Култура

Квалитетот на воздухот и Парискиот климатски договор во извештајот на ЕК за Северна Македонија

Во последниот извештај на ЕУ за напредокот на Северна Македонија се вели дека е постигнат  одреден напредок во усогласувањето на политиките и легислативите поврзани со заштитата на природата, водата и третирањето на отпадот. Сепак, како клучни точки на кои мора да се работи, од ЕК ги споменуваат квалитетот на воздухот, управувањето со отпадот и имплементирањето на одредбите од Парискиот договор за справување со климатските промени.

Во делот на воздухот, ЕК препорачува да се спроведат мерки за подобрување на неговиот квалитетот преку поефикасна координација меѓу централната и локалната власт, но и издвојување на неопходните финансиски средства.„За квалитетот на воздхуот, иако законите се усогласени, имплементацијата останува слаба. Недостигот на административни и финансиски средства се уште е главната пречка за воведување мерки за подобрување на квалитетот на воздухот. Нивото на загаденост е големо во поголемите градови. Недоволните човечки, технички и финансиски ресурси за националниот мониторинг за квалитетот на воздухот резултираа во неколку прекини,“ стои во извештајот.

Како позитивен чекор се наведува распределбата за финансирање на мерките за подобрување на квалитетот на воздухот за првпат во буџетот, во 2019 година. Од Комисијата предупредуваат дека Северна Македонија треба да ги имплементира усвоените регионални планови за управување со отпад и да воспостави интегриран регионален систем за третирање на отпадот.

„Со недостиг од административни и финансиски ресурси се соочуваат регионалните структури за справување со отпад и истите се уште не се оперативни.  Интегрираниот систем за управување со отпадот се уште доцни, откако поставувањето на регионалните структури траеја подолго од очекуваното. Економските стимулации за промовирање на рециклирањето се уште се ограничени и во недостаток на организирана проширена одговорност на шемата која го попречува пазарот“, нотира извештајот.

Како една од точките се наведува и имплементирањето на парискиот договор со развивање на сеопфатна стратегија за акција поврзана со климатските промени, а во согласност со рамката ЕУ 2030. Во однос на климатските промени, во извештајот се вели дека усогласувањето на правната рамка е се уште во рана фаза.

„Земјата започна со развивање на сеопфатна стратегија за преземање акција поврзана со климатските промени, доследна со рамката на ЕУ 2030. Исто така, треба да се продолжи со напорите за спроведување на Парискиот договор, кој Северна Македонија го ратификуваше во 2017 година. Техничките, институционалните и административните капацитети се се уште на ниско ниво и мора да се зајакнат. Напорите за преземање акција за климатските промени треба да се интензивираат во сите сектори,“ се наведува во делот за животната средина од извештајот на Европската комисија.

ЕК, меѓу останатото, посочува и на недоволните административни капацитети на централно и локално ниво во врска со животната средина. Покрај другото, во извештајот како позитивни се споменати усвоените национални стратегии за заштита на природата и заштита на биодиверзитетот, како и годишната програма за конзервирање на природата за 2019 година, но се забележува недостиг на одржливо и дологорчно финансирање на заштитените подрачја од страна на централната власт. Фотографија: Скопје Смог Аларм 

Слични статии