Култура
sedmiot pecat

Излезе „Седмиот печат“ од Сунчица Уневска

Станува збор за прва книга рецензии на Сунчица Уневска, чија  промоција ќе се одржи кон крајот на месецов.

„Седмиот печат“ не е само збир на филмски рецензии. Во книгава предност имаат темите, па врз основа на тоа направив, ми се чини, необичен, но солиден избор на критичко-есеистички текстови кои, пред сè, зборуваат за животот, за љубовта, за болката и тагата, за потрагата по среќа, мир, хармонија. – вели Сунчица Уневска по повод излегувањето на книгата. Токму затоа, овде филмовите не се целта, тие се поводот, тие се визијата која отвора толку различни патишта кои секогаш водат до суштинското. Со оглед на тоа, филмовите кои се поместени во оваа книга не се избирани по никаков ред или хронологија, ниту според времето кога настанале, туку само според предизвикот што умеат да го понудат во нашата вечна потрага по себе-осознавањето и светот.

Насловот „Седмиот печат“, Уневска го коментира на својствен начин. Таа вели дека „Седмиот печат“ дефинитивно е еден од најамблематичните филмови на големиот шведски автор, Ингмар Бергман, кој стана своевиден синоним за филмот, воопшто. Но, и затоа што симболиката на насловот во себе ја носи суштината на она што умее да остави таков белег, кој никогаш не може да се заборави, чие време не изминува, па дури и кога поводот ќе биде заборавен.

Книгата е во издание на „Слово“, а автор на дизајнот на корицата е Александар Сотировски. „Седмиот печат“ веќе може да се најде во сите книжарници во Скопје, а нејзината промоција ја очекуваме кон крајот на месецов.

Слични статии