Култура

Два концерта во Градскиот парк за крајот на сезоната на Македонската филхармонија

Филхармонијата ја завршува сезоната со два концерта на отворено во Градскиот парк во Скопје, што ќе се одржат, првиот во сабота на 23 јуни и вториот на 29 јуни, и двата со почеток  во 21 часот. В недела е првиот „Ну погоди“ на кој оркестарот ќе свири теми од познати цртани филмови од поранешниот Источен блок, како „Балтазар“, „Мечето Ушко“, „Козле Бозле“, „Ну Погоди“… во кои музиката сè уште се смета за репер за супериорна звучна илустрација во анимираниот филм. Аранжманите за овој концерт ги направи Владимир Николов.
На вториот концерт насловен „Љубов и револуција“ идната сабота ќе прозвучат хитови од поп-рок и панк-музиката. Оркестарот ќе изведе песни на култните „Рејдиохед“, Ник Кејв, „Бисти Бојс“, „Продиџи“, „Нирвана“, Дејвид Боуви, „Секс Пистолс“, „Клеш“, Џими Хендрикс, „Пинк Флојд“, „Рамштајн“…

– Двата концерта се дел од програмата со која Филхармонија излегува од своите рамки со цел да привлечеме нова публика која потоа би доаѓала и на концертите од редовната програма. Овие концерти редовно ни регрутираат нова публика, очекуваме ист фидбек и од овие годинава – рече директорот на Филхармонија Виктор Илиески.
 На двете концертни вечери во Градскиот парк оркестарот ќе го води диригентот Џијан Емин, кој ги направи и аранжманите за вториот концерт „Љубов и револуција“ на 29 јуни. Тој искажа задовлство што и годинава му е доверено да ги води концертите под ведро небо, по ланскиот концерт на отворено на кој настапи Феми Кути, за кој рече дека бил настан што им ги кренал очекувањата и размислувањата во кој правец да се движат.
– Чувството на мир, слобода и среќа кои се врзани за времето кога бевме деца беше нашата примарна намера за конципирањето на програмата на концертот „Ну погоди“. Сите кои ќе дојдат ќе ја почувствуваат магијата на оваа музика, и помладите, и оние кои израснаа со овие цртани филмови. Возбудлив ќе биде и вториот концерт „Љубов и револуција“. На овој концерт ќе има и хор кој заедно со оркестарот ќе ѝпонуди на публиката специјално музичко и визуелно доживување. Изведбата на симфонискиот оркестар и на хорот ќе биде проследена со специјална проекција на огромни платна и светлосен дизајн – вели Емин.
Концертите се организираат во соработка со Младинскиот културен центар и со поддршка на Град Скопје. 

Слични статии