Култура

Само раните кои се видливи можат да се лечат – Билјана Гарванлиева

Билјана Гарванлиева (Скопје 20. Јули 1973 – Берлин, Германија 10. Септември 2016) е режисерка, сценаристка, драматург и автор на документарни филмови, за коишто има добиено бројни меѓународни награди. За нејзиниот прв документарен филм „Девојчето што свири на хармоника“ (2006) ја доби Германската сојузна награда за филм, а за својот документарен филм, низ кој ја покажа социјалната неправда низ којашто поминуваат текстилните работнички во Штип, филмот „Шивачките“, на Сараевскиот филмски фестивал, во 2010 година ја доби наградата „Срце на Сараево“. Таа исто така, е авторка на документарниот филм „Девојчето што бере тутун“, кој е прикажуван на многу фестивали низ светот, а приказната се однесува на девојче од јуручка фамилија во Коџалија, Радовишко, којашто мора со својата фамилија да сади тутун за да преживеат со својата фамилија. Девојчето Мумине, како и протагонистките од секој нејзин филм, се бунтовни жени, хероини, коишто се достоинствени и се борат за својата цел во животот и покрај условите. Мумине, еден ден ќе биде продадена за неколку илјади евра, според традиционалните обичаи, но таа се бунтува и не дозволува нејзините родители од неа да заработуваат, дури ако треба и да избега од дома. Мумине (жените протагонистки во филмовите на Билјана) има соништа, таа сака да стане учителка по англиски јазик, затоа нема да им дозволи на нејзините родители да ја „продадат“ на некој маж, туку ќе го продолжи своето школување.

Билјана Гарванлиева, можеби е единствената режисерка, која ги документираше приказните за коишто речиси не се зборува во нашето општество. Во нејзините филмови, на еден уметнички начин, преку реална приказна се зборува за социјалната неправда, за приватизацијата на државните фабрики, за традицијата која им стои на патот на младите во нивната интеграција, за условите во Македонија, коишто се мизерни и само ги поттикнуваат младите да се иселат од тука.  Таа секогаш стремеше жената да ја покаже како достоинствена и хероина, како носител на семејството и како борец на својот пат во остварување на своите соништа.

Секој што ја познава и споделил миг со Билјана, е богат човек. А оние кои немаа прилика да ја запознаат во живо, ќе ја пронајдат во нејзините филмови.

Денес се навршува една година од смртта на големата жена, која до последниот свој здив работеше за да остави сведоштво за жената работничка, мајка, уметница… Жената столб на семејството и олицетворение на животот. Билјана живее низ нејзините дела.

Текстот што следи е интервју, направено со нејзе во 2012 година, а кадешто зборува за нејзината работа, живот, стравови, надежи, како и за животот во Македонија, како беше еднаш, а како е сега…

 Само раните кои се видливи можат да се лечат

На крајот од Октомври 2012 година, Ивана Кнесевич направи интервју со Билјана Гарванлиева во Скопје, за нејзиниот филмски проект „Балкан Експрес“. Разговорот беше воден три дена по двонеделното снимање на новиот филм на Гарванлиева „Приказна за Тетово“. Аудио снимката од разговорот беше повторно пронајдена ова лето.

На снимката може да се чуе, како Билјана Гарванлиева пред почетокот на разговорот ја пее нејзината омилена песна „Ој девојче девојче, ти Тетовско јаболче“.

Дали може да ни’ се претставиш?

Фотографијата е од денот на интервјуто

Јас сум Билјана Гарванлиева и ова е мојата приказна, накратко. Родена сум во Скопје, кадешто студирав драматургија и имав желба да станам драматург. Првата драма ја напишав во 1999. година. Два дена пред премиерата, ги слушнав првите бомби, Белград беше бомбардиран на 26. март. Оваа атмосвера, низ што се’ поминувавме со војната во Босна, со косовските бегалци, тотално го ограничи мојот простор како уметник. Едноставно не можев да се реализирам овде како автор, и ја напуштив државата.

Замина во Берлин и научи филм. Што значи за тебе правење филм?

Љубов, страст, слобода и неизвесност. Со документарниот филм, повторно се почувствував како дома. Повторно ја пронајдов мојата домовина. Цело време бев растргната меѓу местата. Во 1999, по бомбардирањето на Белград, го напуштив Скопје, со намера, тоа е – Македонија, кадешто имав среќно детство во тогашна Југославија, затоа што, во Скопје повеќе не можев да си го најдам местото како уметник. Сакав да имам можност да си го искажам критичкиот глас слободно без да бидам казнувана. Па, заминав за Берлин.

