Култура

Есенско издание на Скопје Синема Сити

Во Кинотеката на Македонија, од 5 до 6 октомври, ќе се одржи есенското издание на фестивалот „Скопје Синема Сити“. Бидејќи оваа година фестивалот влезе во својата четврта година откако се организира,  по тој повод, во текот на годината се организираат 4 филмски настани. Централно место во програмата на „Синема Сити“ зазема музиката и нејзиното филмско претставување.
За време на есенското издание ќе биде прикажан филмот за легендарната група ЕКВ, „Како да беше некогаш“ на режисерот и авторот Душан Весиќ. На проекцијата на филмот ќе присуствува и режисерот Весиќ, кој ќе дојде од Белград а по проекцијата е планиран разговор со него. Бидејќи оваа година тој ја објави биографијата на Маргита Стефановиќ, за време на неговиот престој ќе се одржи и промоцијата на книгата „Како таа да беше некогаш.“

Останатите филмови се: „Звук и тишина: Патувања со Манфред Ајхер“, којшто е своевиден музички патепис со основачот на реномирана издавачка куќа за џез-музика од Минхен, ЕСМ, како патува по светот снимајќи музика. Потоа, следниот ден или на 6 октомври, ќе следи филмот за најпознатиот класичен пијанист на денешницата Ланг Ланг, којшто ја следи неговата животна приказна како едно дете од рурална Кина станува еден од најдобрите светски пијанисти. Ова издание на фестивалот ќе се затвори со филм за еден од најпознатите музички композитори, Стив Рајш, кој заедно со композиторите Филип Глас, Ла Монте Јанг и Тери Рајли е познат како основоположник на минимализмот во класичната музика.

Фестивалот е организиран со поддршка од страна на Агенцијата за филм, а одделни компоненти се поддржани и од Министерството за култура на Република Македонија

Автор:

Слични статии