Култура

Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ со две престижни награди на Берлинале

Македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска,  ја доби престижната награда од жири комисијата “Ecumenical” на Берлинскиот филмски фестивал. Нашиот филм дополнително се закити и со уште една фантастична награда специфична за берлинскиот фестивал; наградата “Guild Film Prize”.

„Презадоволни сме од досега постигнатиот успех со овие две престижни награди, а задоволството е уште поголемо кога ја гледаме публиката како реагира на приказната за Петрунија во текот на овие фестивалски денови. Независно од исходот на главното доделување на Златната мечка, овие две награди, како и овациите, аплаузите и одличните рецензии од врвните филмски критичари, за нас се најголемото признание и сведоштво дека навистина успеавме да направиме филм кој испраќа силна порака“, изјави режисерката Теона Стругар Митевска.

Инаку, “Ecumenical Award” е независна филмска награда која се доделува на филмови на големи меѓународни филмски фестивали уште од 1973 година, како Кан, Берлин, Локарно, Монтреал и Карлови Вари, а целта на наградата е да се оддаде почит на уметничките дела што сведочат за моќта на филмот во откривањето на мистериозните длабочини на човекот.

Во Берлин оваа награда се доделува од 1992 година, а “Ecumenical” жири комисијата ја претставуваат меѓународните филмски организации на протестантските и католичките цркви, “Interfilm” и “Signis”. Сочинета е од 6-члена жири комисија, а главната награда се доделува на филм од главната конкуренција на Берлинале за режисери кои успеале да ги претстават дејствијата или човечките искуства кои се во согласност со Евангелијата или да ги поттикнат гледачите на духовни, човекови или општествени вредности.

Автор:

Слични статии