Таму го открив правењето на документарен филм. Бев маѓепсана од тоа. Оваа работа ја работам веќе седум години. Така е цело време со мене: моето срце е со моето биолошко семејство, со моите родители, кои живеат во Македонија, но од друга страна моето тело е со мојот сопруг германец, со когошто имаме две деца. Така што, постојано сум растргната, секогаш во овој простор, во, и помеѓу. Во овој коридор, многу ми се допадна тоа што правам документарни филмови. Во документарниот филм, има простор, кадешто навистина се наоѓам себе си и се чувствувам како дома. Тоа е мојата домовина.

Што значи Македонија за тебе сега?

Јас ја доживувам Македонија преку пријателите и луѓето кои ги запознавам овде, и преку сонцето. Се чувствувам како странец во овој град. Имам така чудно чувство во мојот стомак. Сите мои сетила се нападнати од овие споменици, на кои гледам како форма на пропаганда. Едноставно не се чувствувам пријатно овде. Од друга страна пак, толку има љубов и топлина кога сум со моите пријатели, кога можам да поминувам време со нив. Тоа е инспирација за моите филмови.

Кое е твоето мислење за спомениците?

Плоштадот во Скопје одсекогаш беше слободен простор. Исто така, беше место, кадешто сите луѓе од градот се среќаваат. Оваа отвореност и овој мултикултурализам го дефинираат Скопје, и целата држава. И во одреден момент владејачката партија, конзервативната христијанска партија, одлучи да го реконструира во барок стил… Навистина, не знам. Мислам, гледам на сето тоа како напад врз сетилата, како еден вид пропаганда. Започна пред четири години. Јас навистина мислам дека е голем срам, затоа што Македонците еднаш можеа да најдат заеднички херои со Албанците, со Турците, со Румелискиот народ, и да се надградуваат врз основа на тоа. Знаете, моите впечатоци се дека, некако ми е смешно сето тоа, да се идентификуваш преку националност. За мене надградбата е нешто многу поважно од идентификување преку националност. Културниот идентитет е многу поважен отколку да кажам: Доаѓам од Босна, мојот сопруг е од Германија, моите деца пораснаа во Германија и Македонија. „Кој сум јас?“, се прашувам себе си, и токму поради тоа, мислам дека идентитетското прашање нема никаква смисла. Далеку поважно прашање за мене е прашањето на надоградување, и се обидувам да ги растам моите деца на тој начин.

Кои се твоите надежи и од што се плашиш?

Најголемиот страв за мене е стравот од смртта. Овој страв од смртта го искусив многу интензивно пред една година, кога ми беше дијагностициран канцер. Но, живеам со тоа, само пуштив да ме инспирира и го погледнав овој страв во очи. Се обидувам некако да се справам со тоа, со мојата болест и моите стравови.

Истото се обидувам да го направам и во моите филмови, на пример: етнички конфликт, конфликтот меѓу Албанците и Македонците во 2001. година, експлоатацијата врз шивачките, експлоатацијата врз децата, одгледувачите на тутун, сето ова се стравови за кои Македонците одбираат да не зборуваат. Теми, кои ги туркаат под тепих. Јас сум личност, којашто сака да го гледа стравот во очи. Мислам дека, само кога ќе ги тематизираш тие стравови, кога ќе ги покажеш раните, само тогаш може да се лекуваат. Само раните кои се видливи, можат да се лечат.

Како ги опишуваш твоите соништа?

Ах, немам сонувано многу долго време. Скоро почнав повторно да сонувам. (Се смее и прави долга пауза молчејќи). Да, имам повеќе стравови отколку сонови за иднината. Затоа што е тука неизвесноста и преовладува во секојдневниот живот. А мојот сон е да правам филмови, можеби сум и Дон Кихот, но силно верувам дека, документарните филмови навистина можат да го сменат светот. Многу сум среќна, кога на пример, луѓето кои ги виделе моите филмови, стапуваат во комуникација со мене и даваат финансиска поддршка за протагонистите, или пак сакаат да инвестираат во селото (местото), кадешто е снимен филмот, па таму повторно се гради училиште. Тоа ме прави неверојатно среќна и радосна.

Како гледаш на иднината во Македонија?

(Долга пауза)… Да, иднината во Македонија!? Имам чувство дека овде се’ останало исто. Не можам да видам иднина во Македонија се’ додека сум сведок на пример, на тоа дека, децата во македонските фамилии се тепани. Тоа е толку табу тема, што никој не зборува за тоа. Тоа е начинот на кој се растат децата овде. Но, стравот кој децата го добиваат кога се тепани, се одразува подоцна, и ова го гледам во политичарите, Македонија ја водат политичари кои се цело време под стрес. Ги замислувам како нивните родители ги тепале како деца, секогаш кога ја кажувале вистината. Наместо да бидат наградени за тоа, тие биле тепани. Мислам дека, иднината ќе се случи кога ова тепање на деца ќе престане, затоа што тие се жртви. Тоа е тотално нормален начин на растење на децата во Македонија, а мислам дека, на нив се одразува подоцна кога тие ќе пораснат. Сите овие потиснати енергии и потиснати стравови… Па да, не гледам светла иднина.

