Култура

Десет држави што ја цензурираа уметноста во 2017 година

Меѓу десетте држави од светот во кои се забележани случаи на цензура во уметноста во 2017 година се најде и соседна Србија. Списокот на овие случаи го објави влијателното онлајн списание Hyperallergic.

Поводот што Србија се најде на овој список е приведувањето на уметниците Владан Јеремиќ и Урош Јовановиќ заради два одвоени перформанси што ги изведоа одделно на отворањето на Музејот на современа уметност во Белград, во октомври 2017 година. Затворањето на уметниците предизвика бурни реакции на домашната и на меѓународната уметничка сцена, а го осудија и кустосите од Музејот.

Јеремиќ беше приведен заради перформансот што бил дел од програмата „Салон на непоткупливите“, а се состоеше од носење маски од хартија со ликот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, чијшто лик беше врамен и на сликата што Јовановиќ, во одвоен перформанс се обидел да ја внесе во Музејот во Белград, но бил спречен од обезбедувањето. Двајцата биле приведени и по испрашувањето во полиција биле пуштени.

На списокот држави со случаи на цензура се најдоа и Бразил, Кина, Унгарија, Полска, Русија, Турција, Уганда, Обединетите арапски емирати и САД, а во негативно светло се споменати и социјалните мрежи кои преземаат сè поважна улога во визуелната култура. Особено е критикуван Фејсбук, за што како пример е наведена цензура на фотографија која прикажува 500 години стара статуа на гол Нептун.

Како еден вид мала одмазда заради онлајн цензурата, дигиталните уметници Arvida Byström и Molly Soda објавија книга насловена „Pics or It Didn’t Happen“ со фотографии кои се забранети на Инстаграм, што е дел од империјата на Фејсбук.

„Проблематичната“ изложба „Queermuseu“ во Бразил

Причината што Бразил се најде на списокот е затворањето на изложбата „Queermuseum“, што било направено на иницијатива на ултрадесничарска група која оценила дека станува збор за богохулење и промовирање педофилија. Изложбата за квир културата се состоела од над 260 дела на 85 уметници, меѓу нив и етаблирани имиња како Lygia Clark, Cândido Portinari и José Leonilson. Галеријата „Santander Cultural“ што ја спонзорира една шпанска банка, одлучи да ја затвори изложбата откако се соочи со остри критики на посетителите и на социјалните мрежи.

Во октомври, во Кина беа цензурирани делата на уметникот Жао Банди кои требало да ги изложи во Уленс центарот за современа уметност (UCCA) во Пекинг. Имиграциските власти не му дозволиле да ги внесе во Кина делата насловени „Scenery with Cameras“ (2015) и „Night View“ (2015), кои укажуваат на огромните размери на масовниот надзор и орвеловската атмосфера со мрежата од, како што се проценува, повеќе од 170 милиони CCTV камери и планот за инсталирање на дополнителни 400 милиони во следните три години.

Едно од цензурираните дела на кинескиот уметник Жао Банди

Според Hyperallergic, во јуни 2017 година, од изложбата „Real Hungary“ во Collegium Hungaricum во Виена, само неколку часа пред отворањето било отстрането делото насловено „See No Evil, Hear No Evil, Speak No Evil“ на авторите Лила Лоринц и Јанос Борсос. Како што изјавиле уметниците чии изјави ги пренесе ArtLeaks, директорката на унгарскиот културен центар, Марија Молнар, одлучила да го отстрани делото кое го прикажувало унгарското знаме, уште пред да го види, проценувајќи дека е политичко и дека би можело да претставува навреда за националните симболи. Уметниците сметаат дека станува збор за автоцнезура на кустосот што е резултат на паранојата дека институцијата би можела да ја изгуби финансиската поддршка.

“See No Evil, Hear No Evil, Speak No Evil”, Лила Лоринц и Јанос Борсос

Полска се најде на списокот заради случајот на смена на Магдалена Срока од местото директорка на Полскиот филмски институт, заради што протестираа и водечките европски филмски автори и продуценти, како и повеќе од 427 претставници на полската филмска индустрија. Смената на директорката ја најави министерот за култура, Пјотр Глињски, а тоа не е единствен случај во Полска на смена на директори на водечките културни институции кои не се на линија со политиката на владејачката партија. Во мај, студентите на Академијата за уметност во Варшава мораа да се откажат од нивната идеја да ги изложат копиите од скулптурите на училишниот претседател, Адам Мујак, во трговскиот центар, во рамки на изложбата „Dekadencja/Sklepik“, која била осмислена како омаж на студентското кафуле Eufemia. Наспроти петицијата против затворањето на кафулето кое било омилено во уметничките кругови, Академијата молчеше што ги наведе кураторките Агата Грабовска и Олга Русинек да организираат изложба со копии на скулптурите на Мујак. На денот на отворањето добиле известување од адвокатите на комерцијалната мрежа „Декада“ што ги нарачала оригиналните скулптури дека копиите претставуваат кршење на авторските права, па тие морале да останат покриени.

Агата Грабовска и Олга Русинек, кураторките на изложбата Dekadencja/Sklepik

Русија е на списокот на држави со случаи на цензура во уметноста пред сè заради апсењето и притворањето на театарскиот режисер Кирил Серебреников, директор на Гогољ театарот во Москва, кој под негова управа стана место на многу либерални и прогресивни проекти, често критички настроени кон политиката на владата на влијанието на Руската православна црква, како и на Путин и се залага за демократизација на општеството. Барања за ослободување на Серебреников од домашен притвор упатија многубројни негови колеги од Европа, оценувајќи ги како неприфатливи причините за неговото притворање.

Собир пред Гогољ центарот во Москав по смената на уметничкиот директор Кирил Серебреников

Во Турција цензурата е вообичаена појава на уметничките сцени, но изминатата година власта отиде чекор подалеку и ги забрани сите геј културни настани.

Уганда е на списокот заради бруталниот прекин на Квир филмскиот фестивал во Кампала што се одржуваше во декември. По полициската рација, организаторите на фестивалот, според директорот Камога Хасан, биле обвинети за промовирање на порнографија и охрабрување на хомосексуалноста.

Меѓународниот фестивал на квир филм во Кампала кој полицијата насилно го прекина и затвори

Цензурата во Обединетите арапски емирати, исто така, не е редок случај, а во декември на мета беше сликата „Prosperity Without Growth“ (2017) од саудискиот уметник Абдулнашер Гарем, која беше отстранета од Саемот на уметност во Абу Даби заради наводно предизвикување верска поделба. Спорната слика била отстранета од јавната изложба, но била оставена во една помошна просторија од каде подоцна е и продадена на приватен колекционер.

И САД се најдоа на списокот на земји во кои се цензурира уметноста и тоа заради промената на политиката за уметничките дела што ги изработуваат затворениците во Гвантанамо. За тие промени се дознало за време на изложбата во Џон Џеј колеџот во Њујорк, која е отоворена до крајот на јануари, а на која се прикажани и десетина дела од затвореници. Американската влада одлучила да се прогласи за сопственик на сите дела што настанале во Гвантанамо за да спречи нивно евентуално продавање и каква било можност парите добиени за тие дела да завршат како поддршка за терористички активности.

Преземено од Окно.мк

Извор: Hyperallergic

Автор:

Слични статии