Култура

За што се боревме!

На Василица 2012 година, со усвојувањето на Манифестот започна да дејствува Центарот за културно наследство, невладино и непрофитно здружение за заштита, промоција и популаризација на културното наследство.

Се боревме и ќе се бориме, културното наследство да го добие потребниот третман заради наша и заедничка насушна потреба. Затоа што без културно наследство и без наследство воопшто, ќе го изгубиме нашето место меѓу народите и цивилизациите каде со векови сме присутни како градители. Заради нас и нашите претходни поколенија кои учествуваа во градењето на цивилизациските придобивки, ние денес не смееме да дозволиме да се откажеме од сопственото наследство и да навлеземе во празна, недефинирана, еклектична иднина која ни се нудеше од одредени структури кои ги узурпираа институциите. Доколку се согласиме со агресивното калемење на отпадоците од туѓо културно наследство,ние стануваме епигони и безначајни чинители во современите творечки текови. Дополнително, оставајќи го културното наследство на маргините, отфрлено и заборавено надвор од образовниот систем, ние самите се лишуваме од нашето учество во создавањето на светското културно наследство.

Последиците од негативните процеси беа силно изразени пред сè во лошата состојба на културното наследство и во обидот тоа да биде заменето со новите безвредни архитектонски прудукти кои не заслужуваат критичко внимание. Токму затоа во периодот 2015 -2016 година активно се приклучевме на граѓанскиот отпор преку Шарената револуција и граѓаните за Македонија, давајќи силна поддршка на партијата на СДСМ во рушењето на режимот на Никола Груевски.

За што се боревме? Се боревме за културното наследство кое се девастира по примерот на Плаошник, Кале, Скупи; по примерот на манасирот Трескавец, Св.Никола Манастир, Курбиново; по примерот на Теќе Тетово; по примерот на заштитеното/избришано културно наследство во центарот на Скопје, по примерот на Старата скопска чаршија и Куршумли ан; по примерот на запуштените, руинирани депоа и поплавени музејски експонати; по примерот на кражбата во Музеј на Македонија…

Се боревме против „делувањето“ односно „неделувањето“ на Управата за заштита на културното наследство, која според постојната законска регулатива ги контролира сите процеси во заштитата – од издавање дозвола за истражување до прием на извршените конзерваторско реставраторски работи. Против Управа која во одредени случаи „делува“ (негативно) а во други случаи „не делува“ (не заштитува). Зошто против Управата? Затоа што бараме да си ја понесе сета одговорност според законот! Управата е кочница, односно нејзината поставеност во однос на институциите за заштита!

Анализата на одредбите во постојниот закон за заштита јасно упатува дека токму тој, во најголема мерка ја генерира лошата состојба на наследството, односно во него недостасува јасно изведен систем кој ги уредува процесите, функциите и надлежностите – од предметот/Листа, преку увид/програмирање до конзервација/реставрација… Обемниот и претенциозен закон не е резултат на искрена потреба за заштита на предметот/споменикот, чие утврдување е одложено континуирано, со отворени можности за манипулација со категориите, оптеретеност со нормативи/правилници и чиновнички параграфи кои целосно ја закочуваат работата на јавните установи за заштита. И не само тоа. Не постои пример во светот (освен за археолошките истражувања) дозволи и одобренија да се издаваат на институциии кои од државата се формирани токму за вршење на дејност заштита и конзервација! Ниту нивната надлежност да се одредува и по категорија по вредност и по територијална припадност на конкретен споменик! Тоа се апсурди, како и многу други…

Од овде не случајно, во Националната стратегија за култура 2018-2022година (стратешки документ кој го изработи Министерството за култура а го усвои Собранието на Р. Македонија) е предвидено донесување нов Закон за заштита на културно наследство со Листа на културно наследство од национално значење,ревизија на работата на Управата за заштита на културно наследство и Ревизија на националните институции за заштита.Во изминатите осумнаесет месеци Министерството за култура ги започна реформите во културата, вклучително и во заштитата на културното наследство: започната е ревизијата на работата на Управата како и на институциите за заштита;започната е работата на новиот закон за заштита; започната е работата на Листата на културно наследство од национално значење.

Во однос на Листата, во изминатите неколку месеци обработени се вкупно 239 недвижни споменици и три музејски збирки.За прв пат во Листата се вклучени и објекти од современото македонско градителство од XXвек,како и поединечни објекти од групата на монументални споменици и рурална архитектура.Листата е отворена и во неа постојано ќе може да се впишуваат нови споменици од недвижното,движното и нематеријалното наследство.

Работната група за недвижното културно наследство треба да продолжи со работа а треба да бидат формирани уште неколку нови. Се предвидува во листите на движно и нематеријално наследство да биде опфатен опусот на осноположниците на современиот македонски јазик и литература,како и јазикот и литературата на другите етнички групи; сликарство, скулптура; опусот на доајените на театраското и филмско глумиште, драматурзи, режисери, актери; опусот на изведувачите на народна песна, кореографите…

Напротив. Од самиот почеток се појавија силни отпори и отворени притисоци внатре во Министерството и од Управата за заштита на културно наследство. Барањето за одржување status quo е неразбирливо и буди сомневања во искрената намера за реформи.

Бараме изјаснување на политичката воља за овој процес и должни сме да укажеме дека културата е сè што има општеството, не само културното наследство кое е огромен корпус, туку културата се протега на секој сегмент од живеењето – од воспитание, образование, традиција, негување, техничка култура, агрикултура…сè е култура и нема ништо надвор од културата. Така, ако се занемари културата…!!!

Автор: Донка Барџиева Трајковска
Преземено од Окно.мк

Автор:

Слични статии