Имав така чудно чувство во мојот стомак кога го видов плоштадот и спомениците. Никогаш не го доживеав ова како моја историја. Го доживувам како пропаганда и само ова место кадешто сум сега, Лунапаркот, го чувствувам како слободен простор, единствен што останал во Скопје.

Тоа е штета. Македонија имаше шанса да работи на самодоволност, за овој мултикултурен живот, кој постоел тука со векови, да најде заеднички херои, заеднички сништа и желби. Но, овој патриотизам што е толку присутен насекаде, автоматски го исклучува другиот. Според мене, патриотизмот е само расизам, го среќавам на секој агол во Македонија, на секоја улица, Албанци и Македонци, луѓе од Босна, од Романија, Грција, коишто секогаш живееја заедно.. Мислам дека, тоа е причината, поради која војната не се проби во Македонија, затоа што луѓе од различни националности многу добро се согласуваат и живеат заедно. Сите вештачки фракции, оваа вештачка поделба на градот во различни градови, тоа се нешта кои треба да се променат. Јас се обидувам да ги променам со моите филмови. Едноставно, се обидувам да ја покажам другата страна на приказната и да зборувам за уметност, да зборувам за млади од различни националности. За нив, тоа е неважно. Главната работа е  дека се сите човечки суштества, дека имаат заеднички нешта и дека прават иста музика.

Што е тоа што го посакуваш за твоите деца?

За моите деца? Се надевам дека ќе можат да плачат, дека ќе можат да ги покажат своите чувства. Мислам дека, тоа е многу важно истражување во животот. Овде децата се растат на тој начин што родителите ги учат да не ги покажуваат нивните чувства. Не ти е дозволено да кажеш дека си сиромашен. Јас ги растам децата на тој начин што им давам до знаење дека е природно кога се тажни, или кога плачат. Кога се лути поради потиснатите чувства кои се акумулирани овде со векови, на пример граѓанската војна во Грција, има многу деца кои дојдоа од Грција како бегалци. Има толку многу истории, толку потиснати чувства, и таа енергија е акумулирана и во одреден момент експлодира. Се надевам дека, моите деца не се плашат од нивните солзи, дека можат да ги покажат чувствата и дека можат да дадат многу љубов и топлина на другите луѓе. Навистина мислам дека, она што недостига во комуникацијата меѓу луѓето е токму оваа нежност и љубов. Сите се толку под стрес и отуѓени. Само чист автоматизам. Овој материјалистички свет го потиснува она што повеќето од луѓето го имаат длабоко во нив. Се обидувам некако со моите филмови, со мали човечки приказни едноставно да сведочам за светот и глобализацијата.

Има ли некоја позитивна страна во врска со твојата болест?

Па, јас не го перцепирам канцерот како болест, туку како предизвик да го променам животот. Се прашав себе си, што е најважното за мене во моментов? Дали се моите филмови, или децата? Не е лесно да си жена режисерка и истовремено да бидеш мајка на две деца, коишто се се’ уште мали. На нив им треба мајка и поддршка. Во секој случај, болеста ми рече: сега застани, земи воздух и дај си време и простор само за себе.

Исто така, ме инспирира да направам документарен филм за борбата за моќ и сила, затоа што оваа борба за демонстрирање на моќ ја доживувам секогаш кога ќе дојдам на плоштадот во Скопје. Секогаш се репрезентираат гордите и мускулести мажи, коишто се на повисоки пиедестали од жените. Жената е репрезентирана, или како проститутка, или како мајка, која сака да го негува своето дете. Мислам дека, оваа борба на моќ и сила, која е очигледна преку спомениците, е нешто што  е присутно и во општеството. Поради овие причини моите филмови се такви какви што се и затоа главните протагонисти се жени.  Како режисерка, на тоа гледам како моја мотивација, да ја скршам традиционалната и конвенционална слика за жената во Македонија и да ја покажам нејзе како хероина. Како некој што знае што сака и стреми сама кон тоа и го постигнува она што го има зацртано како цел. Да, тоа е причината зошто сите мои филмови ги посветувам на жената овде во Македонија. Најчесто во Македонските филмови жената е покажувана како жртва, проститутка, или пак домаќинка. Нема друга слика за нејзе.

Интервјуто е преземено од Гласник

Слични статии