Култура

Ана Бландијана лауреат на 58-те Струшки Вечери на Поезијата

Романската поетеса Ана Бландијана е лауреат на годинашниот „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. Одлуката ја соопшти денеска Управниот одбор на СВП, чие 58.издание традиционално ќе се одржи кон крајот на август. „Златниот венец“ на Ана Бландијана ќе и биде врачен на меѓународниот поетски митинг „Мостови“. 

За мене како романски поет, овој легендарен венец е поважен од која било друга европска награда. И тоа не само затоа што е една од најстарите книжевни награди во светот, туку затоа што пораснав и станав поет под речиси митската аура на поетскиот фестивал крај струшкиот мост… се вели во пораката на годинешната добитничка, Ана Бландијана.

Таа се вбројува меѓу најдобрите современи европски поети, ѝ припаѓа на поетската генерација од 1960-тите години и е заслужна за афирмацијата на модернизмот во романската литература и поезија.

Одлуката Бландијана да биде годинашен венценосец на СВП денеска ја соопштија директорот и претседателката на Управниот одбор на поетскиот фестивал, Тодорче Тасевски и Елизабета Шелева, а на прогласувањето присуствуваше и романскиот амбасадор во земјава, Виорел Станила.

  • Творештвото на Ана Бландијана претставува значаен придонес во збогатувањето на изразните потенцијали на современата литература, како и витален поттик за ревитализација на нејзината благородна мисија во едно сурово време како што е нашето…, рече Шелева за романската поетеса.

Ана Бландијана (уметнички псевдоним кој е спој на заѕиданата Ана од романските легенди и селото Бландиана од каде што потекнува нејзината мајка) е авторка на 17 стихозбирки, две книги фантастична проза, девет книги есеи и на еден роман. Нејзиното дело е преведено на 25 јазици и е претставено во 80 книги поезија и проза. Во 1990 година Бландијана го возобнови романскиот ПЕН-клуб (основан во 1924 година и распуштен во комунистичкиот период) и беше негов прв претседател. Тоа била прва институција со која повторно е воспоставена позицијата на Романија во западниот свет.

Фестивалот Струшки вечери на поезијата веќе ја има вреднувано поезијата на Бландијана со објава на избор од нејзината поезија насловен „Архангел во саѓи“, во рамки на фестивалската едиција „Плејади“ во 2004 година и во препев од романски на македонски од Лидија Димковска.

Бландијана е втор поет од Романија која го добива највисокото поетско признание „Златен венец“. Во 1982 година лауреат беше еден од најпознатите романски и европски поети – Никита Станеску. Во пораката со која се заблагодарува за наградата, Бландијана се сеќава на „охридската катедрала и крунисувањето на Станеску пред 37 години. 

 

Автор:

Слични статии