Култура

Кокино-македонски културен бренд

Во 2001 година, под планинскиот врв Татиќев камен во општината Старо Нагоричане, беше откриен археолошки локалитет од бронзеното време и мегалитската опсерваторија Кокино, сместена на тој простор  и крстена според селото што се наоѓа во подножјето на планината. Кокино датира од пред 100 години од пред н.е. Локалитетот го откри Јовица Станковски од Музејот во Куманово и астрономот Горе Ценев од Планетариумот при МКЦ, и од таа година па навака успеаја ова откритие да му го презентираат на светот на на начин што особеноста на ова место му отвори пат до НАСА, кога во 2005 година ја прогласи оваа опсерваторија како четврта во светот по нејзиното значење.

Kokino5

Мегалитската опсерваторија Кокино се наоѓа во североисточниот дел на Македонија на оддалеченост од неколку километри од границата со Србија. Во поширокиот регион регистрирани се голем број на археолошки наоѓалишта од неолитскиот до средновековен период. Тоа значи дека целиот регион има историја од најмалку шест илјади години со многу значајни населби,светилишта, настани и личности.

Kokino4

Мегалитската опсерваторија Кокино се наоѓа на две платформи при што секоја од нив има свои карактеристични содржини. Должината на опсерваторијата е околу 90 метри, а ширината околу 50 метри. Троновите се највпечатливата содржина која на прв поглед се гледа на локалитетот. Тие се ориентирани во насоката север – југ, па затоа човекот кој седи на престолот е ориентиран кон исток и кон источниот хоризонт. Оттаму потекнала и идејата на археолозите дека од ова место се набљудувале небесните тела кои изгревале на хоризонтот. Но, астрономските мерења и анализа покажале дека троновите се свето и обредно место и не се поврзани со астрономските набљудувања.
За да се одговори на прашањето зошто ова место е древна опсерваторија, треба да се раководи од основните карактеристики на движењето на Сонцето и Месечината.

Kokino3

Во текот на една календарска година Сонцето и полната Месечина изгреваат на различни места на хоризонтот. При тоа има така наречени крајни точки на изгревање на хоризонтот. Тоа значи дека Сонцето во зима кога денот е најкус, или во денот на зимската краткодневица (22. декември) изгрева најјужно на хоризонтот. Потоа, секој ден, тоа оди кон север и во денот на пролетната рамнодневица (21 март) Сонцето изгрева точно на исток. Сонцето продолжува да се движи кон север, должината на денот се зголемува и во денот на летната долгодневица (21 јуни) Сонцето ќе изгрее најсеверно на хоризонтот. Потоа Сонцето се враќа назад и во денот на есенската рамнодневица (23. септември) повторно ќе изгрее точно на исток, а  22 декември ќе го заокружи циклусот со  изгревање во точката на зимската краткодневица. Секој внимателен набљудувач на Сонцето тоа лесно може да го забележи и да ги маркира местата на изгревање на Сонцето во деновите на зимската краткодневица, пролетната и есенска рамнодневица и летната долгодневица.

Kokino2

Такви камени маркери се откриени на Мегалитската опсерваторија Кокино при што маркерот на летната долгоденица е добро сочуван, маркерот на пролетната и есенска рамноденица малку е оштетен, а најголеми оштетувања претрпел маркерот на зимската краткоденица. Овие оштетувања се должат најверојтно на катастрофалните земјотреси. Месечината има малку посложено движење и обележувањата на местата на изгревање на полната Месечина на хоризонтот доста се тешки. Во текот на зимата таа се движи на небото на места каде што се движи Сонцето летно време, а летно време на местата на небото каде што се движи Сонцето зимно време. Затоа околу маркерите на летната долгодневица и на зимската краткодневица лево и десно треба да има по два камени маркери кои ќе ги означуваат местата на изгревање на полната  Месечината во, за неа, карактеристичните екстремни позиции.

Овие камени маркери исто така постојат на просторот на древната опсерваторија. За да биде еден локалитет  опсерваторија треба да е исполнет условот, сите седум маркери да се гледаат од едно исто место, или линиите кои поминуваат низ маркерите да се сечат во една точка, која важи за централна точка  на локалитетот.

Археоастрономската анализа утврди дека камените маркери се изградени во децениите околу 1800 година пред нашата ера, што значи дека Мегалитската опсерваторија Кокино е стара најмалку 3 800 години. Дека навистина станува збор за маркирање на местата на изгревањена Сонцето и Месечината покажуваат и документарните фотографии на изгревање на Сонцето над камениот маркер во денот на летната долгодневица. Заради прецесијата на земјината оска на ротација денес Сонцето изгрева малку подоле и полево од маркерот, но токму тоа е доказ за прецизноста на поставениот камен маркер, затоа што овие отстапувања ги предвидува и егзатната астрономска анализа.
Ваквите факти ги уважи и Американската вселенска агенција НАСА и во 2005 година ја рангираше Мегалитската опсерваторија Кокино на 4-тото место на листата на стари опсерватории во светот.

Слични статии