обезбеди независноста на медиумскиот регулатор, кој ќе биде во можност да креираат политики и амбиент за слободни и независни медиуми. Регулаторот, место да ги плаши медиумите со високи казни, да излезе со јасна визија како ќе го извлече од криза медиумскиот систем.

И на крај, власта мора да се престане со орекстрирана хајка против новинари кои ја критикуваат нејзината политика. Говорот на омраза мора да престане во сите медиуми оти ваквиот говор не е одлика на професионални новинари. Институциите треба да го санкционираат говорот на омраза во медиуми согласно домашното и меѓунардоното право.

Убедени сме дека без справување со овие предизвици со слободата на изразувањето и слободата на медиумите, Македонија нема да излезе од политичката криза и нема да се интегрира во ЕУ и НАТО. Најголемата одговорност за последиците од нерешавање на овие проблеми ќе биде на владата.”

Tagged with:

Автор:

Слични статии